Властите во изминатиов период се распнати меѓу потребите и можностите да пронајдат и да преземат ефективни мерки за ублажување на енергетскиот дефицит во државава. И опозицијата, а и енергетските експерти, како и бизнис-заедницата активно учествуваат со идеи и конкретни предлози за да се намали негативниот удар од недостигот од струја и од високите цени
Зголемено ДДВ за струја: Психолошка мерка за штедење енергија или само повисоки сметки за граѓаните од јануари
Предлозите (а и преземените мерки) се однесуваат и на производната страна (зголемување на домашното производство на струја), но се однесуваат и на заштедната страна на енергијата (и кај граѓаните и во индустријата), сѐ со цел „да се преживее зимата“. Надлежните засега повеќе се фокусирани на воведување конкретни мерки за помош кон граѓаните и малите претпријатија, а големите индустриски производствени капацитети сѐ уште чекаат.
Но една од мерките токму насочена кон граѓаните побуди посебен интерес, поради тоа што јавниот интерес не можеше да ја препознае неа како мерка и да ја смести во пакетот за помош „конкретни мерки за конкретна цел“. Имено, тоа беше мерката зголемување на ДДВ за струја од 5 на 10 отсто. Што со таа мерка?
Министерот за финансии Фатмир Бесими, при презентирањето на буџетот за наредната година, потврди дека ДДВ за електрична енергија од први јануари ќе биде 10 отсто, а не пет проценти како што изнесуваше изминатата година и пол. Повластената стапка за прометот на електричната енергија кон домаќинствата и понатаму останува, но наместо 5, ќе изнесува 10 отсто.
Но тоа што со сигурност се знае е дека само по основа на едната ставка граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја, поради повисоката стапка на ДДВ, која се пресметува на вкупно потрошените киловат-часови.
Но едноставните пресметки покажуваат дека македонските граѓани почетокот на новата година ќе го дочекаат со нови повисоки сметки за струја. Прво, тоа е поради најавеното зголемување на стапката на ДДВ од сегашните пет на десет отсто. Второ, колку ќе изнесува конечниот износ за јануарската сметка за потрошена електрична енергија ќе зависи и од тоа дали ќе има поскапување и на основната цена на испорачаната енергија, за која, пак, се прават пресметки од страна на регулаторната комисија (врз основа на прикажаните трошоци што ги имаат компаниите за производство и за дистрибуција на електрична енергија).
Рационалното објаснување за одлуката за зголемување на ДДВ е да се мотивираат граѓаните да ја штедат енергијата?
Енергетичарите не наоѓаат рационално објаснување за одлуката на Владата за зголемување на висината на ДДВ во период кога граѓаните и фирмите се соочуваат со ценовни шокови поради високите сметки за струја.
– Секако дека повисокиот износ на ДДВ ќе се одрази и на сметките за струја. Оваа одлука е „меч“ со две сечила. Од една страна Владата ги помага граѓаните и фирмите за да имаат пониски трошоци за струја, а од друга страна носи одлуки за поскапување! Не можам да говорам за финансиските ефекти од тоа, но можеби главниот мотив е да се мотивираат граѓаните да ја штедат енергијата, во месеците кога е поголема потрошувачката. Домашните компании и фирмите што вршат снабдување со електрична енергија се соочуваат со поголема побарувачка на пазарите. Излезот од оваа состојба е порационалното користење на расположивите ресурси и поголемо штедење на струјата, што се прави и од страна на државните институции. Проблемот во услови на енергетска криза не е само да се зголеми постојното производство туку и како побрзо да се премине на нови и современи и обновливи извори на енергија. Цела Европа пристапува кон поголема заштеда на енергија и за намалување на зависноста од гасот, кој поради случувањата во Украина достигна високи цени – ни изјави Горан Рафајловски, професор на ФЕИТ.
Поврзаност на ефектите на зголеменото ДДВ за струја со јануарската сметка кај граѓаните
Со намера да им помогнеме на граѓаните да пресметаат колку ќе ги чини „новогодишното (струјно) пакетче“, направивме симулација за износот на јануарската сметка за едно македонско домаќинство, кое се грее на струја и кое во текот на еден месец ќе направи потрошувачка во сите четири тарифни блока, за која важат и различни цени во зависност од потрошувачката. За полесна споредба, го користевме моделот што го применуваше Регулаторната комисија за енергетика, при воведувањето на новиот систем за наплата на потрошена струја со поделба во четирите тарифни зони, со цените на важност од први јули годинава. Количеството за потрошените киловат-часови во секоја од групите е со проценета вредност, а земен е примерот со потрошувач што има потрошено струја во сите четири тарифни блока.
Претпоставка е дека овој корисник во првиот тарифен блок од 1 до 210 потрошил 210 киловати, во вториот од 211 до 630 потрошил 420 киловати, во третиот блок од 631 до 1.050 потрошил 420 киловати и во четвртиот над 1.050 киловати потрошил еден киловат-час енергија. Со собирањето на сумата за секој тарифен блок се доаѓа до 5.123 денари за испорачаните киловати струја. По пресметувањето на другите ставки, односно со собирање на трошоците за електрична енергија, пренос и дистрибуција се доаѓа до основицата за пресметување ДДВ. Таа во нашиот пример изнесува 13.062 денари. На оваа сума се пресметува ДДВ од 10 отсто. Претходно со стапка на ДДВ од пет отсто, нашиот потрошувач платил 653 денари. Промената на сумата во јануарската сметка ќе се однесува само на овој дел и по пресметувањето на новиот износ на ДДВ ќе треба да плати со јануарската сметка 1.306 денари. Или разликата меѓу декемвриската и јануарската сметка за струја, само по основа на повисока стапка на ДДВ од десет отсто, ќе изнесува 653 денари.
Оваа пресметка се однесува на т.н. поголеми индивидуални потрошувачи. Заради споредба колку би изнесувале јануарските сметки, за домаќинствата што трошат струја само во првиот и во вториот тарифен блок, направиме увид и во сегашната сметка на едно наше просечно македонско семејство. Ова семејство во септември потрошило околу 300 киловат-часа. Така, за надомест за потрошена електрична енергија треба да плати 835 денари, за надомест за пренос и дистрибуција на електрична енергија 1.020, по основа на ДДВ од пет отсто треба да плати дополнителни 93 денари, а комуналната такса за јавно осветлување изнесува 184 денари. Неговата септемвриска сметка за струја изнесува 2.133 денари. Во случај да плати десет отсто за ДДВ сметката овој граѓанин со јануарската сметка ќе плати дополнително 93 денари (износот за покачувањето на ДДВ за плус пет отсто) или на крајот ќе плати 2.226 денари.
Да се настојува зголемувањето на цената на струјата за граѓаните да биде што поблаго, а придонесите за стопанството поголеми
Во септември, Владата препорача намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за 15 проценти. Вкупната заштеда на јавните установи изнесува 20 отсто, шест субјекти имаат остварено заштеда под 15 проценти. Експертите предупредуваат дека мерките за штедење можат да имаат само привремено и ограничено дејство во задоволувањето на потребите за електрична енергија во земјата, која има константен увоз на струја.
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) уште во 2020 година побара да се намали ДДВ за електрична енергија од 18 отсто на 5 отсто за да се амортизира инфлаторниот удар. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, посочи дека „треба да се даде малку простор и за други покреативни решенија со цел да се избегне зголемување на вкупниот трошок за електрична енергија, кој би го имале пред сѐ домаќинствата поради зголемување на ДДВ“. Вицепремиерот Фатмир Битиќи информира дека Владата ќе настојува зголемувањето на цената на струјата да биде благо, со тоа што ќе продолжи да ја субвенционира цената на струјата што ЕСМ ќе му ја нуди на „ЕВН хоум“.
– Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување, но далеку сме сè уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните – рече Фатмир Битиќи. М.Ј.