Сѐ поизвесно станува дека Скопје оваа година нема да претера со новогодишните украсувања, декор и настани со јавни новогодишни прослави. Сепак, треба да бидеме реални и да очекуваме поскромна прослава, во согласност со актуелната ситуација. Енергетската криза и, воопшто, економската криза си го сторија своето и надлежните мора да се придржуваат кон препораките за штедење енергија. Но, она што е најважно, одбележување на Нова година сепак ќе има. Навистина во помал обем и поскромно, но сепак е за пофалба дека и во такви услови градските и општинските власти ќе успеат да најдат начин да го украсат градот
РЕСТРИКТИВНО ПРАЗНИЧНО УКРАСУВАЊЕ ПОРАДИ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА
На прагот сме на месецот во кој преовладуваат новогодишните теми. Уличниот декор од светилки на градските и општинските булевари, украсените елки, декорираните излози, многубројните настани со новогодишни теми се само мал дел од она што овој период од годината го прави посебен и магичен, особено за децата. Иако не се само децата тие што се радуваат на традиционалното предновогодишно шаренило, на светлосните ефекти, музиката и сеопштиот амбиент на оптимизам и дома, а и на јавните простори.
Но годинава украсувањето, разбирливо, ќе биде во помал обем. Енергетската и, воопшто, економската криза си го прават своето. Но, тоа не значи дека и духот на оптимизам, радост, стремеж и желби за напредок ќе биде редуциран.
ОПШТИНИТЕ ЌЕ УКРАСУВААТ, НО ПОКРЕАТИВНО И ПОЕКОНОМИЧНО
Сѐ поизвесно станува дека Скопје оваа година нема да претера со новогодишните украсувања, декор и настани со јавни новогодишни прослави. Сепак, треба да бидеме реални и да очекуваме поскромна прослава, во согласност со актуелната ситуација. Енергетската криза и, воопшто, економската криза си го сторија своето и надлежните мора да се придржуваат кон препораките за штедење енергија. Но, она што е најважно, одбележување на Нова година сепак ќе има. Навистина во помал обем и поскромно, но сепак е за пофалба дека и во такви услови градските и општинските власти ќе успеат да најдат начин да го украсат градот.
Според информациите што ги добивме од скопските општини, токму таква ќе биде сликата во најголемиот дел од нив. Од локалната власт на Општина Центар нѐ информираа дека високите сметки за струја, како и препораките на Владата за заштеда на електрична енергија, се причина за изостанување на новогодишниот декор во Центар, на кој сме навикнати во изминатиот период, но дека сепак ќе најдат начини да ги обележат деновите околу новогодишните празници.
– Поради енергетската криза со која се соочува државата, Општина Аеродром оваа година нема да има новогодишно украсување. Изминатите месеци воведовме низа мерки со кои како Општина значително ја намаливме потрошувачката на електрична енергија, а во таа насока ќе продолжиме и во месеците што следуваат. Но, сепак, се потрудивме да внесеме предновогодишно расположение меѓу аеродромци и за таа цел во декември ќе организираме три фестивали, „Дромфест“, „Винодром“ и „Базарфест“, на кои жителите ќе можат да се дружат и претпразнично да се забавуваат во пријатна атмосфера – информираа од Аеродром.
Градските власти, пак, сѐ уште не ги обелоденуваат плановите за новогодишните празници. Дали ќе има некакво новогодишно украсување на градот или не, останува енигма, сѐ додека не го објават тоа официјално.
– Со тематска прес-конференција ќе бидат најавени сите активности поврзани со новогодишната прослава за информирање на граѓаните – кратко одговорија градските власти.
ГРАЃАНИТЕ СО РАЗБИРАЊЕ ЗА АКТУЕЛНАТА СОСТОЈБА
Граѓаните на најразличен начин ги коментираат и дочекуваат ваквите вести. Оние граѓани што екипата на „Нова Македонија“ ги праша за мислење во врска со оваа тема велат дека треба да имаме разбирање за актуелната состојба со енергентите, но и со економијата воопшто. Се разбира, некои од граѓаните реагираат зошто градот и општините нема да бидат украсени како што сме навикнати, затоа што очекувале по двегодишниот живот во страв, како последица на коронавирусот, да се опуштат и да почувствуваат малку празнична атмосфера, но сепак и тие ја прифаќаат реалноста.
– Да, сите сме свесни дека треба да се штеди, дека треба да внимаваме на трошоците, дека треба да се однесуваме домаќински, но сепак не ни е сеедно. Најмногу ми е жал за најмладите, за децата до три години што немале можност да прошетаат на украсени плоштади, ниту пак по празнично декорирани улици и булевари. Сепак, што е, тука е, ќе се обидеме и во вакви услови да им ја доближиме новогодишната радост на нашите најмлади – вели Вики Димовска, скопјанка што со задоволство се потсетува на тоа како изгледал градот кога бил новогодишно украсен.
И повозрасните укажуваат дека треба да се најде начин да им се доближи новогодишната магија на најмладите, па дури и во овие услови со редуцирани средства.
– Ако ова им го ускратиме на дечињата, на што да се радуваат? Снег во Скопје веќе одамна нема, па нема на што да играат надвор, освен на загаден воздух, барем новогодишниот амбиент е нешто што тие со душа го чекаат. Се радуваат на украсите, на честитки, на пакетчиња, се фотографираат со Дедо Мраз, со новогодишни куќички… Овој период од годината е најубавиот за нив и нивната фантазија и среќното детство. Па, и не само тие, и ние се радуваме на елката, на новогодишниот дух, на онаа чудна празнична магија во воздухот што на сите ни влева надеж дека сѐ ќе биде добро и дека не е сѐ така црно како што изгледа. Пензионерка сум, почнувам сама од себе и од своите внуци, и јас и тие сакаме да имаме украсено Скопје – вели Милка Јосифовска, пензионерка од Скопје.