Големиот план на Пекинг
Пекинг работи на пакет за поддршка во вредност од повеќе од трилион јуани (143 милијарди долари) за својата полуспроводничка индустрија. Според западни медиуми, пакетот на Кина исто така е и „реакција на забраната на САД за извоз на производи што се користат во индустријата, чија цел е забавување на технолошкиот напредок на Кина“.
Со стимулативниот пакет, според економски аналитичари, Пекинг има цел да ја се засили поддршката за кинеските компании за чипови за изградба, проширување или модернизација на домашните производствени, монтажни, пакувања и капацитети за истражување и развој, велат изворите.
Последниот план на Пекинг вклучува и повластени даночни политики за полуспроводничката индустрија во земјата.
Кина планира да го воведе она што ќе биде еден од нејзините најголеми фискални стимулативни пакети за пет години, главно преку субвенции и даночни кредити за да го поттикне производството на полуспроводници и активностите за истражување дома, велат изворите.
Тоа сигнализира, како што очекуваа аналитичарите, подиректен пристап на Кина во обликувањето на иднината на индустријата, која стана геополитички „жежок компир“ поради зголемената побарувачка за чипови и на која Пекинг гледа како камен-темелник на својата технолошка моќ.
Планот би можел да биде имплементиран веќе во првиот квартал од следната година, изјавија два извора за „Ројтерс“.
Најголем дел од финансиската помош ќе биде искористена за субвенционирање на кинеските фирми за купување домашна опрема за полуспроводници, главно погони за производство на полуспроводници, рекоа тие. Таквите компании ќе имаат право на субвенција од 20 проценти за трошоците за набавка, велат изворите.
Планот за фискална поддршка беше откриен откако американското министерство за трговија усвои широк сет на регулативи во октомври, со кои, меѓу другото, може да се забрани пристапот до напредните чипови со вештачка интелигенција на истражувачките лаборатории и комерцијалните центри за податоци.
Соединетите Американски Држави, исто така, лобираат некои од нејзините партнери, вклучувајќи ги и Јапонија и Холандија, да го заострат извозот во Кина на опрема што се користи за производство на полуспроводници.
Во август, американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша значаен закон со кој се обезбедуваат грантови од 52,7 милијарди долари за производство и истражување на полуспроводници во САД, како и околу 24 милијарди долари даночни кредити за фабриките за чипови.