Како да ја запреме инфлацијата во 2023 година?

Прогнозите покажуваат дека поскапувањата и високите каматни стапки ќе продолжат и следната година, но дека стабилизација на економијата треба да се очекува од средината на 2023 година
Една од најголемите и најзначајни теми за дебата и истражување во 2022 година со сигурност беше инфлацијата, која го погоди целиот свет. Државите сè уште наоѓаат начини како да се справат со огромниот раст на цените на производите, а револтот на граѓаните се зголемува. Според реномираниот весник „Форбс“, главните причини што довеле до ваква состојба во целиот свет, како и во Македонија, се ефектите од коронавирусот, намалувањето на снабдувањето со нафта од ОПЕК, како и од руската инвазија врз Украина. Почетокот на оваа криза го лоцираме во кризата со пандемијата на ковид во 2020 година. Безбројните карантини, глобални проблеми со извози и увози на стоки и производи полека но сигурно ни навестија дека ни се заканува нова светска економска криза. Следно, во февруари 2022 година се случи нападот на Украина од страна на Русија, што, според многу аналитичари, придонело за уште поголем и забрзан раст на инфлацијата на светско ниво.
Русија секако ја има контролата за големо снабдување со нафта, особено во Европа. Украина е одговорна за извоз на храна низ целиот свет. Имајќи предвид дека тие се среде војна, извозот е отежнат. И Русија го намали својот извоз на нафта за да изврши притисок врз земјите да го ограничат износот на помошта што ѝ ја даваат на Украина. Намалувањето на извозот на руска нафта и украинскиот извоз на храна доведе до недостиг и зголемување на цените.
Последната голема причина ни доаѓа од 5 октомври, кога ОПЕК најави дека ќе го намали производството на нафта за два милиони барели дневно. Од ОПЕК смируваа дека тоа е безбедна варијанта во случај на рецесија, но таквиот потег доведе до вртоглаво зголемување на цените на горивата. Покрај овие „главни виновници“ за кризата во која се наоѓаме, мораме да додадеме дека постојат и други причини што само ја дополнуваа кризата, како што се слабото планирање на буџетот од државниот врв, слабото менаџирање и управување во услови на криза, невработеноста, зголемувањето на минималната плата, замрзнувањето на цените на одредени продукти итн.

Кризата за првпат јасно се почувствува во летните месеци јуни и јули, каде што стапката на инфлација насекаде низ светот го достигнуваше ,врвот. Во САД, во тој период, инфлацијата го доживува најголемиот пораст во последните неколку години и се искачува до стапка од 9,1 отсто. Во Европската Унија, сликата е поинаква. Најголемата стапка на инфлација ЕУ ја доживува во октомври 2022 година, со просечна стапка од 11,5 отсто од членките во Унијата.
Според реномираниот портал „Треидинг економикс“, стапката на инфлација во Македонија летото 2022 година била 16,8 отсто, што е историски највисока стапка на инфлација во земјата од нејзиното осамостојување во 1991 година. Инфлацијата била висока и во другите земји од поранешна Југославија: Словенија (11 проценти), Србија (13,2 проценти), Хрватска (12,3 проценти), Црна Гора (15 проценти) и Босна и Херцеговина (16,7 проценти). Сите наведени земји имаат пониска инфлација во однос на Македонија. Сепак, сите овие земји достигнале историски највисока стапка на инфлација.
Слабото менаџирање од властите може да доведе до зголемени проблеми во државата на секаков можен план. Ваков негативен пример ни даваат две големи држави, Турција и Аргентина. Иако се доста далечни држави, особено Аргентина, мораме да ги земеме предвид, бидејќи, нели, „на грешките се учи“.
Во Турција во октомври годинава е измерена стапка на инфлација од вртоглави 85,51 отсто. Една од главните причини за нивната висока инфлација е падот на нивната валута, лирата. Претседателот на Турција, Ердоган, оди спротивно на сите правила на економијата, кои велат дека во услови на инфлација, државата треба да ги покачи каматите кон комерцијалните банки. Тој е уверен во идејата дека покачувањето на каматните стапки ќе ја зголеми инфлацијата, а не дека ќе ја намали. Во Аргентина ситуацијата е уште позагрижувачка. Таму инфлацијата достигнала 86,40 отсто во октомври. Според анализа на порталот „Ел паис инт“, луѓето во Аргентина не живеат, туку преживуваат, што дава доволна слика за тамошната состојба.
Како што ги одбројуваме и последните денови од оваа година, многу е нормално размислувањата да ги насочиме и кон следната, 2023 година. Голем број светски аналитичари и политичари уверуваат дека ќе дојде до стабилизирање на инфлацијата. Сепак, сето тоа го кажуваат со голема доза резерва, вадејќи се на тоа дека сѐ ќе биде во ред доколку не се случат поголеми шокови во светот.

За почеток, министерката за финансии на САД, Џенет Јелен, уверува дека инфлацијата ќе се намали. Таа верува дека до крајот на следната година ќе бидеме сведоци на значително пониска инфлација, доколку не дојде до неочекуван шок, како што рече Јелен во интервјуто за „60 минути“ на Си-би-ес. Запрашана за веројатноста за рецесија, поранешната претседателка на Американската централна банка (ФЕД) одговори дека постои таков ризик.
Според европскиот комесар за економија Паоло Џентилони, цените се очекува да се намалат во 2023 година, инфлацијата сѐ уште се предвидува да биде на седум отсто во ЕУ и 6,1 отсто во еврозоната, пред да се намали на три отсто во ЕУ и 2,6 отсто во еврозоната во 2024 година. Прогнозата на ЕУ се заснова на претпоставката дека геополитичките тензии, како што е војната во Украина, нема да се нормализираат ниту да ескалираат и дека санкциите против Русија ќе останат во сила.
Европската централна банка во меѓувреме трипати ги зголеми каматните стапки оваа година за да се справи со растечките цени. Банката би можела да продолжи да ги зголемува каматните стапки, што влијае на комерцијалните банки, што значи дека хипотеките и кредитните картички ќе станат поскапи.
Кога станува збор за состојбата во Македонија, ставовите и мислењата се умерени. Во 2023 година се очекува стабилизација на состојбата, но тоа би се случило кон средината на годината. Прогнозите покажуваат дека инфлацијата, поскапувањата и високите каматни стапки ќе ја обележат и следната година, но дека стабилизација на каматните стапки и на растот на цените треба да се очекува од средината на 2023 година.
Од Владата и предлог-буџетот за 2023 година се очекува инфлацијата да се намали на околу седум проценти, што е доста оптимистички. Според Сања Маџаревиќ-Шустер, виша економистка за земјите од Западен Балкан, Македонија е во групата на земји со умерен раст. Според неа, кризата ќе се намали, но, сепак, цените ќе се задржат на повисоко ниво за разлика од тоа на кое сме навикнати.
Исто така, таа истакнува дека Македонија во моментов е во најповолна положба за разлика од другите држави од Западен Балкан и има најсилен пакет од сите шест земји во смисла на поддршката што им се дава на фирмите и на домаќинствата гледано од фискална страна.
Сѐ на сѐ, можеме да согледаме дека сепак постои поголема доза на оптимизам отколку на песимизам во погледите кон 2023 година. Дали овие предвидувања ќе се остварат или се кажуваат само за да се смири и онака лошото расположение кај народот, останува да видиме во претстојната година.

Димитар Христов

(respublica.edu.mk)