Бизнис-заедницата порачува: Нулта толеранција за високата корупција и за бирократизираноста во администрацијата! Бизнис-секторот, праќајќи јасна порака во јавноста за намалување на неформалната економија и искоренување на корупцијата, пред сѐ обрнува внимание на формирање цврста и непоколеблива политичката волја на креаторите на политиките за елиминирање на овие општествени слабости. Бизнис-заедницата апелира на зајакнување на капацитетот и за координација на институциите одговорни за спроведување на мерките, вклучувајќи што побрзо воведување ноу-хау однадвор. Бизнисот посочува и на отстранувањето на бирократските пречки за добивање разни дозволи и согласности…
Бизнис-заедницата ги детектира економските предизвици за 2023-та: Поенергична битка против корупцијата (5)
Корупцијата, отежнатите услови за стопанисување, енергетската криза, високата инфлација, високите фискални зафаќања и недостигот од работна сила се шесте главни ризици за економијата во 2023 година што ги посочија од македонските компании. Во анкетите за перцепцијата на граѓаните и на бизнисмените, Македонија се рангира како висококорумпирана земја, за што говорат и годишните извештаи на „Транспаренси“, во кои нашата земја во однос на владеењето на правото се наоѓа на 63-то место од 140 држави. Сето ова наведува на постоење „неповолна“ бизнис-клима за водење бизнис. Според Стејт департментот на Соединетите Американски Држави, во Македонија има сериозен системски проблем со корупцијата, посебно високата корупција. Приватните бизниси низ анкетите потврдиле дека во повеќе случаи им бил побаран поткуп, особено во врска со јавните набавки и владините проекти. Анкетите меѓу граѓаните, исто така, потврдуваат корупција во администрацијата, каде што јавните службеници бараат помали плаќања или услуги „за да завршат работа“.
Неколку аргументи на бизнис-заедницата во прилог на нејзиниот став за постоење „системски опструкции на бизнисот“
Во претходните сеопфатни истражувања се споменува дека 6,5 отсто од сите фирми што имале контакт со службени лица во текот на една календарска година платиле поткуп. Со извештајот се посочува дека „поголемиот број случаи на поткуп доаѓаат од малите фирми отколку од фирми од друга големина“. Најчесто, поткупот за државните службеници е во форма на храна и пијалак, потоа со плаќање во натура во замена за незаконската „услуга“, а околу дваесетина проценти ги потплатиле службениците во готово. Посебен проблем што произлегува од отсуството на владеење на правото е постоењето високо ниво на сива економија, што негативно се одразува на компаниите што работат според пропишаните законски регулативи. Како главни причини за сивата економија се сметаат даноците, невработеноста, интензитетот на регулацијата, бирократијата, социјалните средства исплатени од Владата итн. Според компаративната перспектива, Македонија има висок удел на неформална активност во индустријата, домашните услуги, зелените пазари и се движи до 40 отсто од БДП.
Поголема активност во спречување на корупцијата
Според „Фајнанс тинк“, досегашните процени за сивата економија во земјава се дека се движи од 21,3 до 39,5 отсто од бруто-домашниот производ. Намалувањето на неформалната економија првенствено зависи од политичката волја на креаторите на политиките и капацитетот и координацијата на институциите одговорни за спроведување на мерките за намалување на неформалната економија, но и од економскиот развој на земјата, кој е детерминиран од структурни фактори, како недостиг од физички капитал, ниска продуктивност и низок развој на образованието, и социодемографски карактеристики.
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) пред два месеца го објави извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени за 2021 година, во коj се вклучени и наоди од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки, анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година. Главен заклучок од мониторингот на јавни набавки е дека се зголемува вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 отсто од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД „Електрани“, МВР и Министерството за образование и наука. Меѓу другите забелешки се дека: институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори, додека комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите.
– Антикорупциската комисија е една алка во системот, институција со превентивна улога, која во изминатиот период укажа на многубројни системски слабости и предложи препораки за надминување на истите тие, но и иницираше постапки за кривична и друг вид одговорност. По овие препораки и иницијативи другите институции многу малку постапија, па затоа позитивната оцена од извештајот за напредокот на земјата треба да се валоризира не само како признание за работата на комисијата туку и за натамошно унапредување на борбата против корупцијата и судирот на интереси во земјата преку зголемување на ефикасноста на другите институции, кои понатаму треба да постапат кон целосно затворање на предметите. Сметам дека оваа состојба може да се надмине единствено со висока свест, интегритет и професионализам во сите сфери на општествениот живот, вредности што, за жал, се потиснати и многу ретко доаѓаат до израз кај нас – вели Билјана Ивановска, претседателка на Комисијата за спречување на корупцијата.
Од бизнис-заедниците се залагаат за подобрување на целиот систем на јавни набавки, преку поголема транспарентност и достапност на сите склучени договори и прилози за јавни набавки, вклучувајќи и директни договори во електронски формат. Потоа, да се избегнуваат тендери за јавни набавки со само еден единствен понудувач, со цел зајакнување на конкурентноста. Потребно е да се подобри надзорот над јавните набавки на големите јавни набавувачи (претпријатија во државна сопственост и комунални претпријатија) заради максимална ефикасност и намалување на неправилностите.
Неопходно подобрување на услугите на јавната администрација и на локалната самоуправа
Македонските компании континуирано се жалат на бавната процедура во добивањето на потребните дозволи за градење или на друг вид одобренија за приклучоци, кои се издаваат од централната и од локалната власт. Бирократските пречки се најголеми при одобрувањето на приклучокот на електродистрибутивната мрежа, на што беше посочено и од Агенцијата на странски компании во Македонија. Во некои населени места има проблеми и со напонот на електричната мрежа. На централно ниво, проблемите се поврзани со подолгите процедури на граничните премини, што го отежнува транспортот на производите меѓу земјите од регионот.
– Не сум задоволен, иако има релаксирање на прекуграничното движење на стоките. Работиме на релаксирање на условите и на времето за поминување на граничните премини, со цел нивно целосно елиминирање. Процесот е долг и тежок, но ние сме упорни и работиме на тоа да ја постигнеме целта – да воспоставиме регион без граници. Во јули и во август, лица вработени во комората беа присутни на граничниот премин Табановце – Прешево, со цел изворно, директно да се информираат од компаниите, но и преку следење на работата на институциите, за проблемите со кои се соочуваат, за непосредно да ја согледаат состојбата на граничниот премин. Од посетите утврдивме десетина проблеми врзани за долгите колони камиони на границите, кои сè уште се присутни. Постои неусогласеност меѓу службите за царинење и инспекциските служби во работното време, а има и проблем со постапките за царинење – изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Во рамките на иницијативата на Отворен Балкан беше иницирана идејата за воспоставување на одделната лента, односно посебната лента за влез на товарни возила за земјите од Отворен Балкан. Во насока на поттикнување поголема трговска размена и на инвестициите во земјата, бизнисмените бараат наредната година да се интензивираат проектите во инфраструктурата, која ќе овозможи побрз патнички и железнички сообраќај, како и подобро снабдување со енергентите. М.Ј.