Доколку домашната енергија се користи порационално и се изврши порамномерна распределба за сите потрошувачи, може да се „ослободи“ дел од домашната струја и таа да се пренамени за потребите на индустријата. Тоа може да се направи и преку усогласување на цените за домаќинствата и за фирмите и ако им се објасни на граѓаните дека со мало покачување на сметките за струја тие може да добијат пониски цени на производите, кои им се потребни за живот, и секако со зачувување на нивните работни места, сметаат експертите во областа на енергетиката
Дел од домашно произведената електрична
енергија и за индустриското производство!
Големите фирми во Македонија продолжуваат да се соочуваат со неизвесноста што владее на отворените пазари за електрична енергија, на кои нивото на цените е на многу повисоко ниво, за разлика од цената на чинење за произведена струја од домашните производни енергетски капацитети. Големите потрошувачи и производствени компании во Македонија се принудени да набавуваат енергенти од увоз според берзански цени, кои се неколкупати повисоки од цената што се нуди од домашните извори на енергија. Токму тој факт ќе ги мултиплицира отежнатите услови за стопанисување, енормно зголемените трошоци на сите нивоа, вклучувајќи го и падот на конкурентноста на македонските производи, предизвикан од високите трошоци за струја.
Да не се дозволи домашната индустријата да се затвори, затоа што таа е клучна за опстанокот на стопанството, граѓаните и на државата
Од Владата соопштија дека моментално берзанските цени за енергенти се поволни, при што индиректно се исклучи можноста големите индустриски капацитети и произведувачи на добра да се вклучат на регулираниот пазар. Засега пропаднаа барањата на бизнис-секторот и на коморите, струјата од „ТЕ-ТО“ да биде наменета за индустријата со цена пониска од берзанската. Деновиве беше проследена информацијата дека електричната енергија што ќе ја произведе „ТЕ-ТО“ ќе ја пласира на отворен пазар.
Во наредниот период е тешко да се предвиди цената на електричната енергија, а неизвесноста за македонските компании се зголемува и со најавеното поскапување на струјата по Нова година. Од бизнис-секторот веќе предупредуваат дека доколку Владата продолжува да носи ад хок мерки, економијата и бизнисот ќе се соочат со неизвесност, а со тоа не ќе може да се одржува тековниот производен процес. Поради високата цена на енергијата, големите преработувачки капацитети од обоената индустрија беа принудени привремено да го прекинат производството.
– Останува нашето барање, енергијата што ќе се произведе од „ТЕ-ТО“ да биде алоцирана за индустријата како голем потрошувач и цената во наредниот период да не биде одредена според цените на слободниот пазар, туку да биде на ниво што ќе биде финансиски прифатливо за компаниите. Во спротивно, посилно ќе ја почувствуваме кризата – велат од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Третманот на малите и на средните претпријатија да биде изедначен или да биде блиску и за големите индустриски капацитети
За да го намали инфлаторниот притисок за граѓаните, македонската влада донесе одлука да им се помогне на преработувачките фирми за млеко и млечни производи, за масло и за месни преработки и за фирмите од мелничко-пекарската индустрија и да се префрлат на регулираниот пазар за енергија. Со одлука на Владата, 200 компании од прехранбениот сектор од декември ќе може да набавуваат струја преку „ЕСМ продажба“ по 80 евра за мегават-час. Но затоа другите големи потрошувачи се препуштени да набавуваат по берзански цени, Потребни се државна помош, енергетско преструктурирање или барем што повеќе идеи што активно ќе се разгледуваат од сите засегнати страни: од Владата, од работодавачите, од бизнис-заедницата, од енергетските експерти, па дури и од синдикалните организации. Тоа значи дека и ако евентуално се добие поевтина струја од извоз, како што се тврди, сепак, Македонија треба недвосмислено да инсистира да обезбеди оптимално решение за обезбедување електрична енергија од домашно производство. Второ, експертите од областа на енергетиката решително сугерираат дека патот за опстанок на вкупното домашно индустриско производство на компаниите треба да опфати и порадикални мерки на рестрикција. На пример, индустријата да работи втора и трета смена, а дел од електричната енергија што е субвенционирана за граѓаните да се пренасочи во индустријата! Тоа не е никаква политичка слабост, според нив, туку тоа е мерка за спас и на индустријата и на компаниите, и на работните места, а и на граѓаните, затоа што доколку „стопанскиот замаец“ продолжи да работи, макар и на минимум, тогаш ќе останат во живот и индустријата и вработените, кои ќе можат да си ги плаќаат своите секојдневни расходи. Во спротивно, ако згасне индустријата, ќе нема ниту плати ниту пари за плаќања на редовните животни обврски од страна на граѓаните, па попусто би била и дадената бенефицирана цена за струја на домаќинствата, кога ќе немаат од каде да платат. Теоријата на „сврзаните садови во општествените текови“ потоа го предвидува текот на настаните кон „силен социјален удар“ со тешки општествени последици.
Опасноста од пропаст на големи компании што вработуваат многу луѓе и понатаму постои
– Цените на берзата во Будимпешта во моментот се добри за разлика од летниот период. Но нема никаква гаранција дека состојбата ќе остане вака. Дури некои предвидувања се дека по Нова година драстично ќе имаме пораст на цените на струјата. Така што опасноста од пропаст на големи компании што вработуваат многу луѓе и понатаму постои – изјави Ангел Димитров, раководител во компанија од текстилниот сектор.
Цената на струјата вчера, на унгарската ХУПЕКС-берза, која е релевантна за нашите трговци што го снабдуваат либерализираниот пазар на електрична енергија на кој се големите компании, забележа значителен скок во однос на претходниот. Еден мегават-час базна електрична енергија вчера се продаваше за 204,54 евра, и тоа е за 57,12 отсто повеќе отколку завчерашниот ден. Таканаречената пикова цена (кога има најголема потрошувачка) се продава за 258,82 евра за мегават-час и таа е дури за 77,15 отсто. Компаниите велат дека во октомври на слободниот пазар плаќале во просек по 400 евра за мегават-час, во септември просекот беше 600 евра, а во август околу 700 евра.
Експертите во областа на енергетиката велат дека проблемот со недостиг од домашна поевтина струја трае со години, а нашата земја зависи од увозот на поскапа енергија.
– Македонија со години своите потреби за струја ги задоволува до 70 отсто, остатокот е од увоз. Со сегашната енергетска политика им се задоволуваат потребите на домаќинствата и помалите потрошувачи од стопанството, но затоа поголемите потрошувачи се оставени на милост и немилост на трговците со струја, кои заработуваат на сметка на производните компании. Излезот од оваа состојба постои, но ако се сака да се најде решение. Едното е да се произведе повеќе домашна енергија, но за тоа недостига јаглен или преку ангажирањето на „ТЕ-ТО“ за потребите на големите потрошувачи. Доколку домашната енергија се користи порационално и се изврши порамномерна распределба за сите потрошувачи, може да се „ослободи“ дел од домашната струја и таа да се пренамени за потребите на индустријата. Тоа може да се направи и преку усогласување на цените за домаќинствата и за фирмите и ако им се објасни на граѓаните дека со мало покачување на сметките за струја, тие може да добијат пониски цени на производите, кои им се потребни за живот, и, секако, со зачувување на нивните работни места – ни изјави Константин Димитров, од МАЦЕВ.
Не партиски надмудрувања, туку организиран и заеднички приод за производство и штедење електрична енергија!
Проблемот со високата цена на струјата деновиве беше повод и за медиумски расправии меѓу партиите од власта и од опозицијата. Опозицијата обвини дека власта не успева да ги стави домашните капацитети во целосна функција, односно дека се користат само 50 отсто од РЕК „Битола“ и од „Осломеј“.
– Доколку се зафатеа со работа, само со 70 отсто капацитет од РЕК „Битола“ и од „Осломеј“ ќе се покриеја во целост домашните потреби и бизнисот ќе плаќаше евтина струја. Еквивалент од струјата произведена во хидроакумулациите, ветерниот парк „Богданци“ и ТЕЦ „Неготино“ ќе можеше во целост да се извезе, а тоа се над 6.000 мегавати дневно – информираа од ВМРО-ДПМНЕ. Одговорот од Владата беше дека АД ЕСМ завчера произведе 11.036 мегават-часа електрична енергија, од кои во термоцентралите се произведени 8.780, а во хидроцентралите и во ветерниот парк „Богданци“ 2.256 мегават-часа. АД ЕСМ завчера целосно им ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети, соопштија од Владата. М.Ј.