Шведскиот обвинител кој ја води истрагата за оштетувањето на гасоводите Северен тек 1 и 2 потврди дека се работи за саботажа и рече дека се пронајдени траги од експлозив. Обвинителот Матс Лунгквист рече дека сè е внимателно документирано.
– За време на истрагата на местото на злосторството што се спроведе во Балтичкото Море, беа извршени опсежни операции и областа беше внимателно документирана. Анализата што сега е направена покажува траги од експлозив на неколку пронајдени странски предмети. Работата на напредна анализа продолжува со цел да се дојде до поцврсти заклучоци за инцидентот – рече тој.
Во соопштението понатаму се наведува дека „прелиминарната истрага е многу сложена и обемна“ и оти работата продолжува. Во документот не се споменуваат имињата на осомничените, а се поздравува соработката на властите во Шведска со оние во другите земји.
Соопштението завршува со тврдењето дека обвинителот во овој момент не може да даде повеќе информации. ј