Заканите и нападите врз полицијата се напад и врз институциите и државата / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последниот инцидент во Арачиново кога биле нападнати полициски службеници ја отвора дилемата дали Арачиново, можеби, е забранета зона за полицијата, владеењето на правото и за спроведување на законите или некој можеби прогласил екстериторијалност. Оваа општина е составен дел од државата и таму мора да се почитуваат и спроведуваат законите и институциите. Македонија не е и не смее да биде третирана како Див Запад, категорични се аналитичарите

СЀ ПОЧЕСТИТЕ НАПАДИ НА СЛУЖБЕНИ ЛИЦА КАКО ПОВОД

Повеќе медиуми вчера објавија вест, повикувајќи се на неофицијални извори, дека во Арачиново се случил инцидент со полициска патрола што се обидела да легитимира возач на автомобил. Според верзијата пласирана во медиумите, а за која сѐ уште немаше потврда во билтенот на МВР, ситуацијата можела да ескалира, но, за среќа, до тоа не дошло. Побаравме официјална информација од надлежните служби во МВР, но во очекување на нивниот одговор ќе се обидеме да направиме реконструкција на настанот според она што беше пласирано во јавноста.

НАПАД НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ

Доколку се потврди оваа информација, само со жалење мора да констатираме дека ова не е првпат полициски службеници да бидат нападнати од физичко лице, кое смета дека е над нив и над законот и дека може да прави што сака. Уште се свежи сеќавањата за настанот од пред некој ден кога возач се оглушил на наредбата на полицијата да застане затоа што возел непрописно опремен автомобил, па дошло до брканица со службените лица, кои успеале да го сопрат дури по неколку километри. Не навлегувајќи во детали кој бил во автомобилот и дали бил во некакви роднински врски со високи функционери, само би укажале дека самиот чин на непочитување полициска наредба и бегство е сериозен прекршок сам по себе. Таквите инциденти, според експертите, се девастирачки за општеството, даваат лош пример за другите, но и всадуваат страв кај граѓаните.
Што се случило? Завчера, во доцните вечерни часови, полициска патрола, наводно, била протерана од скопско Арачиново од вооружена група откако претходно се обидела да запре возило што било управувано од лице што не поседувало документи. Кога било стопирано, лицето упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.
Според пишувањата на медиумите, лицето било син на полицаец, а неговиот дедо, откако дознал за инцидентот, заедно со уште неколку лица, вооружен се упатил кон полицискиот пункт во Арачиново. На полицајците им било советувано веднаш да го напуштат полицискиот пункт и да заминат во полициската станица во Гази Баба. Меѓутоа, бидејќи биле исплашени и не се чувствувале безбедни, полицајците не останале ниту во Гази Баба, туку избегале дома, пренесуваат медиумите. Исплашени, полицајците, наводно, не го пријавиле случајот во МВР.

Арачиново е забранета зона за полицијата?

Според истите извори, вооружената група со оружје влегла во полицискиот пункт во Арачиново, каде што упатила закани до сите полицајци, а по телефон му се заканила на полицаецот што се обидел да го стопира возачот дека ќе биде убиен.
За жал, ова не е прв ваков инцидент, сѐ поголема е бројката на нападнати полициски службеници од физички лица, при стопирање и обид за рутинска проверка. Речиси и да нема ден во полицискиот билтен да не е регистриран инцидент во кој полициските службеници се нападнати. Ваквите инциденти мора да се спречат и искоренат, а шерифското однесување на поединци конечно да се стави под контрола. Македонија не е и не смее да биде третирана како Див Запад. Во државата мора да се спроведуваат законите и да се почитуваат институциите.
Полициските службеници се тие што го претставуваат законот, а нивното непочитување покажува и директно непочитување на законот и законските прописи.
Оттаму загрижува фактот што вооружена група се дрзнала да им се спротивстави на полициски службеници при извршување службени дејства. Значи ли тоа дека Арачиново е забранета зона за полицијата? Или некој прогласил екстериторијалност? Овие прашања бараат брз и енергичен одговор.
Во тој контекст треба да се спомне и фактот дека колегите од порталот „Нетпрес“, откако вчера меѓу првите ја објавија сторијата за Арачиново, набргу добија порака со елементи на закана.
Во пораката на профилот на Фејсбук на медиумот, извесно лице, кое воопшто не го крие својот идентитет, пишува „за лајкови не земајте луѓе на врат, самите себе се земате на врат… немојте да претерате со лажни вести.. оние си побегнале, а вие кај ќе се криете“.

Таква е сликата во земјава во сите општествени сфери

Според социолозите, овој случај ја доловува состојбата во Македонија.
– Тоа што некој си зема за право да прекрши закон и да се повика на тоа дека некој важен стои зад него е израз и демонстрација на државата во општеството, каде што законот, односно оној што го спроведува законот е исплашен. Тие постапуваат рационално, не сакаат проблеми, па ги оставаат. Тие се ставени да го спроведуваат законот, а не можат да го направат тоа – смета Професорот по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, Илија Ацески.
Според него, дури и за неверување се ваквите случаи на илустрација на моќ.
– Тоа се луѓе што се над законот, не се тие виновни, вообичаено се деца што се учени дека зад нив стои некој што ќе ги одбрани додека тие прават што сакаат. Таква е сликата во земјава во сите општествени сфери. Проблемот е во тоа што ако некој сака да им се спротивстави на ваквите, веднаш се стигматизира како изрод – вели тој.
Според професорот, ваквите случаи внесуваат страв и кај другите, ваквото однесување говори за руинираноста на системот.
– Нема повеќе верба во институциите на системот и тоа е апсолутно недозволиво. Правото ќе го загуби своето место во општеството и поради таа поставеност на поединци над законот, ќе имаме сѐ поголеми инциденти бидејќи законите се девалвирани – нагласува тој.


Спасовски: Нема службен материјал што укажува на напад врз полициски службеници во Арачиново

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со информациите објавени во некои медиуми дека „полициска патрола била протерана од Арачиново од вооружена група“, вчера изјави дека во МВР нема пријава ниту од полициски службеници дека некој им се заканувал и ги избркал, ниту од граѓани, иако има јавување во полициска станица за недолично однесување на полициските службеници што биле на пунктот. На случајот работи Одделот за крим-полиција и внатрешната контрола.
– Пренагласено е дека тоа било со оружје, но да видиме што ќе излезе на крајот. Прво да видиме кој е случајот, за да знаеме што точно се случило, па после да можеме да разговараме за сѐ друго – рече Спасовски, додавајќи дека треба да ги утврдат фактите за да видат што се случило.
Тој повтори дека досега нема службен материјал што укажува на тоа дека имало таков напад, па дури и вербален, врз полициски службеници.
– Затоа викаме да заврши комплетно, ќе ги имаме деталите во овој случај, да видиме дали ќе се потврдат таквите информации или не. Факт е дека се појавуваат многу информации во јавноста и тоа во последниот период, меѓутоа ќе мораме да реагираме во однос на целиот овој настан – рече Спасовски.