Предновогодишно, „Или-или“ во едицијата „ПРОаЗА“ ја објави збирката раскази „Далеку од Ирска“ од прославениот ирски писател Вилијам Тревор.
Преводот од англиски на македонски е на Ацо Пероски, а книгата е дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
„Далеку од Ирска“ е избор од расказите на Вилијам Тревор, кои ги обединува тоа што дејството е сместено надвор од родната земја на авторот, но во кои Тревор го истражува познатиот терен: малите таги и радости што го сочинуваат нашето секојдневие. Во расказите во оваа книга можеме да го засведочиме елегантниот и луциден стил на овој автор.
Магазинот „Паблишерс викли“ за авторот напиша: „Тревор е мајстор на кратката фикција. Неговата внимателно напишана лирска проза, истовремено иронична и елегична, е невозможно да ја испуштите од рака. Неговите приказни се длабоки, емотивни и незаборавни.“
Вилијам Тревор (1928 – 2016) е класик на ирската книжевност. Пишувал романи, драми, есеи, книги за деца, но најзначаен е како автор на раскази. Во жанрот на кратката проза, Тревор е добитник на некои до најзначајните награди од англиското говорно подрачје.
Некои од неговите позначајни романи се: „Два живота“, „Патувањето на Фелиција“, „Смрт во лето“, „Приказната за Луси Галут“, „Љубов и лето“. Расказите на Тревор се објавени во повеќе од дваесет збирки, публикувани во период од пет децении.