Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе го прифати барањето на приватните автобуски превозници од Скопје за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и откако тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.
– Можам да кажам: „да“, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје. И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид – истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата посветена на буџетот на МТСП за 2023 година.
Тој додаде дека кога ќе се исполнат условите за дијалог без притисок, базиран на факти и со вклученост на сите коишто се надлежни да го решат проблемот, тогаш може и да има средба со приватните автобуски превозници.
Премиерот потенцира дека е против одземање на ингеренциите на Град Скопје, бидејќи тоа би значело враќање на процесот на децентрализација.
Приватните автобуски превозници, кои протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ во Скопје, откако не добија одговор на барањето за средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, вчера побараа да бидат примени од премиерот Димитар Ковачевски. Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според него, можно е да се радикализираат протестите.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст и останаа да протестираат само на бул. „Илинден“ во околината на Град Скопје.