Едно време ми се смачи (цел живот) да ја гледам онаа позната карикатура со четирите волци што ’ржат околу Македонија со подзинати усти. Се залажував дека времето ја прегазило. Сакав да верувам, патем, дека е тоа уметничка слобода, дека луѓето околу нас не се такви, дека работите се променети оти сега сме слободна држава што потпишува договори за добрососедство и пријателство, дека влегува во некакви отворени балкани, крајезерски договори и што уште не. Во такви околности би се подразбирало дека е време волците да се приберат. Да си легнат во некој зимски сон, иако не се мечки, но можат да се приберат кај некоја „мечка“ да им го дотера паметот.
Или, пак, можат да одат во некој волчи „бордел“, па таму да си најдат волчешка „долче вита“. Арно ама, ни басните не се тоа што беа едно време. Таман ќе помислиме дека се прибрале, си легнале, туку, еве ги волците, се вдале кон нас (некои од нив од кај борделот, а некои од кај мечката)… Ќе заржат одвреме-навреме, колку да нѐ потсетат дека се тука
Почнувам да се сомневам во себеси. И не само во себеси туку и во сите оние што тврдат дека „живееме во држава што не ја бива“!? Изгледа дека сепак нешто вредно кај нас има. Нешто што самите не го гледаме, а силно ги привлекува луѓето да нѐ сакаат. Односно, не само нас да нѐ сакаат (читај присвојат) туку да ја сакаат нашава држава или уште попрецизно нашава земја, територија.
Па се чудам, до нас ли е, до нашава перцепција ли е или некој ни мачка очи дека ништо што е наше, па и ние самите не вредиме, што нам што сме овде ни се смачи и бараме чаре да си заминеме, а на оние однадвор им е ќеф што си ја постигнуваат целта. Стапка по стапка. Па ја сакаат пустата Македонија, не се откажуваат. Ѝ се намерачиле, па тоа ти е.
Едно време ми се смачи (цел живот) да ја гледам онаа позната карикатура со четирите волци што ’ржат околу Македонија со подзинати усти. Се залажував дека времето ја прегазило. Сакав да верувам, патем, дека е тоа уметничка слобода, дека луѓето околу нас не се такви, дека работите се променети оти сега сме слободна држава што потпишува договори за добрососедство и пријателство, дека влегува во некакви отворени балкани, крајезерски договори и што уште не. Во такви околности би се подразбирало дека е време волците да се приберат. Да си легнат во некој зимски сон, иако не се мечки, но можат да се приберат кај некоја „мечка“ да им го дотера паметот. Или, пак, можат да одат во некој волчи „бордел“, па таму да си најдат волчешка „долче вита“.
Арно ама, ни басните не се тоа што беа едно време. Таман ќе помислиме дека се прибрале, си легнале, туку, еве ги волците, се вдале кон нас (некои од нив од кај борделот, а некои од кај мечката)… Ќе заржат одвреме-навреме, колку да нѐ потсетат дека се тука. Очигледно, на некои нови баснописци им се замерачило.
А, еве и еден несекојдневен пример… Ќе се најде така некој околиски началник господин Виќо, кој, нели, „дупи оддалеку, одоколу“, па туку ќе ни ја плесне во лице. Па така, вториот човек на српскиот Совет за регулирање на електронските медиуми, Милорад Вукашиновиќ, во едно неодамнешно телевизиско интервју ја расплел тезата дека Бугарите се Срби. Но изгледа тоа му било малку, па ја проширил дека и другите балкански народи се исто така Срби, вклучувајќи ги и Македонците. Интересно е дека еден од клучните аргументи за таквата теза му бил дека имале српска гимназија во Солун.
Од Софија веќе се навикнавме да нема ден без некоја провокација. Секојдневно, речиси циклично се менуваат партиските експоненти што блујат најразни гадости и измислици во обидот да добијат што поголема поддршка кај тамошниот народ, без да забележат дека токму најгласните испаѓаат во трката и ги снемува од политичката сцена. Интересен феномен, најгласните против Македонија, први исчезнуваат од политичката карта или се сместуваат во некое ќоше, во темница, чекајќи некоја нова шанса да кажат нешто на политичката сцена. И како тоа да не им беше доволна поука на политичарите, дојде дотаму што дури ја замешаа и црквата, која, наводно, е одвоена од државата, но која повторно манифестира подмолно етикетирање на нашата црква со име што само тие го користат. Се покажа дека наводната мајка што пред извесно време дури и се понуди да ѝ помогне на нашата црква била само уште една маќеа од народните приказни.
А кога сме кај басните, кај приказните, деновиве уште една интересна се случуваше во Приштина, каде што тамошните лидери Албин Курти и Вјоса Османи на некаква свеченост делеа слики и признанија на кои е аплицирана картата на „голема Албанија“ во која се вклучени делови од Западна Македонија. Тие си направија свеченост, јавноста ги виде фотографиите и видеоматеријалите, но изгледа нашите политичари не следат медиуми. А како поинаку да се протолкува тоа што никој не спомна ниту збор за ваквата провокација.
Во најмала рака нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи требаше да го повика амбасадорот на Косово и да му врачи протестна нота. Но тоа би требало да е така во нормалниот живот. Ние овде се занимаваме со басни, бајки и приказни.
И кога ќе направиме еден ваков, макар само од една седмица, пресек, сомневањето станува уште посилно. Изгледа дека сепак земјичкава не ни е лоша. Добра е, одлична е! Наша е! И ничија друга! Но навистина треба да се преиспитаме самите што толку ни згрешила, па од лошо, полошо ѝ правиме, низ децениите, низ годините. А потоа посакуваме да заминеме, наместо да останеме овде и да се соочиме со самите себеси. Откога тоа прво ќе го расчистиме, тогаш ќе ни биде прелесно да се соочиме и да расчистиме и со волците околу нас, и со мечката, а и со куќниот ред во јавната куќа.