Фото: Нова Македонија

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (15)

Урбаната сиромаштија просторно е лоцирана во приградските населби и ја сочинуваат главно имигранти од сите делови на државата, повеќето вработени (до деведесеттите години на минатиот век) во индустријата на градот и најчесто на
нископлатени работни места, од кои денес еден незанемарлив дел е надвор од редовен работен однос и во најголем дел е жртва на транзицијата на стопанството на градот

Стратегијата за решавање на проблемите на сиромашните квартови претпоставува неколку конкретни препораки што би требало да бидат вградени во урбанистичките планови.
Прво, дефинирање на статусот на овие населби низ систем на прецизни индикатори на економски, социолошки, урбанистички, правнонормативен и политички план. За планот се значајни урбанистичките индикатори. Второ, дефинирање на целите на урбаната политика во насока на формирање наменски фондови што исклучиво ќе бидат насочени кон решавање на статусот на овие населби. Трето, активности за вработување (самовработување, самопомош), отворање разни сервисни услуги во населбата, за што е потребна и урбанистичка регулатива.
Урбаната сиромаштија просторно е лоцирана во приградските населби и ја сочинуваат главно имигранти од сите делови на државата, повеќето вработени (до деведесеттите години на минатиот век) во индустријата на градот и најчесто на нископлатени работни места, од кои денес еден незанемарлив дел е надвор од редовен работен однос и во најголем дел жртва на транзицијата на стопанството на градот.
Ова население во најголем број во сопствена режија го има решавано станбеното прашање на периферијата на градовите, а особено тоа е видливо во речиси сите поголеми градови и Скопје како главен и најголем град во државата.
Изградбата на станбените живеалишта најчесто беше надвор од урбанистичката регулатива, станува збор за нелегални градби, на земјиште што сѐ уште не е правно регулирано, многу се легализираа од градските власти и добија статус на легални градби, но и во нив практично и понатаму не е вложувано ништо од страна на државата за подобрување на населската инфраструктура. ГУП на Скопје мора да ја редефинира нивната состојба во насока на подобрување на стандардот на живеење што произлегува од условите во населбата и инфраструктурата.
Основните претпоставки во политиката за намалување на сиромаштијата во приградските делови од градовите и подобрување на условите за нормален живот се базираат во дооформување (изградба) на потребната населска инфраструктура и со нивната легализација тие да станат рамноправни со другите делови на градот и имаат право на користење на градските фондови. Некои од овие активности се во тек. Овие постапки се планирани во рамките на урбанистичките планови, со една јасна препорака, која треба да биде вградена во планот.
а) Приоритет при изградбата на градот треба да добијат оние делови што се најзапоставени во досегашниот развој, на кои им недостига понекој важен елемент на урбана комунална инфраструктура. б) Тоа може успешно да се реализира во рамките на подготовката на урбанистичките планови.
Најголемите предизвици на светот последниве години, сиромаштијата, природните катастрофи и растечките цени на храната и на горивото имаат голема врска со брзата урбанизација. Урбанизацијата засекогаш го менува начинот на кој ги користиме земјата, водата и енергијата. Ако процесот добро се сработи, може да им помогне на луѓето подобро да живеат. Ако се сработи лошо, ја намалува безбедноста, ја уништува средината и ја забрзува маргинализацијата на оние што веќе страдаат. Нашата брза урбанизација не може да се нарече хармонична ако жителите на сиромашните населби не ги уживаат привилегиите за наоѓање работа и за подобрување на нивните животни услови.
Основите на стратегијата на планирањето мора да претрпи суштински промени во смисла на акцентирање на оние делови од градот во кои живеат депривилегирани градски слоеви, а урбанизмот во тој поглед е „идеално“ поле за намалување на разликите.
Реформите во периодот на транзицијата на политичкиот и социјален систем предизвикаа сериозни нарушувања и недоследности во процесот на стратегиското планирање, поконкретно помеѓу националното, регионалното и градското (општинското) ниво. Се создаде еден вакуум во планирањето, кој создаде дополнителни проблеми во изградбата на градот, кој долго време беше надвор од почитувањето на правилата за градба својствени за големите градови. Успешноста на имплементација на новите стратегиски и плански решенија, за кои впрочем и не постои согласност, во голема мера зависи од способноста на локалната администрација.
Процесот на девастација и загрозување на просторот се шири. Причини за тоа има многу, меѓу кои: потиснувањето на творечките потенцијали, кои се заменети со административни, долгите процедури околу издавањето дозвола за градба, злоупотреба на положбата на админи

Илија Ацески

(Продолжува)