Постојат незадоволство или апатија кај гласачите, презаситеност од политика, страв јавно да се заземе став, расчекор меѓу партиските политики и суштинските проблеми и потреби на граѓаните, големи програмски ветувања, а сиромашна политичка понуда… Мнозинството македонски граѓани се изјаснуваат за неопределени, односно немаат изградено став за кого би гласале или, уште поконкретно, не би гласале за ниту една партија. Според одредени аналитичари, тоа е аларм за можен тивок бојкот на следните избори, за игнорирање на партиските машинерии, на кои главен метод им стана да се оцрни политичкиот противник. Дали граѓаните изгубија надеж оти политичарите, односно партиската програма, може да им го подобрат животот?
Довербата кај партиите на удолница, дали и нивниот легитимитет е во прашање
Политички партии што се доминантни на сцената и по 30 години, периодични политички движења што некако исчезнуваат по избори, спорадични мали партии што повеќе се во својство на „коалициски партнери“ на големите партии.
Вака генерално изгледа политичката карта на Македонија пред секои изборни циклуси, но паралелно со години опаѓа довербата токму во партиите.
Секои избори, иако има и нови политички сили, завршуваат со сѐ помал одзив. Рекордниот низок одзив покажува дека граѓаните губат доверба во сите, и големи и мали партии и стари и нови.
Која е главната причина? Се чувствуваат ли граѓаните разочарани, па и изиграни или, пак, понудите на партиите се непримамливи за нив?
Речиси сите истражувања на јавното мислење покажуваат голема недоверба во партиите, а нискиот одзив на изборите го доведува во прашање и легитимитетот на избраните функционери.
Партиските кампањи меѓу изборите не стивнуваат, за електоратот да не влезе во политичка апатија?
Постојат незадоволство или апатија кај гласачите, презаситеност од политика, страв јавно да се заземе став, расчекор меѓу партиските политики и суштинските проблеми и потреби на граѓаните, големи програмски ветувања, а сиромашна практична политичка понуда…
Мнозинството македонски граѓани се неопределени, односно немаат изградено став за кого би гласале или, уште поконкретно,не би гласале за ниту една партија.
Според одредени аналитичари, тоа е аларм за можен тивок бојкот на следните избори, за игнорирање на партиските машинерии, на кои главна цел им е да се оцрни политичкиот противник. Дали граѓаните изгубија надеж оти политичарите може да им го подобрат животот?
Дали со зголемувањето на процентот на неопределени се намалува критичната маса?
Дали бројката на неопределените гласачи континуирано се зголемува на сметка на падот на популарноста и рејтингот на политичките структури?
„Нова Македонија“ пред неколку дена објави дека ако се следат партиските активности, лесно може да се заклучи дека предизборните кампањи во Македонија никогаш и не прекинале, туку ескалираат, па деескалираат и сѐ така во континуитет, без да прекинуваат. Тоа, според соговорниците, со доза алегорија, е „некаков македонски специјален феномен на парламентарни избори“.
Граѓаните изморени, состојбите не се подобруваат како што се очекува
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека состојбата е присутна веќе со години, односно дека има еден замор на електоратот од статичната политичка ситуација.
– Граѓаните се заморени од кризи што постојано нѐ затекнуваат, што политичка, економска, енергетска криза. Но ваквите движења се и регионални и состојбата е иста и во Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија… – посочува Арсовски.
Според него, има разочарување во политиката, зашто општо работите не се подобруваат толку брзо колку што посакуваат граѓаните.
– Најмногу губат старите партии, а во одреден период пробив добиваат новите партии. Кај нас, на последните години победник е партијата Левица – заклучува тој.
На избори ќе излегуваат само тврдите партиски гласачи
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека едноставно, тоа е одлика на перпетуирачкото триесетгодишно владеење на левицата и на десницата, кои се менуваа наизменично на власт.
– Резултатите беа исти, во нијанси различни: корупција на секое ниво, целосна партизираност на институциите на системот, подјармување на судско-обвинителскиот систем, неиспорачување на ветувањата во инфраструктурните проекти, подигнување на животниот стандард, во областа на здравството и образованието. Со еден збор, стагнирање и уназадување на секое поле, веќе видени три децении. Затоа граѓаните сѐ помалку гласаат на избори, и во иднина тоа ќе се потврдува, односно ќе излегуваат само тврдите партиски гласачи и јадра коишто имаат директни бенефиции од партиите, односно оние што ги нарекуваме партиски клиентелисти – вели Атанасоски.
Според него, другите што се неопределени и гласале во зависност од одредена понуда и визија на главните политички партии во минатото, сега се чувствуваат целосно разочарани, изиграни, прелажани и веќе немаат во никого доверба.
– Ниту, пак, некогаш повторно ќе ја дадат, односно ќе поверуваат дека во Македонија ќе постои политичка сила што ќе може да нѐ реформира како држава по сите параметри на општественото живеење и од нас да направи пристојно и достојно место за егзистенционална живејачка – заклучува аналитичарот.