Деновиве се одбележуваат 120 години од основањето на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) од Санкт Петербург, како и 82 години од смртта на Димитрија Чуповски, истакнат македонски национален деец
Поводи
Од денешна перспектива, ако се земат предвид постојаните негирања на македонските национални особености, активностите на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) и Чуповски имаат уште поголемо, дури колосално значење, затоа што токму тие, во едни од најкритичните историски моменти на напади и негирање на македонскиот народ, многу јасно ги заштитуваа и промовираа македонските интереси пред Европа и светот. По повод основањето на МНЛД и смртта на Димитрија Чуповски, во рамките на научноистражувачкиот проект „Димитрија Чуповски (1878−1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград (1902−1917)“ се одржа научна конференција, на која имаше излагања за значењето на споменатото другарство, како и за континуитетот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
МНЛД промотор на потребата од национално, јазично, политичко и
културно единство на Македонците
Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) од Санкт Петербург, во историската меморија на македонскиот народ останува вечно врежано како промотор на теорија што укажуваше на потребата од национално, јазично, политичко и културно единство на Македонците. Беше создадено на 28 октомври 1902 година, од страна на Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Стефан Јакимов Дедов, д-р Гаврил Константинович и други. При основањето го носи патронатот на Св. Климент Охридски, а со Уставот од 1903 година на Св. Кирил и Методиј. На 12 ноември 1902 година, МНЛД испратило меморандум до руската влада во кој биле манифестирани македонските национални интереси. Според некои од историчарите и научниците, споменатиот меморандум всушност е првата македонска национална програма во која се бара признавање на македонскиот народ како посебна нација и народ, со посебен јазик, црква и граници.
Проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја истакнува дека појавата на „Македонски глас“, како официјален орган на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), е една од најзначајните македонски периодични публикации, печатена од македонската емиграција, од 9 јуни 1913 година до 20 ноември 1914 година, а под редакција на Чуповски. Според Ристовска-Јосифовска, дебатите во списанието може да се анализираат како полн израз на македонските гледишта. Таа исто така нагласува дека редакцијата обjaвувала прилози низ повеќе рубрики, главно поврзани со Македонија и Македонците: историски и етнографски прегледи, политички анализи и акти, писма на читатели и дописници, како и страници со дела на македонски и руски поети и писатели. Меѓу другото, во март 1913 година била објавена и првата карта на етнографска Македонија (во колор), изработена од Чуповски, а сепаратно во колор и на македонски јазик: „Карта Македонија по програма на македонските народници“.
Д-р Билјана Ристовска-Јосифовска посочува дека во почетокот на 21 век, за нас стануваат аксиоми идеалите на Чуповски и интелектуалната елита собрана околу Македонското научно-литературно другарство, а слоганот на насловната страница од неговиот орган „Македонски глас“ е сѐ уште жив. Како што посочува Ристовска-Јосифовска, македонската академска култура е етаблирана, со македонски јазик (меѓународно признаен, стандардизиран, со свои јазични политики и наука за јазикот), со научна мисла во сите области и со академски образовни и научни институции (како дел од нашето општествено милје, вклучувајќи и своја академија на науките и уметностите како највисока научна инстанца).
„Македонски глас“ орган на независна Македонија
Списанието „Македонски глас“ било уредувано од страна на редакцискиот совет на Македонската колонија во Санкт Петербург, Царска Русија. Издавач бил Димитрија Чуповски, а одговорен уредник И.П. Кулезнев. Како лозунг под насловната страница на првиот број биле објавени зборовите на Борис Сарафов: „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците“.
Покрај Македонците, како соработници на списанието се јавуваат и голем број Руси, како и припадници на некои од балканските народи. Во „Македонски глас“ биле објавени меморандуми, соопштенија и апели на Македонската колонија во Санкт Петербург, кои всушност биле изразување на македонската мисла за обединувањето и ослободувањето на македонскиот народ, како и за создавање независна македонска држава.
Димитрија Чуповски афирматор на македонската национална мисла
Денес се одбележуваат 82 години од смртта на Димитрија Чуповски, истакнат македонски национален деец, публицист, филолог, картограф и општественик. Тој останува запаметен како еден од најдоследните афирматори на македонската национална мисла, односно бранител на македонска самобитност и посебност. Тој е еден од основачите на Македонското научно-литературно другарство, но и основач на неколку други македонски здруженија, како што се словеномакедонското национално-просветно друштво „Св. Кирил и Методиј“, руско-македонското благотворително друштво „Св. Кирил и Методиј“ и Македонскиот револуционерен комитет во Санкт Петербург.
Како претседател на Македонското научно-литературно другарство, активно разговарал со руските власти, како и со дипломатските претставници на Османлиската Империја и Австро-Унгарија во Русија со намера да обезбеди поддршка за идејата за оформување независна македонска држава. Во декември 1912 година, заедно со Петар Поп Арсов ја организира т.н. Македонска конференција, која имала цел да се спречи поделбата на Македонија, а наедно да се афирмира идејата за македонската државност. Заминува во Лондон и во Париз, каде што пишува статии за македонската државност, а ја објавува и првата карта на Македонија во боја и на македонски јазик. Во овој период го објавува и Меморандумот на Македонците. Како промотор на македонските национални интереси, започнува да го издава списанието „Македонски глас“ во Санкт Петербург. Д. Ст.
Научна конференција во рамките на научноистражувачкиот проект „Димитрија Чуповски (1878−1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград (1902−1917)“
Во рамките на научноистражувачкиот проект „Димитрија Чуповски (1878−1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград (1902−1917)“, на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ (2020−2022) се одржа третата, наедно и завршна научна конференција. Научниот собир се одржа по повод 120 години од основањето на Македонското научно-литературно другарство и 82 години од смртта на македонскиот национален деец Димитрија Чуповски.
Во рамките на конференцијата се одржаа две одделни сесии, со реферати на членови на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), научни работници од Институтот за историја и Институтот за македонски јазик, како и универзитетски професори. На научната конференција беа претставени излагања за Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) во Санкт Петербург во врска со македонскиот јазик, литература, култура, историја и народ, во балкански и европски контекст.