За првпат од 1991 година е објавена книга со превод на македонска поезија за деца на словенечки јазик. Деновиве, во Љубљана излезе од печат двојазичната книга „Смешна случка во зоолошка градина“ („Smešnica v živalskem vrtu“) со песни од македонски автори, со која преку креативни работилници, македонската литература за деца ќе биде присутна во градинките и основните училишта ширум Словенија.
За ова денеска информираа од МСМЈЛК при УКИМ.
– Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), изминативе години, меѓу другото, преку лекторската настава по литература на своите летни школи, се залага за поттикнување поголем интерес на странските македонисти и слависти и за македонската литература за деца. Затоа, на неа е посветен и посебен дел од учебникот по македонска литература и култура за странци – пишува во соопштението.
Како што посочуваат оттаму, залагањата веќе резултираат со конкретни активности за поголема меѓународна афирмација на македонската литература за деца, како преку наставата на странските универзитети и истражувачки проекти на странските македонисти и слависти, така и преку книжевниот превод, при што објавувањето на книгата со македонска поезија за деца во Словенија е најновиот остварен издавачки проект.
– Кога со колешката Бисерка Бобнар ја истражувавме рецепцијата на македонската поезија за деца во Словенија, сфативме дека по 1991 година не е преведена ниту една поетска книга за деца од македонски автор. Затоа се решивме да се активираме и за почеток да подготвиме барем еден мал избор. Мило ми е што Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана, како издавач ја прифати нашата идеја со отворени раце – истакнува професорката Намита Субиото, раководителка на љубљанската Катедра за македонски јазик и литература, како и на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.
Таа напоменува дека оваа книга може да послужи и како мини каталог преку кој потенцијалните словенечки издавачи ќе се информираат за квалитетот на современата македонска поезија за деца.
– Покрај на Универзитетот во Љубљана, зголемен интерес за македонската литература за деца има и на други странски универзитетски центри и тоа не само во рамките на наставата, туку и како истражувачки предизвик на странските книжевни проучувачи, коишто се интересираат за македонската литература и тоа особено на истражувачи од помладите генерации. Во периодов, активно се работи и на неколку нови преводи на македонски книги за деца на повеќе јазици, од кои дел се очекува да бидат објавени веќе во текот на следната година. Со објавувањето на книгата со превод на македонска поезија за деца на словенечки јазик, се заокружува и чествувањето на големиот јубилеј 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана. Претходно, во текот на јубилејната година, во превод на словенечки јазик беше објавено и севкупното поетско творештво на првата современа македонска поетеса Даница Ручигај – се наведува во соопштението.