Денес, кога светот се соочува со најголемата воена криза на почвата на Европа по Втората светска војна, поради конфликтот меѓу Русија и Украина, од сите страни постојано пристигнуваат пораки со кои се апелира за мир, сега и веднаш. Човештвото веќе е преморено од воени игри што носат само ужас и страдање за луѓето, уназадување на државите и економиите, кризи, инфлација, недостиг од храна. Затоа сѐ погласни се пораките и апелите за мирен и одржлив живот и за здрава планета. И бидејќи токму денеска, 16 ноември, е Меѓународниот ден на толеранцијата, кој во својата суштина подразбира дијалог, соработка и почитување меѓу народите, во продолжение ги издвојуваме мировните пораки на повеќето светски лидери
МОЌНИ ПОРАКИ ОД САМИТОТ НА СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ
Денес кога светот се соочува со најголемата воена криза на почвата на Европа по Втората светска војна, поради конфликтот меѓу Русија и Украина, од сите страни постојано пристигнуваат пораки со кои се апелира за мир, сега и веднаш. Човештвото веќе е преморено од воени игри што носат само ужас и страдање за луѓето, уназадување на државите и економите, кризи, инфлација, недостиг од храна. Затоа сѐ погласни се пораките и апелите за мир. И лидерите на самитот на Г20 во Индонезија не ја пропуштија шансата да испратат силни пораки за мир, толеранција и соработка.
И лидерите и целокупната прогресивна, мислечка и демократска јавност очекуваат дека нивниот глас ќе се слушне и дека конечно ќе ѝ се стави крај на војната што беснее во Украина. Како што своевремено порача и Рон Ковиќ, истакнат антивоен активист и писател, дека војната не е решение, насилството не е решение и дека е можен помирен свет. Светската политичка елита е целосно свесна дека политичките и економските проблеми единствено можат да се решат преку дијалог и меѓусебно почитување и разбирање што може да се воочи и преку нивните изјави, како и од заедничка изјава на Г20, во која се повикува на воспоставување глобален мир. И бидејќи токму денес, 16 ноември, е Меѓународниот ден на толеранцијата, кој во својата суштина подразбира токму дијалог и почитување меѓу народите, во продолжение ги издвојуваме мировните пораки на повеќето светски лидери.
Џо Бајден, претседател на САД, и Си Џинпинг, претседател на Кина
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, на средбата со својот кинески колега Си Џинпинг истакна дека САД ќе продолжат енергично да се натпреваруваат со Кина, но конкуренцијата не би требало да премине во судир. Двајцата светски лидери се согласиле дека никогаш не треба да се води нуклеарна војна и дека во неа не може да има победници, истакнувајќи го своето противење на употребата или заканата од употреба на нуклеарно оружје. Американскиот претседател Џо Бајден исто така истакна дека Кина и САД можат да најдат начин за заедничко работење и решавање на итните светски проблеми.
Нарендра Моди, премиер на Индија
Слични пораки испрати и индискиот премиер Нарендра Моди, кој ги повика лидерите на Г20 да се вратат на патот на дипломатијата. Обраќајќи се на самитот, Моди рече во текот на минатиот век, Втората светска војна направи хаос во светот. Потоа, тогашните лидери вложија сериозни напори да го започнат патот на мирот. Сега е наш ред, нагласи Нарендра Моди пред светските лидери.
Емануел Макрон, претседател на Франција
Во контекст на наоѓање мировно решение за воената криза во Украина, францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на Г20, побара од кинескиот претседател Си Џинпинг да се обиде да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се врати на преговарачката маса. Двајцата светски лидери на билатерална средба ја потврдија и својата цврста позиција за спречување на можната употреба на нуклеарно оружје.
Олаф Шолц, канцелар на Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека на состанокот на Г20 на Бали има охрабрувачки знаци за постигнување консензус, дека воената криза во Украина е неприфатлива и дека не смее да се користи нуклеарно оружје. Шолц исто така нагласи дека ќе продолжи да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за наоѓање решение за војната во Украина.
Володимир Зеленски, претседател на Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика лидерите на Г20 да станат кокреатор на мирот и да ѝ стават крај на војната. Украинскиот лидер исто така рече дека мирот е глобална вредност што е важна за секој човек во светот и ги повика лидерите да преземат акција за да обезбедат нуклеарна безбедност, безбедност на храната и енергијата, да го обноват меѓународното право и да ѝ помогнат на Украина да ја прекине војната.
Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации
Пораки за светска соработка упати и Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации. Мораме да работиме заедно за да го забавиме глобалното затоплување, судбината на планетата зависи од нашата активност или пасивност, изјави генералниот секретар на Обединетите нации пред светските лидери на самитот на Г20. Тој во својот говор предложи да се воспостави пакт за климатска солидарност, според кој, развиените економии ќе вложат дополнителни напори да го ограничат растот на глобалното затоплување на 1,5 степен Целзиусов. Преку пактот, развиените економии финансиски и технолошки ќе им помогнат на земјите со растечки економии брзо да се префрлат на обновливи извори на енергија.
– Активноста или неактивноста на Г20 ќе одлучи дали секој член на нашето семејство ќе има можност да живее мирен и одржлив живот, на здрава планета – рече Гутереш.
Томас Бах, шеф на Меѓународниот олимписки комитет
На маргините на самитот на Г20, свое обраќање имаше и Томас Бах, шефот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), кој ги повика лидерите на Г20 да вклучат клаузула за спортска неутралност во заедничката изјава по самитот на Бали.
– Олимписките игри одржани во Токио и во Пекинг во екот на пандемијата му дадоа надеж на целиот свет. Олимпијадата може да го обедини целиот свет само ако на неа учествуваат спортисти од целиот свет. За разлика од другите конфликти меѓу државите во минатото, овој пат некои земји одлучија дека имаат право да одбијат спортисти да учествуваат на Олимписките игри поради политички причини. Ако спортот стане алатка за политичко влијание, тој целосно ќе се распадне. Самата суштина на спортот е дека одлуките треба да се носат само врз основа на спортски резултати, а не врз нешто друго. Неопходно е сите земји да учествуваат на Олимписките игри, вклучувајќи ги – па дури и особено – оние во конфликт. Ако учествуваат само сојузничките земји, од Олимписките игри нема да има вистински симбол на мирот. Човештвото нема многу можности да се обедини. Ве молам вас, лидерите на Г20, да го слушнете мојот повик за мир и да му дадете шанса. Вклучете ја вашата спортска неутралност во вашата заедничка изјава по самитот, рече Бах.
Бах со ова побара да им се дозволи настап на руските и на белоруските спортисти, кои добија забрана за учество од најголемиот број спортски федерации и сојузи поради конфликтот во Украина.
Кристалина Георгиева, генерална директорка на ММФ
Свое обраќање имаше и Кристалина Георгиева, генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која ги повика лидерите на Г20 да не дозволат трговскиот протекционизам да пушти корени и предупреди дека фрагментацијата на светската економија во геополитички блокови значително ќе му наштети на глобалниот раст. Георгиева исто така рече дека 345 милиони луѓе во светот сега страдаат од криза со храна како резултат на руската војна во Украина, високата инфлација и климатските катастрофи.
Џани Инфантино, претседател на ФИФА
Пред светските лидери свое обраќање имаше и Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, кој пред присутните посочи дека фудбалот е многу повеќе од обичен спорт. Има огромно општествено влијание. Станува збор за страст, толеранција, инклузија и образование, рече Инфантино на маргините на самитот на Г20. Тој исто така нагласи дека фудбалот го обединува светот, а Светското првенство е можност да ги зближиме луѓето во мир и да уживаме во нешто што е многу потребно во ова турбулентно време.
Владимир Путин, претседател на Русија
Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака за мир во своето обраќање на панел-дискусијата при московскиот институт „Валдај“, каде што главна тема беше дискусијата „Мир со хармонија“.
– Се трудиме да соработуваме со големи земји, но има НАТО. Имаме порака за НАТО. Да престанеме да бидеме непријатели, да живееме во хармонија, да им дадеме шанса на дијалогот и мирот – рече Владимир Путин.
Папата Франциск
Потребата од толеранција и мир ја нагласува и папата Франциск, поглавар на Римокатоличката црква.
– Свет е само мирот. Само мирот е свет. Војна никогаш не е – вели папата Франциск.
Тој досега неколкупати посочи дека верата никогаш не смее да се користи за да се оправда злото што го носи војната и повика на решавање на споровите преку дијалог и преговори, а не со употреба на оружје. Д. Ст.
Меѓународен ден на толеранцијата
Денес е Меѓународен ден на толеранцијата. Во 1996 година, Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ја усвои Резолуцијата 51/95, со која 16 ноември се прогласува за Меѓународен ден на толеранцијата. Оваа активност следуваше по усвојувањето на Декларацијата за принципи за толеранција од страна на земјите-членки на УНЕСКО, на 16 ноември 1995 година. Меѓу другото, декларацијата потврдува дека толеранцијата не е ниту попустливост ниту рамнодушност. Тоа е почит и ценење на богатата разновидност на културите на нашиот свет, нашите форми на изразување и начините да се биде човек. Толеранцијата ги признава универзалните човекови права и основните слободи на другите. Луѓето се природно различни; само толеранцијата може да обезбеди опстанок на мешаните заедници во секој регион на Земјината топка.
Меѓународниот ден на толеранцијата ја поддржува идејата дека образованието е клучен фактор за спречување нетолеранција кај човечката раса. На овој ден, ние сме охрабрени да едуцираме и да научиме како да практикуваме солидарност меѓу етничките, социјалните и културните групи.
Заедничка мировна изјава на Г20
Учесниците на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали исто така подготвија и нацрт-заедничка изјава во која повикуваат на воспоставување глобален мир. Според пишувањата на весникот „Фајненшл тајмс“, светските лидери се договориле дека употребата или заканата со нуклеарно оружје е недозволива. Мирното решавање конфликти, напорите за управување со кризи, како и дипломатијата и дијалогот се од витално значење. Сегашното време не треба да биде доба на војни, објавува „Фајненшл тајмс“. Нацрт-изјавата е договорена од членовите на делегациите, но засега не е потпишана од лидерите на земјите од Г20.