Британскиот премиер соопшти дека речиси 13.000 Албанци пристигнале досега во Велика Британија, а третина од нив со помош на чамци

Британскиот премиер Риши Сунак најави нови мерки за справување со големиот број албански мигранти што пристигнуваат во Велика Британија и бараат азил. Тие вклучуваат ставање гранични службеници на Велика Британија во Албанија, која Риши Сунак ја нарече „безбедна просперитетна европска земја“

Зошто силно нагорен тренд на миграции на Албанци кон Велика Британија?

Според официјалните бројки на службите, во изминатите неколку години е забележано енормно зголемување на албанските мигранти што го преминуваат каналот Ла Манш. Статистиката покажува дека во 2020 година, 50 од нив го преминале со помош на чамци, потоа лани на британско тло пристигнале 800, а во првите девет месеци од 2022 година биле регистрирани 11.241 албански мигрант. На 13 декември, британскиот премиер соопшти дека речиси 13.000 Албанци пристигнале досега во Велика Британија, а третина од нив со помош на чамци. Повеќето од нив се неженети возрасни мажи, чија бројка претставува околу еден отсто од албанските работоспособни мажи, според бројките на „Евростат“, кои ги пренесува „Би-би-си“ во својата репортажа.
Началникот на тајната команда за закани од каналот, Ден О’Махони, соопшти пред Комитетот за внатрешни работи дека станува збор за експоненцијален раст главно поради фактот што албанските криминални банди се концентрирале на северот на Франција.

Колку албански мигранти добиваат азил?

Во период од 12 месеци, до септември 2022 година, 85 отсто од Албанците што пристигнале во Велика Британија со чамци, поточно 7.219 лица, поднеле барања за азил. Само 50 од нив (0,7 отсто) добиле првично решение за нивното барање и ниту еден од нив не добил статус на бегалец или друг вид одобрение за престој. Генерално, 53 отсто од барањата на Албанците се прифатени. Повеќето се од жени и деца.
Националната агенција за криминал (НЦА) соопшти дека некои албански мигранти лажно тврдат дека се жртви на трговија со луѓе, користејќи стандардни писма за да аплицираат за помош. Албанците се најчесто споменуваната националност за поддршка на трговијата со луѓе во Велика Британија. Другите албански мигранти едноставно исчезнуваат и работат нелегално во државата, пред да се вратат дома, според началникот О’Махони.
Албанците можат да аплицираат за влез во Велика Британија со виза за туризам, деловно патување или за студирање. Во првите девет месеци од 2022 година, Велика Британија прими 24.102 барања за визи од албански граѓани и одобри 16.084 од нив, според бројките на Министерството за внатрешни работи, а само 325 од нив се работни визи.

Како е во Велика Британија во споредба со остатокот од Европа?

Во првите девет месеци од 2022 година, Франција обработи повеќе барања за азил од Албанци отколку Велика Британија, но повеќето од нив ги одби. Потоа следуваат Германија и Грција, а Велика Британија е зад нив, која дава азил со значително повисока стапка од другите, освен Ирска. Еден експерт за миграција истакна дека некои земји биле побрзи во донесувањето одлуки за азил од Велика Британија, посочувајќи дека во третиот квартал од 2022 година (од јули до септември), Франција донела над 31.000 првични одлуки. Тоа е ист вкупен износ како и последните седум квартали во Велика Британија.
Се чини дека на земјите од Европската Унија (ЕУ) им е тешко да ги вратат неуспешните баратели на азил во нивните земји на потекло (според овој извештај на Европската комисија), иако нема споредливи статистички податоци за тоа.

Колку Албанци успева Велика Британија да врати во нивната татковина?

За 12 месеци до крајот на јуни 2022 година, вкупно 888 Албанци беа вратени од Велика Британија. Албанците претставуваа најголем број странски престапници вратени назад во годината до септември 2022 година. Премиерот Сунак рече дека сака да го зголеми бројот на вратени во Албанија со формирање нова единица составена од 400 специјалисти за обработка на албанските случаи „во рок од неколку недели“, со подигнување на прагот што некој треба да го исполни за да се смета за жртва на „модерното ропство“, ново упатство за работниците во случајот дека Албанија е „безбедна земја“ и со испраќање британски гранични службеници на аеродромот во главниот град Тирана.

Што ги тера Албанците да го напуштат Балканот?

На 7 декември, Ќирјако Ќирко, албански амбасадор во Велика Британија, им рече на пратениците дека некои албански мигранти доаѓаат во државата за да бараат деловни можности. Тој исто така тврдеше дека некои „се преправале“ дека се жртви на модерното ропство. Говорејќи на истата пратеничка комисија, балканскиот експерт Анди Хоџај процени дека околу 40 отсто од луѓето ја напуштаат Албанија поради „подобри економски можности“.
Три децении по падот на диктатурата на Енвер Хоџа и отворањето на границите на Албанија, околу 60 отсто од возрасната популација сакаа да ја напуштат земјата, според анкетата на „Галуп“ објавена во декември 2018 година. Како главни причини беа наведени корупцијата, ниските плати, лошите услови за работа и слабиот квалитет на живот. Просечниот годишен нето-приход на домаќинствата во Албанија изнесувал само 1.997 евра во 2018 година, според најновите достапни податоци од „Евростат“, додека во Велика Британија тој изнесувал 21.464 евра. Исто така, невработеноста на младите кај Албанците (луѓе на возраст од 15 до 29 години) е 20 отсто.
Албанија аплицира за членство во ЕУ и преговорите за тоа беа отворени во јули 2022 година. Во моментов, албанските граѓани можат да влезат во ЕУ без визи и да останат до 90 дена во кој било период од 180 дена како туристи, но тие немаат автоматско право да работат, студираат или живеат таму.

Голема загриженост во Британија за опустошувањето од албанските банди

Во својот брифинг на пратениците за албанските мигранти, началникот О’Махони рече дека „несомнено има луѓе на кои им е потребна британска помош, но има и голем број што намерно си поигруваат со системот“. Меѓу другото, тој ја нагласи улогата на албанските криминални банди во Велика Британија. НЦА вели дека овие банди се одговорни за увоз на канабис за одгледување во индустриски размери во Велика Британија и исто така се водечки играчи на пазарот на кокаин во вредност од пет милијарди фунти. Во 2017 година, албански државјанин бил затворен откако водел операција за шверц на кокаин вредна околу 60 милиони фунти.
Според извештајот на „Балкан инсајт“ од август оваа година, има пораст на анонимните кориснички сметки за рекламирање трансфер на луѓе од Албанија во Велика Британија на платформата Тикток. Огласите нудат да се носат луѓе во Велика Британија од Франција со чамци или од Белгија со камиони, по цена од 2.000-5.000 фунти за лице. Минатата година, британското министерство за внатрешни работи ја продолжи својата програма за да ги пренасочи ризичните албански тинејџери од приклучување кон бандите што шверцуваат луѓе и кокаин во Велика Британија. Исто така, Албанците сочинуваат една од најголемите странски национални групи во затворите низ Англија и Велс.
Албанскиот премиер Еди Рама во објава на Твитер напиша дека „Велика Британија треба да се бори против криминалните банди од сите националности и да престане да ги дискриминира Албанците за да ги оправдува неуспесите во политиката“.

Подготвил: Mарјан Велевски