На 40-годишнината од нејзиното стапување на британскиот престол, кралицата Елизабета Втора забележа дека „1992 година не е година во која ќе гледа наназад со големо задоволство. Според зборовите на еден од нејзините соработници, таа се покажала дека е ужасна година“. Сега веќе познатиот говор на покојната кралица следуваше по една година со непријатни случувања за кралското семејство, вклучувајќи ги и пожарот во палатата Виндзор, разводите на двете нејзини деца (со третото кралско разделување што следуваше следниот месец) и разни незаконски објавувања во медиумите.
Восхитувачкото отворено и искрено признавање на овие тешкотии од страна на кралицата помогна да се зацврсти во наредните три децении огромната домашна и глобална почит кон монархијата. Како што постепено се ближи новата година, Федералните резерви на САД (ФЕД), сакајќи да се оттргнат од својата втора последователна „ужасна година“, би било добро да го послушаат нејзиниот пример. Тоа е најдобрата шанса што може ФЕД да ја искористат за да го вратат кредибилитетот на политиката, да ја подобрат својата репутација и да ја намалат својата ранливост на прекумерното политичко мешање, а сето тоа ќе биде од клучно значење за нивната ефикасност и, според тоа, за економската благосостојба пошироко.
Во текот на изминатите две години, ФЕД покажаа дека ужасно може да погрешат во процената за инфлацијата. Прогнозите беа толку далеку што некои поранешни функционери на ФЕД јавно и постојано ги отфрлаа, што е многу невообичаена појава. Како резултат на тоа, политичарите ја прокоцкаа можноста да реагираат навремено за да ги задржат зголемувањата на цените, кои оттогаш ја нарушија куповната моќ на сите, најсилно погодувајќи ги најранливите сегменти на општеството.
Уште полошо, дури и откако ја препознаа својата грешка, во ноември 2021 година, ФЕД повторно згрешија со тоа што не реагираа доволно брзо. Дури во март 2022 година, тие престанаа да вшприцуваат ликвидност во економијата, која сè повеќе ја зафаќаше инфлацијата, а нивното прво зголемување на стапката тој месец беше скромно, од 25 базични поени.
Економистите и пазарите сè повеќе се загрижени дека овие сложени грешки ја поставија основата за уште една грешка. Бидејќи најмоќната централна банка во светот е принудена да го следи најтешкото и најбрзо темпо во циклусот на зголемувања на каматните стапки во последните децении и во време кога економијата веќе забавува, постои зголемена загриженост дека ќе ја доведе американската економија во непотребна рецесија.
Ниту, пак, слабото работење на ФЕД е ограничено на нивната анализа и креирањето политики. Нивната комуникација, исто така, предизвика големо незадоволство. Во повеќе од една пригода во последните две години, ФЕД дадоа доста непромислени забелешки, како на пример кога во јули сугерираа дека нивната основна стапка е веќе на неутрално ниво. Набрзо се покажа дека тој коментар е крајно наивен и, разбирливо, предизвика широки критики, вклучувајќи и од поранешниот министер за финансии на САД, Лоренс Х. Самерс, кој го нарече „аналитички неодбранлив“ што укажува на „пуста желба“.
Во своите најнови проекции на последната прес-конференција за годината, ФЕД излегоа од шаблонот за да им сигнализираат на пазарите дека нивната основна стапка најверојатно ќе биде 5,1 отсто на крајот на 2023 година. Ова беше поддржано од 17 од вкупно 19 претставници на ФЕД, но сепак пазарите сè уште не го вклучија во пресметките. Наместо тоа, пазарите на фјучерси укажуваат на каматна стапка од 4,4 отсто, предвидувајќи исто така дека ФЕД ќе бидат принудени да ги намалат стапките во текот на следната година, и покрај сѐ што беше спротивно кажано.
Сите овие случувања предизвикуваат очигледна загриженост за ефективноста, положбата и угледот на институцијата, која игра и мора да игра апсолутно клучна улога и во американската економија и во меѓународниот монетарен систем.
Тие не само што го ослабуваат нивниот авторитет, го поткопуваат влијанието на нивните предвидувања и ја нагризуваат ефикасноста на нивното напредно водство, туку исто така може да ги изложат на надворешно мешање. Тоа дополнително може да ја загрози оперативната автономија што ФЕД треба да ја испорачаат во својата служба.
Гледајќи напред, веројатно е дека ФЕД немаат направено доволно за да ги надоместат своите претходни грешки за инфлацијата. Додека инфлацијата се намалува и ќе продолжи да се намалува, тоа ќе биде по цена на непотребно оштетување на средствата за живот. Откако дозволија инфлацијата да се вгради во структурата на економијата, сè уште постои ризик, подоцна во 2023 година, таа да се залепи на стапката над целта на ФЕД од два отсто. Доколку се случи тоа, Банката на федералните резерви ќе мора да избере помеѓу еднакво непријатни политички опции, а сето тоа ќе стане уште поболно за општеството ако САД влезат во рецесија.
За да се соочат со ваквите предизвици, ФЕД ќе треба да ги надминат неуспесите од 2021-2022 година. Нивната задача сега има клучна надворешна компонента, како и еднакво важна внатрешна. Затоа оваа важна институција мора да ја научи лекцијата од извонредниот говор од пред 30 години на покојната кралица.
Мохамед ел-Еријан е професор на школата „Вартон“ при Универзитетот во Пенсилванија