Книгата со материјали за учење што учениците во основно (во прво, второ, четврто и петто одделение), ја добија во недостиг на учебници, веќе е помината, а новите, неколку пати ветени учебници, никако да стасаат. Наставниците, на редовните родителски средби за крај на првото тромесечие, ги информираат родителите дека ако од идната недела не стасаат учебниците, ќе треба или да диктираат или сами да сперемаат материјали за децата да има од каде да учат. За копирање на материјалите, пак, на многу места ќе платат родителите, зашто ретко кое училиште има обезбедено основни средства за работа, меѓу кои и хартија, принтери, тонери за принтерите…
Учениците во овој период учеа од книга во која се сместени делови од сите предмети и таа требаше да е замена за учебниците што требаше да ги добијат.
-Моето дете е второ одделение. По предметот Општество го завршија цел материјал. Математика имаат уште една лекција, а за Македонски јазик уште две. Тоа значи дека од идната недела нема да имаат од што да работат. Прашавме на родителска, наставниците креваат раменици. Рекоа дека нема да дозволат да не се работи, туку ако не стасаат учебници сами ќе подготват материјали и тоа ќе се фотокопира. Во прво и во второ одделение учениците пополнуваат во учебниците, во нив има и вежби. Па се чудам во кој век живееме. Ова се мали деца за да им се диктира, ама во погорните одделенија и ќе диктираат – вели Марија К. од Скопје.
За учебниците прашавме во Министерство за образование и наука (МОН). Штом ќе добиеме одговор веднаш ќе го објавиме.
Инаку, министерот за образование Јетон Шаќири неколку пати најави дека учебници ќе има.
-Јас кажав дека учебниците ќе бидат готови до октомври. Денеска имаме над 22 наслови само за основно образование, околу 15 се испечатени од економскиот оператор кој ја презема обврската да ги печати. Испораката на учебници почнува од утре, четврток – изјави Шаќири на 16 ноември годинава.
Од МОН за медиумите објаснија дека постапката на изработка и печатење на над 20 учебници од прво, второ, четврто и петто одделение се одолговлекувала многу поради комплицираната постапка.
-Во Законот за учебници предвидена е постапка за одобрување и набавка на учебници, со повеќе фази и конкретни рокови за нивна реализација. Овие процеси се комплексни, може да потраат и неколку месеци и затоа се случува истите да не се заокружат пред почетокот на нова учебна година – изјавија од МОН.
Една од причините било што за одреден предмет немало интерес за доставување на ракописи или предлог учебници од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори.
-Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите – рекоа од МОН.
Ресорното министерство го правда доцнењето или одложувањето на постапката за избор на економски оператор за печатење на одобрени учебници со носењето на ребалансот на буџетот од кој се издвоени 282 милиони денари или 4,5 милиони евра.
-Дополнително, оваа година одложување на постапката за избор на економски оператор за печатење на одобрени ученици имаше поради потребата од ребаланс на буџетот и обезбедување на доволно средства за набавка на потребните тиражи на учебници кои беа побарани од училиштата согласно бројот на ученици. Склучен е сукцесивен договор во вкупна вредност од 282 милиони денари кој предвидува печатење и дистрибуција на учебници за основно и за средно образование, по сите предмети за кои досега немало одобрен или испечатен учебник – рекоа од МОН.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека материјалите за учење кои ги добија учениците се со важност од само три месеци, за првото тромесечие од учебната година, и чинат половина милион евра.
-Во бројка, тоа се скрипти за само 80.000 ученици. Дополнително, примената на овие привремени учебници во понатамошниот образовен процес се уште не е утврдена, најверојатно истите нема воопшто да се користат, или можеби ќе ги користат за адекватна замена онаму каде што ќе недостасуваат учебници бидејќи видовме, тоа годиниве стана пракса. Половина милион евра потрошени за една употреба. Да биде состојбата уште по сомнителна, говори и фактот што овие т.н. скрипти се збир од материјали, кои власта успеала ги сублимирала од минатогодишните учебници и дел од новите. Имено, станува збор за само една скрипта- учебник, внимавајте, само една скрипта од стотина страни во кои се содржани сите наставни предмети. Дополнително, содржината на оваа скрипта е збир од веќе постоечките, минатогодишни учебници и само поделена во делови за да се направат материјали за учење – рекоа од партијата.
Од МОН појаснија дека добиле одобрение од Светска банка за дел парите да ги искористат за привремените материјали, со цел да се надмине проблемот со недостиг од учебници за тековната учебна година. Првично, како што е одобрен, проектот од Светска банка се фокусира на „интервенции на ниво на училиште најблиску до учениците“, при што треба да го подобри учењето, но и да ги ублажи загубите во учењето предизвикани од ковид -19. Македонските ученици за време на пандемијата беа меѓу последните кои се вратија во училишните клупи, а нивните резулати на меѓународните тестирања многу заостануваат и зад Европа, и зад регионот.