Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, како носител на организацијата на најгледаниот глобален настан, во пресрет на Светското фудбалско првенство во Катар, во својот јавен настап, следен од милијарди гледачи од сите континенти, „ја тресна Европа од земја“, посочувајќи на нејзината лицемерна политика, превртливост, дволичност и историски хроничната хипокризија, која таа ја практикува со години, убедена дека практикува морални стандарди, а нејзиното однесување не е во согласност со самопромовираните европски принципи. Ако Брисел смета дека нејзините политики резултираат со (само нејзин) успех, сепак во моралната психологија – несакањето да се следат сопствените декларирани морални правила и принципи – сето тоа се квалификува како длабок неуспех! За каков лидер тогаш треба ја сметаме ЕУ, на која се потпираме и сметаме дека ќе нѐ води кон општ просперитет и благосостојба?
Укор од највисока институција, каков што Европа одамна нема добиено
Фудбалот, спортот што метафорично е нарекуван најважната споредна работа на светот, пред вчерашниот почеток на Светското првенство во Катар, е соочен со сериозни предизвици од дефинитивно најмоќната и највлијателна работа на светот – (гео)политиката. Набрзо по одлуката на ФИФА од 2010 година, Светското првенство во фудбал, кое започна вчера, да се одржи во Катар, оваа моќна спортска глобална институција беше цел на силни „морални“ и политички обвинувања за таквиот потег. Доминантните морализирања, главно од „моралисти“ од западниот свет, беа поврзани со ригорозниот третман на Катар за ЛГБТ-заедницата, а подоцна, кога започна изградбата на стадионите каде што се одржува Светското првенство, и со фактот дека на нив работат имигранти од Индија, Пакистан, Непал и Шри Ланка, кои, според европските критичари, работеле во несоодветни услови, потценети со платите, при што „моралистите“ обвинуваат и за голем број смртни случаи меѓу работниците во текот на градежните активности. Бројките од 6.500 работници мигранти, како и онаа на 37 смртни случаи во текот на изградбата, во периодот од 2014 до 2020 година, беа лиферувани во јавноста врз основа на информациите што ги имаа амбасадите на некои европски земји во Катар, интензивно работејќи на таквиот концепт на заеднички пиар. Сепак, од Владата на Катар тврдат дека овие информации не се поткрепени со факти, дека се целосно погрешни и тенденциозни, со сосема друга цел и заднина. Во пакетот со овие обвинувања, европските критичари активираа и сомневања за поткуп и корупција на високи функционери во ФИФА за носењето одлука ова Светско првенство да се одржи во Катар.
Целата оваа атмосфера низ годиниве, на директен или посреден политички притисок од страна на центрите на моќ во Европа, се чини дека удри во ѕид и беше засенета од страна на првиот човек на светската фудбалска организација, Џани Инфантино. Имено, тој одржа извонреден монолог на медиумската конференција во Доха, пред почетокот на првенството, обвинувајќи го Западот за хипокризија во однос на забелешките за почитувањето на човековите права во Катар.
– Денеска сум преплавен со различни емоции. Денеска се чувствувам како Катарец. Денеска се чувствувам и како Арап и како Африканец. Денеска сочувствувам со хомосексуалците, сочувствувам со лицата со инвалидитет, денеска се чувствувам и како работник имигрант, иако сум Европеец. За сето она што Европејците го правеа низ светот во изминатите 3.000 години, мислам дека ние Европејците треба да се извинуваме во наредните 3.000 години, наместо на другите да им држиме морални лекции…Слушнавме многу лекции од Европејците и западниот свет. И јас сум Европеец, но таквите еднострани морални лекции се само хипокризија – кажа на почетокот од своето речиси едночасовно обраќање Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, ноќта пред почетокот на Светското првенство во фудбал, кое започна да се игра вчера во Катар.
Многумина во Македонија го препознаа чувството на неправда од хипокризијата на моралните лекции што доаѓаат од Европа
Македонија, односно македонската фудбалска репрезентација не настапува на Светското првенство во фудбал, кое се одржува во Катар, па емоциите за овој голем спортски настан во земјава во голема мера се насочени исклучиво на спортски план, кај горливите љубители на фудбалот. Но, несомнено, сите оние во Македонија што го слушнаа емотивното обраќање на претседателот на ФИФА, Инфантино, го препознаа чувството на неправда од хипокризијата на моралните лекции што доаѓаат од Европа и воопшто од западниот свет.
И Македонците, како и Инфантино, се Европејци! И Македонија е во срцето на Европа! Тоа го искажа и францускиот претседател Емануел Макрон, за време на претседавањето на Франција со Советот на Европската Унија. Навистина, тоа го кажа во контекст на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи ги заложбите и посветеноста на ЕУ (и Франција) за интегрирање на целиот регион во Унијата. Сепак, тој призна дека Македонија (и нејзините балкански соседи) се Европа. Но веднаш по ова, со потег на далеку познатиот европски дриблинг, Македонија доби „француски предлог“ за преговарачката рамка со Европската Унија, со кој практично ѝ се наметнуваат услови за историско и национално самооткажување и себенегирање. Многу искуства од подалечното, но и сосема блиско минато на Македонија, прават Македонците да се препознаат во емоциите на претседателот на ФИФА предизвикани од хипокризијата на Европејците и западниот свет.
Македонија и Македонците дефинитивно не се меѓу Европејците што треба да му се извинуваат на остатокот од светот
Но Македонија и Македонците не се меѓу оние Европејци што треба да му се извинуваат на остатокот од светската цивилизација за сѐ што сториле во изминатите 3.000 години. Македонија и Македонците се во редот на онеправданите од хипокризијата на западната политика, која сака да се гордее и да ја препорачува својата демократска принципиелност.
Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, како носител на организацијата на најгледаниот глобален настан, во пресрет на Светското фудбалско првенство во Катар, во својот јавен настап, следен од милијарди гледачи од сите континенти, „ја тресна Европа од земја“, нејзината лицемерна политика, превртливост, дволичност и историски хроничната хипокризија што таа ја практикува со години, убедена дека спроведува високи морални стандарди, а нејзиното однесување не е во согласност со самопромовираните европски принципи. Ако Брисел смета дека нејзините политики резултираат со (само нејзин) успех, сепак во моралната психологија – неможноста или несакањето да се следат сопствените изразени морални правила и принципи – сето тоа се квалификува како длабок неуспех. За каков лидер тогаш треба ја сметаме ЕУ, на која се потпираме и сметаме дека ќе нѐ води кон општ просперитет и благосостојба?
За почеток, Европа треба да ѝ се извини и на Македонија за сета своја хипокризија, непринципиелност и двојни стандарди спрема неа, барем во последниве два-три века (не мора за сите изминати 3.000 години), па потоа нека поставува стандарди и критериуми за членство во ЕУ!