Очекувањата на стопанските комори во земјава се дека македонската влада во наредната година ќе се фокусира на оние економски политики што се во функција на подобрување на конкурентноста на македонските компании, како основа за забрзување на економскиот раст и развој на земјата. Кои би биле тие фокуси за остварување конкурентска предност на пазарите за македонските компании?
Бизнис-заедницата ги детектира економските предизвици за 2023-та: Подобрување на конкурентноста на компаниите (4)
Многубројните ризици за глобалната економија носат неизвесност за македонската економија во наредната година, што ја наметнува потребата од подобрување на конкурентноста на компаниите, за да се минимизираат ефектите од екстерни фактори што значајно влијаат врз деловниот амбиент и условите за меѓународно тргување. Македонскиот извозен сектор е исправен пред значителни предизвици што се однесуваат на задржување на постојните пазарни позиции на регионалните и меѓународните пазари, но истовремено и предизвици за зајакнување на сопствените конкурентски предности, кои и пред кризата беа ограничени, посочуваат од бизнис-асоцијациите во Македонија. Прогнозите на странските компании во земјата се дека во 2023 година ќе остварат помали нето-приходи за една третина во однос на изминатата година. Околу 12 отсто од нив, поради намалениот обем на работа би можеле и да посегнат по најнепопуларната мерка – да го намалат бројот на вработени, покажа анкетата што беше спроведена од страна на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комора на Македонија. Затоа, меѓу главните приоритети за наредната година треба да биде подобрувањето на конкурентноста на домашните извозни компани! Конкурентноста кај нас ја намалуваат високите трошоци за енергенти, недостигот од соодветни кадри, бирократијата и непочитувањето на процедурите, правната неизвесност, честото менување на регулативата, (не)владеењето на правото итн.
Очекувањата на стопанските комори во земјата се дека македонската влада во наредната година, слушајќи ја бизнис-заедницата, своите економски политики ќе ги насочи кон подигнување на извозните капацитети и конкурентноста на македонските компании како основа за забрзување на економскиот раст и развој на земјата!
Обезбедување поевтини суровини и енергенти
Македонските компании во изразено влошени економски услови се борат со конкуренцијата од фирмите во регионот, кои користат субвенционирана електрична енергија, но и поевтини цени на суровините, кои ги набавуваат со царински олеснувања и повластени стапки на ДДВ. Тоа, според бизнисмените, значи дека за одржување на конкурентноста на производите на македонските компании мора да се погрижи и државата, преку изедначување на условите за стопанисување. Приоритет во програмите за поттикнување на извозната активност треба да им се даде на компаниите со најголем извозен потенцијал, а тоа се земјоделскиот сектор, производи од прехранбената индустрија и пијалаци, производи од металопреработувачката индустрија, но и одредени производи од машинската и електроиндустријата.
– Исто така, многу е важно бизнис-секторот да има амбиент за работа што е предвидлив. На пример, Стопанската комора иницира, а Министерството за финансии прифати, иако со одредени модификации, да се воведе нешто што се нарекува даночен календар, со кој се утврдуваат роковите во кои може да се воведуваат измени во даночната сфера. Ние бараме какви било измени што значат зголемени давачки за приватниот сектор по основа на даноци или други давачки да се објават во „Службен весник“ најдоцна до 30 јуни во тековната година, за да можат да се применат од почетокот на следната календарска година. На тој начин и фирмите ќе можат да ги вградат во своите финансиски планови за наредната година импликациите од предвидените даночни измени. Исто така, невидената криза со цените на енергентите јасно укажува дека сега не е моментот за воведување дополнителен фискален товар за компаниите – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Надминување на проблемот од недостигот од работна сила
Проблемот со недостиг од квалификувана работна сила е фактор што исто така битно влијае на конкурентноста на компаниите. Со тој проблем сѐ повеќе се соочува македонската економија. Тоа е резултат на интензивниот процес на флуктуација и на заминување на кадарот од нашата земја во европските држави. Бројката уште повеќе ќе се зголемува со новите најави на некои европски земји за олеснување на процедурите за прием на странски работници во своите земји. Во изминатите години е проценето дека од Македонија околу 700 илјади лица заминале на привремена работа во странство или трајно се отселиле.
Според економските анализи на Стопанската комора, дури 63 отсто од компаниите бараат работници со стручни вештини што ги нема на пазарот на трудот. Причината е забележана во отсуството на стабилни и ефикасни институции, високата корупција и големата политичка нестабилност, отсуството на соодветна инфраструктура и економски структурни реформи, несоодветните услови за водење бизнис, инвестициската нестабилност, неквалитетниот образовен и здравствен систем, како и желбата за подобар животен стандард.
– Затоа се потребни реформски зафати за подобрување на квалитетот, особено во стручното образование, бидејќи 53 отсто од новите работни места се поврзани со стручното образование, а само 10 отсто се поврзани со високото образование. Се прави обид недостигот од квалификуван кадар да се надмине преку системот на дуално образование. Овој модел на образование не значи само учење стручни вештини што му се потребни на пазарот на трудот, туку овозможува компаниите сами да го обликуваат кадарот по своја мера, кој ќе биде обучен и квалификуван веднаш да се вклучи во работниот процес. Нашите податоци покажуваат дека сме успешни во тоа. Почнавме со 16, а сега имаме речиси 500 компании што се вклучени во дуалното образование. Обучивме околу 500 ментори од компаниите за реализација на практичната обука, а околу 50 компании се верификувани за практична обука на ученици – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Од организацијата на работодавци во Македонија, во пакетот мерки за излез од економската криза, предлагаат воспоставување поголема флексибилност на пазарот на трудот, односно можност за работно ангажирање млади лица над 16 години, заради „задоволување на потребите од пониско квалификувана работна сила“. Со искористувањето на дел од овој работен потенцијал, може да се намали дефицитот од работници, пред сѐ, во услужниот и туристичкиот сектор, како и во земјоделството и во трговијата, во кои можат полесно да се вклучат лицата што немаат стекнато работни навики.
Подобрување на инфраструктурата како фокус за подобрување на конкурентноста
Една четвртина, или 25 отсто од компаниите опфатени со анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, се изјасниле дека не се задоволни од инфраструктурата во местото каде што ја вршат дејноста, 30 отсто се задоволни, а 45 проценти дале неутрален одговор.
– Постои влошување на незадоволството во однос на минатата година, кога изнесуваше 10 проценти. Шеесет и пет проценти рекле дека сѐ уште имаат потреба од решавање инфраструктурни проблеми, како канализација, пристапен пат и приклучок на вода. Вкупно 55 отсто од компаниите би сакале дополнителни инфраструктурни услуги. Прво што побаравме е да има олеснување на постапките за поставување фотонапонски централи надвор од технолошко-индустриските развојни зони од над 1 мегават на покривните конструкции. Некои од компаниите имаат погони што се 20, 30 или 50 илјади квадратни метри – изјави Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании. М.Ј.