Критички текстови кон 44 значајни изданија од современи македонски и регионални автори се собрани во новата збирка со книжевни осврти „На полпат: (критика или молк)“ од писателката Оливера Ќорвезироска. Книгата, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, содржи рецензии и колумни пишувани во периодот од 2016 година до денес. Книгата е поделена на три дела, со осврти кон актуелни домашни, балкански и интернационални изданија.
– Книжевната критика е неодминлив дел од творечкиот опус на Оливера Ќорвезироска. Нејзиното критичко око е вперено најчесто кон современата македонска продукција, но и кон регионалната и поретко – светската книжевност во од – вели Бисера Бендевска, уредничката на изданието.
Во „На полпат: (критика или молк)“ можат да се прочитаат рецензиите на Ќорвезироска за победниците на престижната награда „Роман на годината“: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, „Песот со тажен поглед“ на Оливера Николова, „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, како и кон добитникот на наградата „Стале Попов“ – романот „Маџун“ од Влада Урошевиќ и „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, кој ја освои наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман. Во книгата се застапени и критички осврти кон изданијата од повеќе значајни домашни автор од новата генерација: Румена Бужаровска, Калина Малеска, Елизабета Баковска, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски… Во изданието се (ре)објавени и рецензиите за книги од дел од најпочитуваните регионални автори: Миљенко Јерговиќ, Дарко Цвјетиќ, Лана Басташиќ, Дамир Каракаш, Кристијан Новак, Огнен Спахиќ, Стефан Тиќми, Александра Јовановиќ и Владимир Зарев.
– Во ова изместено време на многу писатели и малку читатели, реткост е да се најде некој што посветено чита и пишува книжевна критика. Уште поретко е да се најде писател што чита и што пишува книжевна критика. Од ова, уште поретко е да се најде добар писател што чита и што пишува книжевна критика. А најретко од сè е да се најде добар писател што чита и што пишува добра книжевна критика, а токму тоа е она што се споило во оваа книга – вели писателката Елизабета Баковска во својот осврт кон книгата.