Во своето предупредување, американскиот конгресмен Ворен Дејвидсон (републикански конгресмен и член на Комитетот за финансиски услуги на Конгресот на САД) пред неколку дена го повика Министерството за финансии на САД да преземе акција поради „корупциски дејства“ што ги загрозуваат „стабилноста и безбедноста на сојузниците на НАТО во Европа“ од лица носители на високи функции во Бугарија. Тој аргументираше и за политичко-малигни влијанија што се сконцентрирани во Југоисточна Европа, при што беше дециден дека тие се генерирани „вклучувајќи и меѓу земјите на НАТО, како што е Бугарија“!
Поаѓајќи од ваквите искази на авторитети што имаат врвен приод за анализа и синтеза за одредена појава/проблем, јавно презентирани низ контролно-надзорниот инструментариум на институциите на САД што се неприкосновени на тоа поле, нашите соговорници пронаоѓаат силни аргументи за надоврзување на истата тема. Имено, однесувањето на Бугарија спрема Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, со непристојни историско-идентитетски уцени, создава сериозни индиции дека оваа земја не го загрозува само НАТО (како што тврди американскиот конгресмен) туку и принципите и вредностите на низа други меѓународни организации, како Европската Унија, Европскиот парламент, Советот на Европа, па и Обединетите нации…

Загриженост на САД за високата корумпираност и организираниот криминал во Бугарија

Американскиот конгресмен Ворен Дејвидсон, на 22 декември 2022, го повика Министерството за финансии на САД да преземе акција против бугарскиот главен обвинител Иван Гешев за „корупциски дејства“ што ги загрозуваат „стабилноста и безбедноста на сојузниците на НАТО во Европа“. Дејвидсон, кој е републикански конгресмен и член на Комитетот за финансиски услуги на Конгресот на САД, испрати писмо до државната секретарка (министерка) за финансии Џенет Јелен, предупредувајќи дека во Југоисточна Европа се сконцентрирани политичко-малигни влијанија, при што беше дециден дека тие се генерирани „вклучувајќи и меѓу земјите на НАТО, како што е Бугарија“! Во своето предупредување, американскиот конгресмен Ворен Дејвидсон истакнува и дека „очигледното непочитување на американските санкции од страна на бугарскиот државен обвинител е неприфатливо и мора да се реши“!

Остри реакции во контролните надзорни институции во САД за политичко-безбедносно-финансиски дубиози во Бугарија на највисоко ниво

Во писмото до Јелен, конгресменот Дејвидсон се повикува на пресудата на бугарскиот суд дека американскиот сет на закони, наречен Магнитски, не може да се примени во Бугарија. Во јуни 2021 година, Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) санкционира за корупција тројца Бугари и нивните мрежи, кои опфаќаат 64 ентитети. Овој потег беше дел од најголемата акција на Глобал Магнитски преземена во еден ден, насочена кон повеќе од 65 поединци и ентитети за нивните значајни дела на корупција во Бугарија.
Акцијата беше насочена кон познатиот бугарски коцкарски магнат Васил Божков, поранешниот пратеник и медиумски тајкун Делјан Пеевски и заменик-шефот на Националното биро за контрола на специјалните уреди за собирање разузнавачки информации Илко Жељазков. Наводно, Божков во неколку наврати поткупувал владини претставници. Овие функционери вклучуваат актуелен политички лидер и поранешен претседател на сега укинатата државна комисија за коцкање, објавија САД.
Според американското министерство за финансии, Пеевски е медиумски магнат што претходно бил бугарски пратеник и често бил поврзуван со корупција, користејќи шверц на влијание и мито за да се заштити од јавен надзор и да врши контрола врз клучните институции и сектори во бугарското општество.
Наводно, Пеевски го користел Жељазков за да спроведе шема за поткуп со документи за бугарско жителство за странци и поткуп на владини службеници преку различни средства во замена за нивните информации и лојалност, тврдат САД. Во своето писмо, Дејвидсон напиша дека назначените лица, според законите Магнитски, ги уценувале актуелните министри со кривични пријави од канцеларијата на бугарскиот државен обвинител.
– Оружувањето на високата канцеларија на обвинителите во корист на организираниот криминал и корупцијата е сериозна закана за стабилноста на важен сојузник на НАТО и, генерално, на Балканскиот Регион – напиша Дејвидсон.

Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД: Упорна корупција, намалена слобода на медиумите, политизација на судството во Бугарија

Тој изрази жалење што „видовме само ескалација на недоличното однесување на бугарското судство“ од март 2021 година, кога Комитетот за надворешни односи на Сенатот издаде двопартиска изјава во која ги осудува „упорната корупција, намалената слобода на медиумите, политизацијата на судството“. На 4 март 2021 година, двајца американски сенатори од Комитетот за надворешни работи издадоа историска заедничка изјава дека „неконтролираната корупција, недостигот од слобода на медиумите и политизацијата на судскиот систем ги загрозуваат односите меѓу САД и Бугарија“. Соопштението го потпишаа претседателот на Комисијата за надворешни работи на Сенатот на Конгресот на САД, Боб Менендез, и сенаторот Џим Риш. Двајцата сенатори напишаа дека САД ќе ги поддржат активностите за враќање на независноста на медиумите и владеењето на правото во Бугарија.
Само четири месеци подоцна, американското министерство за финансии воведе санкции според глобалниот акт Магнитски против Пеевски и Божков. Бугарското обвинителство започна истрага за обвиненијата за корупција во САД, но не пронајде ништо. Истрагата против Пеевски беше прекината точно една година подоцна, со аргумент дека обвинителите не откриле докази за сторено кривично дело. Гешев рече дека санкциите „Магнитски“ се административно-политичко средство на САД што не произведува задолжително правен ефект во Бугарија. Конгресменот Дејвидсон напиша дека „извештаите за корупциски дејства на бугарскиот државен обвинител Иван Гешев предизвикуваат особена загриженост“.
– Бугарските компании за критична инфраструктура и одбрана рутински се префрлаат на руски санкционирани банки и други корумпирани елементи и покрај санкциите – констатира Дејвидсон.
Тој, исто така, истакна дека бугарските истражувачки новинари морале да бидат предупредени од американската амбасада за непосредна закана само неколку дена откако пријавиле корупциски обвиненија против Гешев.

САД се обидуваат преку законите „Магнитски“ да ја
направат Бугарија нормална европска и демократска држава

– Сегашната загриженост на САД за токсичната корумпираност и организиран криминал во Бугарија, кои ги загрозуваат евроатланските институции како ЕУ и НАТО, отвора едно друго прашање. Дали кога ја примаа Бугарија во НАТО и во ЕУ се размислуваше само за геополитичкото безбедносно покривање на регионот, без да се земат предвид внатрешните општествено-политички слабости на земјата, кои се покажа дека не можат да се контролираат само со нејзино инсталирање во евроатлантските сојузи. Ако се мислеше (пред сѐ во САД) дека самата геополитичка контрола на регионот ќе влијае на процесите за демократизација и легално работење во општествата и политичкото дејствување на земјите што беа прифатени во НАТО и ЕУ-сојузите, излезе дека тоа е промашена геостратегиска процена. Самото зачленување во сојузите на земјите од поранешниот Источен блок, без притисок да ги променат своето внатрешно уредување и практики на политичко дејствување според стандардите на демократијата, не е делотворна стратегија за контрола на регионот. Де јуре, САД имаат контрола над регионот преку воено-политички и политичко-економски сојузи (НАТО и ЕУ), но де факто – всушност и немаат влијание, зашто секоја земја-членка воспоставува сопствени закони на својата територија, односно внатрешнополитичко уредување. Борбата со корупцијата и организираниот криминал е токму во рамките на внатрешнополитичкото уредување и државното законодавство. На едно повисоко ниво, САД согледуваат дека во Бугарија не постојат политичка волја и капацитет да се справи со корупцијата и организираниот криминал, па сега се обидуваат преку законите Магнитски да ја направат нормална европска и демократска држава. Бидејќи изразената корупција и организираниот криминал влијаат и врз европските фондови што доаѓаат во Бугарија и потоа исчезнуваат – објаснува воено-политичкиот аналитичар Оливер Андонов, универзитетски професор на Воената академија во Скопје.

Бугарија ги нарушува стабилноста и интегритетот на највисоките светски организации

Однесувањето на Бугарија спрема Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, со непристојни историско-идентитетски уцени, создава сериозни индиции дека оваа земја не го загрозува само НАТО (како што тврди американскиот конгресмен) туку и принципите и вредностите на низа други меѓународни организации, како Европската Унија, Европскиот парламент, Советот на Европа, па и Обединетите нации. Со својата ретроградна, противправна и хегемонистичка политика со елементи на фашизам спрема Македонија, Бугарија им ги нарушува стабилноста и интегритетот на највисоките светски организации. ЕУ ја загрозува со злоупотреба на консензусот во одлуките за проширување, изразено преку ветата за Македонија за почеток на преговори за полноправно членство. Не почитувајќи ја Повелбата за основните човекови права, Бугарија ги загрозува авторитетот и интегритетот на Организацијата на Обединетите нации. Одбивајќи да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските организации на нејзина територија, Бугарија изразува елементарно непочитување на овој суд, дел од системот на Советот на Европа… Со своето однесување, Бугарија како да има намера да се квалификува за „глобален непријател број1“ и да оди сама против целиот свет.
– За да се прикријат тие проблеми на Бугарија со корупцијата и организираниот криминал, се измислува проблем со Македонија, од политичко-етничка природа и човекови малцински права. Притоа се „замајуваат“ ЕУ и НАТО дека проблемот е во Македонија, а не дека го држат отворено прашањето на македонските евроинтеграции отворено, за да го свртат вниманието од корупциско-криминалните вкоренети практики во врвот на бугарската политика. За жал, ваквото однесување на Бугарија не значи дека во Македонија нема корупција и политички организиран криминал. Дури може да се каже дека проблемот со Македонија се држи отворен, за корупциско-криминалните структури на двете страни (бугарска и македонска) да можат да си продолжат со истата активност, додека меѓу двете земји и народи се создава недоверба и нема соработка. За жал на нивниот (бугарскиот) и нашиот (македонски) јавен обвинител, Гешев и Јовевски, нашите клучни партнери во НАТО, САД, гледаат што се случува и каде е главниот проблем, па инсистираат на спроведување на глобалниот закон Магнитски. Доколку се спроведе тој закон и во Бугарија, но и во Македонија, ќе се расчисти со корупцијата и организираниот криминал, што ќе отвори простор за нормална соработка и нормални билатерални односи, а глупавите историски прашања нема да се поставуваат како услов за македонските евроинтеграции – заклучува професорот Андонов, наведувајќи дека сепак треба да има одговорност и во Бугарија (но и во Македонија) за сите уцени и блокади на македонските евроинтеграции, во контекст на борбата со организираниот криминал и корупцијата.


Што се законите Магнитски?

Законите за рестриктивни мерки и насочени санкции поради корупција и прекршување на човековите права, познати и како законодавство Магнитски, се закони од најновата генерација. По претходната генерација закони во контекст на заштита на човековите права (за заштитник на правата на граѓаните, забрана на дискриминација, слободен пристап до информации од јавно значење, заштита на лични податоци и сл.), т.н. законодавство Магнитски се фокусира на наметнување насочени лични и имотни санкции за конкретни физички и правни лица одговорни за корупција и сериозни прекршувања на човековите права.
Целните лични и имотни санкции првенствено вклучуваат забрана за движење (визни ограничувања) и ограничување на располагањето со имот и финансиски средства (замрзнување средства), на лица инволвирани во транснационална корупција, лица што неосновано водат правни постапки против граѓаните што се залагаат за слободно остварување на нивните уставни човекови права (слобода на говор, јавна одговорност на државните функционери, слобода на јавно собирање итн.), како и на лица што институционално, фактички или преку медиумите им се закануваат и ги прогонуваат оние што откриваат корупциски афери (свиркачи). Спротивно на општите национални санкции против една држава што го засегаат целото население (во голема мера и невините граѓани), суштината на законодавството Магнитски почива на поединечни репресивни мерки, насочени ad personam врз основа на соодветниот регистар на „специјално назначени лица“, кои се насочени поединечно против конкретни физички или правни лица поради корупција и повреда на човековите права.
Во последните десет години сè поголем број земји, вклучувајќи ги и земјите од Европската Унија, одлучија да воведат некаква форма на законодавство Магнитски во својот правен систем, било како посебни сеопфатни закони во форма на т.н. глобално право Магнитски (САД, Канада, ЕУ), било во форма на измени на постојните даночни или кривични закони (Велика Британија, Естонија, Литванија, Латвија итн.) Законодавството Магнитски е именувано по рускиот државјанин Сергеј Магнитски (1972 – 2009), кој бил ревизор во странска консултантска фирма во Москва. Неговото апсење во 2008 година и неговата смрт по единаесет месеци во полициски притвор предизвикаа реакција на меѓународната јавност и започнаа истраги за корупција, кражби и сериозни прекршувања на човековите права во Русија. Самиот Магнитски откри дека имало огромен грабеж на државниот имот, кој индиректно бил олеснет или директно извршен од државни функционери на Руската Федерација. Наместо да ги гонат одговорните службеници, руските власти го уапсија Магнитски. Тој почина во затвор седум дена пред истекот на рокот од една година до кој можеше да биде притворен без судење.