Претставниците на бизнис-заедницата и економските експерти предупредуваат дека треба да се биде внимателен во ваквата монетарна политика, зашто на крајот некој ќе мора да го плати цехот. Дали фирмите, кои поради високите банкарски камати ќе мораат да ги намалуваат своите економски активности или да ги намалуваат другите трошоци, како што се плати или инвестиции, или, пак, граѓаните преку враќање поскапи потрошувачки кредити, односно поради минусните салда на банкарските картички, кои ги направиле поради покривање на своите месечни потреби за живот?
И нобеловецот Џозеф Е. Стиглиц посочува на ефектите и последиците од определбата на централните банки да ги зголемат каматните стапки
Промените во поставеноста на монетарната политика како повод
Народната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,50 процентни поени до нивото од 4,75 отсто, со што продолжува со затегнувањето на монетарната политика, започната уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност. Од НБМ велат дека „затегнувањето на монетарната политика дало симболични резултати во смирување на инфлаторниот притисок, кој се засили на почетокот на годината поради енергетската криза и случувањата во Украина“. Годишната стапка на инфлација во ноември забави на 19,5 отсто, со што просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8 отсто. Објаснувањата на „монетарците“ се дека „околу 76 отсто од овој раст е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата“. Но тоа на што предупредуваа домашните компании и економските експерти, натамошното воведување поригорозна каматна политика, може да доведе до забавување на економските активности, поради поскапите банкарски кредити за покривање на тековната ликвидност. И самата Народна банка во својот редовен извештај констатира дека „расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во четвртиот квартал се недоволни, но засега се во прилог на очекувањата дека растот ќе забавува до крајот на годината“.
Во услови на повисока цена на енергијата и на репроматеријалите, кредитната изложеност на фирмите е поголема
Во однос на монетарните движења, според првичните податоци за ноември, кредитната активност и натаму расте, но поумерено и во согласност со очекувањата, додека растот кај депозитите забрзува посилно од очекувањата.
– Последните промени на каматните стапки веќе се одразуваат на висината на вкупните трошоци на работењето кај компаниите, кои поради природата на производниот процес се ориентирани да користат банкарски кредити или други надворешни извори на финансирање. Во услови на повисока цена на енергијата и на репроматеријалите, кредитната изложеност на фирмите е поголема. Навистина, Народната банка се обидува преку монетарните мерки што ѝ се на располагање да влијае првенствено на смирување на девизниот пазар, курсот на денарот или на инфлацијата… Но треба да се биде внимателен во ваквата монетарна политика, зашто на крајот некој ќе мора да го плати цехот. Дали фирмите, кои поради високите банкарски камати ќе мораат да ги намалуваат своите економски активности или да ги намалуваат другите трошоци, како што се плати или инвестиции, или, пак, граѓаните преку враќање поскапи потрошувачки кредити, односно поради минусните салда на банкарските картички, кои ги направиле заради покривање на своите месечни потреби за живот – ни изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата.
Инаку, очекувањата се дека ќе продолжи понатамошното затегнување на монетарната политика од страна на глобалните централни банки, кое ќе се одрази и на намалување на економскиот раст, па и ќе доведе до рецесија во некои развиени земји. Во САД, заради согледувањата на инвеститорите дека ценовните притисоци во САД се намалени, се зголемија очекувањата за поумерено зголемување на референтната каматна стапка од страна на ФЕД. Очекувањата на пазарите во однос на каматната стапка на ЕЦБ исто така се во насока на нејзино понатамошно зголемување, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од идната динамика на глобалните цени на примарните производи.
Не е поентата на крајот цехот да го (пре)платат фирмите и граѓаните
Во меѓувреме сѐ поприсутни се мислењата на признаени меѓународни економски експерти, кои предупредуваат дека затегнувањето на монетарната политика и зголемувањето на каматните стапки сѐ повеќе е проблем отколку решение за намалување на инфлаторниот бран. Џозеф Е. Стиглиц, добитникот на Нобеловата награда за економија и професор на универзитетот „Колумбија“, посочува на ефектите од „непоколебливата определба на централните банки да ги зголемат каматните стапки, кои во име на скротувањето на инфлацијата намерно тргнаа на пат да предизвикаат рецесија или да ја влошат доколку дојде до неа“. Последиците од тоа, според него, ќе ги трпат сиромашните и маргинализирани групи. Добро насочените фискални политики и другите пофино усогласени мерки имаат подобри шанси да ја скротат денешната инфлација отколку тапите, потенцијално контрапродуктивни монетарни политики, заклучува Стиглиц.
Справувањето со инфлацијата не е работа само за централните банки, таа може да се смири и со соодветна реакција на Владата и на нејзините министерства, смета Љубе Трпески, поранешниот гувернер на Народна банка. Според него, еден добар дел од инфлацијата во Македонија е увезена, односно е резултат на конфликтот меѓу Русија и Украина и економската војна меѓу западните земји и Русија, додека другите чинители се домашни.
– Народната банка веќе презема мерки, онака како што прават и другите централни банки во светот, но мерките на централните банки се ефикасни ако инфлацијата е предизвикана од зголемена побарувачка на стоки и услуги (инфлација на побарувачка), а сегашната инфлација е предизвикана од зголемените трошоци (инфлација на трошоци), па во таков случај, поефикасни се мерките од фискалната политика – нагласува Трпески. М.Ј.