За жал, како земја-членка на НАТО, но и на други меѓународни организации за безбедносна соработка, изминатиот период се исправивме пред нови предизвици, кои сериозно ги ставија на испит безбедноста и сигурноста на граѓаните и јавниот ред и мир. Имаше голем број лажни дојави за бомби што сами по себе се сериозна закана и за безбедноста на граѓаните, а и за институциите на државата во еден поширок контекст. Како да се реагира инстант и ефикасно за сите граѓани да го имаат уверувањето дека живеат во безбедна татковина?
Безбедноста на учениците, а и на сите граѓани како највисок државен приоритет
Изминатиот период Македонија, а и други балкански земји се соочија со дојави за бомби, за кои, дури по проверката се дозна дека се лажни. Тие, освен што имаа цел да ѝ го привлечат вниманието на јавноста, сакаа и да ја вознемират истата таа и да ги ангажираат ресурсите на безбедносните служби. За среќа, овие јавувања останаа во доменот на „лажни дојави“, без сериозни последици за луѓето и материјалните добра. Меѓутоа, полициската архива не бележи само „лажни пријави и дојави“. За жал, во минатото имавме голем број случаи, не само кај нас туку и во светот, каде што беа активирани експлозиви и други хемиски направи, чија цел беше далеку поопскурна.
ГОЛЕМ БЕЗБЕДНОСНИОТ ПРЕДИЗВИК ЗА МАКЕДОНИЈА
Според безбедносните експерти со кои се консултиравме, Македонија досега не била меѓу земјите (или ретко била) што биле „цел на криминалните и терористички организации за реализација на хемиски и бомбашки напади“.
Факт е дека имало повеќе случаи во кои биле активирани бомби. Според полициската архива, тие најмногу (не и севкупно) биле фокусирани на поединци, поставени во автомобили, и имале цел предупредување или, пак, егзекуција на едно лице со кое извршителите имале одредени нерасчистени сметки.
За жал, како земја-членка на НАТО, но и на други меѓународни организации за безбедносна соработка, изминатиот период се исправивме пред нови предизвици, кои сериозно ги ставија на испит безбедноста и сигурноста на граѓаните и јавниот ред и мир, бидејќи имаше голем број лажни дојави за бомби. Како што пишуваше „Нова Македонија“ во неколку наврати, тие се сериозна закана и за безбедноста и институциите на државата во еден поширок контекст. Тие безбедносни закани имаат реален потенцијал да ја парализираат државата, сѐ до оној момент додека не се докаже дека тие се лажни и дека нема основа за паника.
Меѓутоа, што во случај тоа да не е така?
Како што и погоре нагласивме, за среќа, ние не сме од оние земји што се соочуваат со закани од овој обем и, според соговорниците, тоа е добра вест за јавноста.
Меѓутоа, според светските експерти од областа на безбедноста, хемиските и експлозивните напади претставуваат сериозна закана за светот, а ние како земја-членка на мултилатерални меѓународни безбедносни организации, почнувајќи од НАТО, треба сериозно да поработиме на овие аспекти од нашата безбедност.
ЛАНИ ВО СВЕТОТ ИМАЛО НАД ИЛЈАДА НАПАДИ СО
ПОДМЕТНАТИ ЕКСПЛОЗИВНИ НАПРАВИ
Разорното влијание на хемиското оружје и на експлозивите што се користат во акти на тероризам продолжува да го загрозува цивилното население и е добро познато по неговата деструктивна и долгорочна штета.
Минатата година над илјада напади со импровизирани експлозивни направи биле извршени од недржавни актери, при што биле повредени над 7.150 луѓе во повеќе од 40 земји.
Многу напади доаѓаат од хемикалии што криминалците ги стекнале преку слабите точки во синџирот на снабдување – од производство до складирање и малопродажба – и ги направиле во оружје.
За да ѝ се спротивстават на оваа закана, околу 220 практичари за хемиска безбедност од повеќе од 70 земји се состанаа на третиот глобален конгрес на Интерпол за хемиска безбедност и новите закани за да најдат начини за намалување на ранливостите преку зајакнување на мултисекторската соработка и соработка.
Со фокус на набавката, транспортот, физичката и сајбер-безбедноста на хемиските материјали, на состанокот беа истакнати низа безбедносни прашања, како што се откривање прекугранични движења на регулираниот материјал и спроведување регулаторни рамки.
Глобалниот конгрес, исто така, истражуваше начини за спротивставување на новите закани, вклучувајќи и злоупотреба на е-трговија од страна на терористите и нови технологии за стекнување токсични хемикалии.
ИНТЕРНЕТОТ НАЈГОЛЕМ ИЗВОР НА ИДЕИ,ЛОГИСТИКА И РЕАЛИЗАЦИЈА ЗА ДЕСТРУКЦИЈА
Поради значителниот раст и пристапот до Интернет во последниве години, забележано е зголемување на дигиталната содржина произведена и споделена преку платформи, како што се инстант пораки, социјални мрежи, блогови и онлајн портали. Злоупотребата на технологии може да се види како резултат на овој брз раст на содржината на интернетот, а со тоа и пораст на сомнителните активности.
Никако не смее да се потцени постоењето на „Дарк веб“ или „Темната мрежа“, која најчесто се користи од страна на криминални организации за шверц и набавка на дрога, оружје, детска порнографија, а секако тука се и хемиските материјали, експлозиви и сѐ друго што на еден поединец му е потребно за да реализира еден терористички напад.
Агенциите за спроведување на законот на глобалниот конгрес дадоа примери на истражни техники што би можеле да се користат за идентификување и кривично гонење на незаконското купување или продажба на хемикалии на Темната мрежа. Овие лекции им дадоа решенија на делегатите за решавање на употребата на софистицирани технологии за криминални цели.
– Бидејќи последиците од ваквите грозоморни дејства резонираат надвор од границите и го допираат секое ниво на општеството, потребен е посветен трансверзален и глобален одговор- истакна Грег Хиндс, директор за борба против тероризмот во Интерпол.
Хемикалии со двојна употреба и прекурсори имаат широка легитимна функција во производството на стоки за широка потрошувачка како што се фармацевтски производи, средства за чистење и ѓубрива, па на тој начин стануваат екстра лесно достапни за лицата кои ги користат за производство на хемиски и експлозивни направи. Токму затоа на состанокот беше повлечено и прашањето околу предизвиците за поголема контрола на овие состојки, кои се широко распространети. Од тој проблем произлегуваат и предизвиците за спречување и следење на состојките, и останува една од најголемите закани за хемиската безбедност ширум светот.