Оваа година во јули, 66.545 граѓани што потекнуваат од земји што не се членки на Европската Унија по првпат поднеле барање за меѓународна заштита во некоја од земјите-членки на Унијата, што е мал пораст во однос на претходниот месец
Според месечните податоци за азил на „Евростат“
Во јули 2022 година, 66.545 баратели на азил (граѓани од земји што не се членки на Европската Унија) првпат поднеле барање за меѓународна заштита во некоја од земјите-членки на Унијата, што е за 265 лица повеќе отколку во јуни 2022 година. Иако во релативна смисла, ова е доста мал пораст од 0,4 отсто. Во споредба со јули 2021 година (44.760 баратели) има зголемување од 49 отсто на вкупниот број барања.
Во јули 2022 година беа регистрирани и 5.860 последователни баратели (луѓе што повторно поднеле барање за азил по донесена одлука по претходно барање), што е намалување од седум отсто во споредба со јуни 2022 година и зголемување од два отсто во споредба со јули 2021 година.
Оваа информација доаѓа од месечните податоци за азил што ги објави „Евростат“. Во написот се претставени неколку наоди од подеталниот извештај за месечна статистика за азил.
Сиријци се повеќето баратели на азил по првпат
Во јули 2022 година, Сиријците беа најголемата група лица што бараа азил (9.010 баратели по првпат). По нив следуваат Авганистанците (8.150), пред Венецуелците (3.665), Пакистанците (3.555) и Колумбијците (3.505).
Во март 2022 година имаше голем пораст на украинските баратели на азил (од 2.370 во февруари на 12.890 во март) поради специјалната воена операција на Русија во Украина. Бројките се намалуваат секој месец: 1.510 во април, 1.295 во мај, 975 во јуни и 950 во јули. Тоа е така затоа што луѓето што бегаат од Украина имаат привремена заштита.
Германија со најголем број баратели на азил по првпат
Со 14.095 баратели на азил по првпат регистрирани во јули 2022 година, Германија и натаму важи за земја-членка на Унијата што пријавува најголем број баратели на азил по првпат во ЕУ, што претставува 21 отсто од вкупниот број. По Германија, следуваат Франција (10.890, 16 отсто) и Австрија (10.625, 16 отсто), пред Шпанија (8.745, 13 отсто) и Италија (5.105, осум отсто). Овие пет земји-членки заедно сочинуваат три четвртини (74 отсто) од сите баратели на азил по првпат во ЕУ.
Азил во ЕУ побарале 3.400 малолетници без придружба
Во јули 2022 година, 3.400 малолетници без придружба првпат поднеле барање за азил во земјите-членки на ЕУ, што е за 60 отсто повеќе во споредба со јули 2021 година (2.130) и за 17 отсто повеќе во споредба со јуни 2022 година (2.905). Ова е меѓу земјите-членки на ЕУ за кои се достапни податоци.
Најмногу малолетници без придружба што поднеле барања за азил во јули 2022 година потекнуваат од Авганистан (1.475), Сирија (735), Сомалија (225) и од Пакистан (140).
Трите земји-членки што добија најголем број барања за азил од малолетници без придружба во јули 2022 година беа Австрија (1.270), со зголемување од 11 отсто во споредба со јуни 2022 година, Германија (485), со зголемување од девет отсто, и Холандија (450), со пораст од 70 отсто.
Поради привремени отстапувања, податоците за барателите на азил не се достапни за Данска, Кипар и Шведска, а за малолетните баратели на азил без придружба за Франција, Кипар и Полска. Како резултат на тоа, овие земји-членки не беа вклучени во пресметката на соодветните збирови на ЕУ.