Анализата направена за дијагноза на јавното здравство во изминатата година, во инвестирањето, организацијата, почитување на протоколи и сѐ останато во делот на здравствени услуги, даде еден резултат кој што не е добар за нас како држава, истакна министерот за здравство Беким Сали.
– Не е добар показател само дека се движиме во позитивна насока, туку навистина треба да засукаме ракави и да размислиме како сакаме да продолжиме – изјави Сали во интервју за телевизија Телма.
Според него, во јавното здравство се трошат средства за институции кои не испорачуваат доволно квалитетни услуги, како една приватна здравствена установа.
– Проектната единица во Министерството за здравство работеше во делот на рационализација и консолидација на капацитети и наша констатација е дека буџети се трошат за институции кои што не испорачуваат доволно квалитетни и во доволен број услуги колку што испорачува една приватна здравствена установа – истакна министерот.
Според него, ако една приватна установа може да функционира со цени кои што се формирани и за јавното и за приватното здравство и на крај на годината да прикаже позитивен финансиски исход, како е можно јавното здравство да не покаже позитивен исход. Затоа, нагласи Сали, бил избран пристапот за рационализација на здравствените установи.
– На Владата и понудивме решение за хроничната болка на јавното здравство и јас лично го сметам како идеално решение, што треба да го покажат и други институции кои ќе бидат вклучени во визибилноста, оправданоста на целата таа концепт идеја за реформирање, за менување на локации и од градски болници да ги претвориме во регионални болници. Два града да добијат една ефикасна болница, со сите здравствени услуги, а не како постоечките болници кои што функционираат со 30-35 отсто од капацитетот, а трошоците се 100 проценти за сите вработени во таа здравствена установа, во некомплетни оддели – рече Сали.
Тој потенцира дека интересот за приватниот здравствен сектор и за фондови што вршат осигурувања за приватното здравство се зголемува, додавајќи дека иако тоа е еден тренд што се случува во сите држави во светот.
Сепак, според Сали, не сите граѓани на државата можат да си дозволат приватно осигурување и затоа се базираат на јавниот сектор каде се присутни поголеми проблеми, но тој сепак има и успешни приказни.
– Во системот кој што функционира во последните 30 години, таков каков што е, можам да издвојам десетици, ако не стотици успешни приказни во јавното здравство кои што денес ни влеваат самодоверба – додава Сали.