Дијана Петкова, поетеса и уметница
Збирката „Скротителка на змејови“ е ново дело од Дијана Петкова. Содржи 64 кратки форми, т.н. хаи(бун)наку, што симболично ја претставуваат годината на раѓање на авторката 1964, која, пак, е година на змејот во земјите што го следат кинескиот хороскоп. Дијана Петкова е поетеса и уметница. Досега ги издала збирките поезија: „Стефанија“, „Деца од свила“, „Нова реалност за просторот“, „Честичка свесност“, „Мамо, што има за јадење?“, „Енсо – Поврзување со целоста“ и „Поврзи се…“, „Растајнување на светлината“, „Момент во денот“ и „Скротителка на змејови“.
Како се наметна потребата да ја создадете оваа нова кратка форма на изразување?
– Оваа година ја започнав полетно. Веќе вториот ден од годината почнав да работам на проект што го одложував неколку години по ред. Сè се одвиваше по планот до почетокот на април кога предноста што ја имаше проектот ја презеде друга, поважна активност, поради која го ставив во мирување. Во меѓувреме учествував на групна изложба на слики со делото „Скротителка на змејови“. Не ни помислував дека сликата ќе ме поттикне да создадам ваква збирка. Знаев само дека сакам да ги споделам тие дамнешни доживувања што се во книгата и почнав да пишувам. Напишав четири хаибуна пред да си го поставам прашањето дали мора хаибунот да е со хаику, зошто наместо хаику да не вметнам хаи(на)ку. Така, инспирирана од јапонскиот хаибун и филипинското хаи(на)ку, со кои подетално се запознав во 2018 година на Работилницата за ориентални кратки поетски форми, која ја водеше поетесата Елена Пренџова, ја создадов новата форма и ја нареков хаи(бун)наку. Заградувајќи го „бун“ сакав да истакнам дека се работи за инаков хаибун, зашто содржи хаинаку што се чита кога ќе се изостави она што е напишано во заградата. Тоа е едноставна книжевна форма достапна за сите оние што сакаат на едноставен начин да му кажат нешто на светот.
Каква збирка е „Скротителката на змејови“?
– Од моја гледна точка, „Скротителката на змејови“ е збирка за поврзување со емоциите побудени од спомени, скротени во корист на вистинските вредности на животот. Спомените за одредени доживувања поврзани со одредени случки задржани во моето сеќавање ми се вечна инспирација. Во „Скротителка на змејови“ се навраќам на безгрижните детски денови поминати за време на зимскиот и летниот распуст во Пехчево, каде што живееја баба ми и дедо ми, на случките со другарка ми Лидија – Литка, заборавените детски игри „џамија“, „народна“, „стаклена бавча“ и на секојдневните случувања со Тони – душата близнак.
Која е убавината на кратките поетски форми, на кој начин ја стимулираат вашата креативност?
– Мајка ми, која е учителка и описменувала деца, младинци и возрасни во повоениот период, секогаш ни велеше мене и на сестра ми дека исказот треба да ни биде концизен, за да разбере соговорникот или читателот за што зборуваме. Истото тоа, во текот на едно предавање, ни го кажа и професорот Коста Пеев, кога ни ја раскажа приказната за некој што му пишувал писмо на пријателот велејќи му: „Драг пријателе, ти пишувам надолго и нашироко, зашто немам време да ти напишам во кратки црти што ми се случува и како се чувствувам.“ Кратките форми бараат будност,така што, убавината на кратките форми ја гледам во умеењето да се стиши умот, што му помага на срцето да се растовари во/со отчукувањата додека ползува збор вреден да ја израдува душата и достоен да биде запишан. Тоа ослободување од непотребни мисли што ми дозволува да нурнам во длабочините на моето битие, од каде што почнувам да создавам, тоа е стимулот.
Какви пораки носат вашите хаи(бун)накуа?
– Додека пишував не размислував дали моите хаи(бун)накуа носат некаква порака. Поврзувањето со емоциите, нивното запишување и објавување во збирка ми беше поважно, зашто тие не се само сведоштво за едно безгрижно живеење поразлично од она на денешниве генерации, туку и непресушен извор на инспирација. Дали сум испратила некаква порака споделувајќи ги тие емоции можат да кажат само читателите. За промоција на збирката искористив две техники од плејбек-театарот што ги работевме минатата година со италијанско-швајцарската поетеса и актерка Лучила Трапацо, на десетдневната работилница, организирана од културниот центар „Јадро“. Едната техника е глава-стомак, а другата приказна во приказна. Плејбек-театарот е интерактивна форма на импровизиран, спонтан театар, во кој некој од публиката раскажува за некој момент, случка од својот живот, емоција, сон, врска, меморија, детаљ, визија, конфликт. Откако ќе го сослушаат, на самото место, без глума и договор, актери и музичар сценски ги оживуваат моментите од животот и искуствените приказни од раскажувачот. Единствениот услов е приказната да биде лична и вистинита. Техниките од плејбек-театарот се покажаа како вистински избор за промоција на „Скротителка на змејови“. Содржината на приказните ни беше позната мене и на Емилија Дамјановиќ, како актери, но не знаевме која што ќе одигра и како ќе ја пренесе емоцијата во публиката.
Какви активности се одвиваат во креативниот центар „Арс вивенди“?
– Во креативниот центар работат ликовно студио и студио за креативно пишување. Во ликовното студио децата ги искажуваат емоциите користејќи бои, а во студиото за креативно пишување – пишаниот збор. Кога доаѓаат во нашиот центар, од моментот кога ќе почнат до мигот кога ќе заврши посетувањето на часовите ја гледаме разликата, поточно, недостигот од поттик во формалното образование децата отворено да зборуваат за она што ги мачи. Користејќи одредени ликовни и книжевни техники, членовите на студиото се самоосознаваат, соочувајќи се со убавината на своето битие, почнуваат полесно да се изразуваат и да комуницираат со врсниците, што ја јакне нивната самодоверба.