Новите пазари и несанкционираните тактики се дел од стратегијата на Русија за надоместување на загубите
И понатаму се набавуваат енергенти од Русија
Предводени од САД и од Европската Унија (ЕУ), санкциите врз огромниот енергетски сектор на Русија ја принудија руската економија да ги замени загубите од европскиот пазар со легална и со несанкционирана продажба на енергија. Во САД, претседателот Џо Бајден издаде извршна наредба со која се забранува увоз на руски нафтени деривати, течен природен гас (ЛНГ) и производи од јаглен од 8 март 2022 година. ЕУ, која е далеку поголем пазар за руската енергија, ќе престане со увоз на најголем дел од руската сурова нафта во декември, а два месеци подоцна ќе престане да увезува рафинирани руски нафтени деривати.
Сепак, нафтата не е единствениот извор на енергија што Русија го произведува, а САД и ЕУ не се единствените пазари за тие производи. Испораките на нафта се сè уште релативно стабилни за Русија, бидејќи нациите како Кина и Индија го искористија фактот што земјите на ЕУ решија да се одвикнат од нафтата, а Русија сè уште има ЛНГ, јаглен и нуклеарна енергија за да ѝ помогне на економијата да се одржи.
Со цел да ги направи нафтените производи попривлечни за клиентите како Индија и Индонезија, Русија понуди многу големи попусти, во просек од 30 долари за барел, наспроти суровата нафта од типот „брент“, која исто така беше придобивка за Шри Ланка, Пакистан, Бангладеш и Куба, како и сите економии во развој кои се борат со инфлацијата, како што објави „Бизнис инсајдер“. Земјите како Кина, Индија и Турција се покажуваат како желни партнери за руската горивна индустрија, при што Турција го удвои увозот на руска нафта оваа година и се натпреварува да стане центар за трансфер на руски ЛНГ во Европа по оштетувањето на нафтоводите „Северен тек“.
Помеѓу април и јули, Кина, која е најголемиот светски потрошувач на енергија и најголем клиент на сурова нафта, купила 17 отсто повеќе руска сурова нафта отколку што имаше во истиот период во 2021 година, според „Ројтерс“. И покрај големите попусти, цената на нафтата е сè уште многу повисока отколку што беше во 2020 година, пред коронавирусот, дозволувајќи ѝ на Русија да донесе повеќе пари од извозот на нафта, иако производството е намалено, според истражувањето на Френк Умбах за експертската група „Геополитички разузнавачки служби“ со седиште во Лихтенштајн.
Рускиот енергетски пазар не ја сочинува само нафтата
Рускиот природен гас се носеше преку гасоводот „Северен тек 1“, кој беше оштетен во септември, и обезбедуваше околу 40 отсто од природниот гас во Европа пред украинскиот конфликт, според „Ројтерс“. Но, иако Европа се обидува да се оттргне од рускиот гас преку инвестиции во норвешко гориво, сепак рускиот ЛНГ го наоѓа својот пат до европските пазари преку товарните бродови, како што напиша Хавиер Блас во „Блумберг“.
Дури и кога гасоводот „Северен тек 1“ е надвор од функција, а испораките на гас се насочени кон Кина, европските земји увезуваат рекордни количества на руски ЛНГ по пазарни цени, според „Блумберг“. Франција купила околу шест отсто повеќе руски ЛНГ помеѓу јануари и септември оваа година отколку цела мината година. Шпанија веќе го собори својот рекорд за руски увоз на ЛНГ оваа година, а Белгија е на пат да го стори истото. Влоговите за увоз на природен гас се малку поинакви отколку за руската нафта, бидејќи ЕУ не воведе санкции против него за разлика од нафтените деривати, иако блокот има намера да ја елиминира зависноста од руските фосилни горива до 2027 година.
Азиските пазари, исто така, се во игра. До јули оваа година, рускиот увоз на енергија во Кина се зголеми за седум отсто во однос на 2019 година, според податоците на кинеската царина анализирани од „Ројтерс“. Помеѓу април и јули, Кина купи 50 отсто повеќе ЛНГ и шест отсто повеќе јаглен од Русија отколку што имаше во истиот период во 2021 година, привлечена делумно од пониските цени. Во договорот од февруари стои дека Кина ќе добие нов гасовод за природен гас од Русија.
Индија, исто така, стана главен купувач на руска енергија, особено нафта, иако во претходните години ретко увезуваше руска сурова нафта. Поради ниските цени на руската сурова нафта, Индија набавуваше рекордни 950.000 барели дневно во јуни, но со зголемувањето на цените оттогаш го намали тој број на околу 477.000 барели дневно во септември. Индија го зголеми и увозот на јаглен од Русија, откако забраната на ЕУ за рускиот јаглен стапи во сила на 10 август. Забраната ги спречи сите испораки на јаглен во блокот по четиримесечниот период и им забранува на сите европски осигурителни и финансиски фирми да работат со руски извоз на јаглен, како што објави „Блумберг“. Иако Русија е еден од најголемите светски извозници на јаглен, со околу 17 отсто од пазарниот удел, извозот на јаглен претставува само околу еден отсто од руската економија. И покрај тоа што клиентите како Индија и Кина увезуваат големи количества по високи цени, извозот на јаглен не може да направи значителен пад во економијата на Русија.
Севкупно, Русија заработила околу 158 милијарди евра од продажбата на фосилни горива од февруари до септември, според извештајот на Центарот за истражување на енергија и чист воздух. Половина од тоа, околу 85 милијарди евра, се од набавките од ЕУ. До крајот на септември, таа сума надмина 100 милијарди евра или околу 260 милиони евра дневно, иако ЦРЕА забележа пад на рускиот извоз во септември, а приходите на Русија од извозот на фосилни горива се намалија за околу 14 отсто.
Додека фосилните горива добиваат поголемо внимание, Русија е исто така лидер на пазарот за нуклеарна енергија. Руската нуклеарна технологија, како и горивото, досега ги избегна значителните забрани од ЕУ, како што објави „Си-ен-би-си“. Русија продолжува да инвестира во својата нуклеарна технологија, а нуклеарните постројки во многу земји зависат од руската технологија и соработка за да функционираат, дури и ако тие директно не увезуваат руско нуклеарно гориво, се вели во извештајот на Роберт Ајкорд за Атлантскиот совет.
Русија разви методи за избегнување на санкциите
Русија има многу методи што може да ги користи за да ги избегне санкциите за продажба. Еден од нив е со помош на бродовите кои имаат „комплексни сопственички структури“ или често пловат под други знамиња на земји за да го прикријат нивното потекло. Некои руски танкери, наводно, пловат под знамињата на Сент Китс и Невис и Маршалските Острови.
Според истражувањето на Умбах, „повеќе руски нафтени танкери испорачуваат без пријавена дестинација“, при што руската државна бродска компанија „Совкомфлот“ одби да достави информации за крајната точка за една третина од својата флота во април, според „Стратеџик комент“. Според „Вол стрит џурнал“, околу 11,1 милиони барели нафта биле испорачани на тој начин во април. Без одредена дестинација, нафтата може да се пренесе од брод на брод за да се прикрие нејзиното потекло.
Според Умбах, друга тактика што ја користеа земјите под санкции, а сега и Русија, за да го прикријат потеклото на нивните нафтени деривати е да го мешаат со нафта од други земји. „Ројал дач шел“ пренесуваше нафта според овој метод од април, со образложение дека компанијата била обврзана да го стори тоа според претходните договори и со тоа што смесата содржи само 49,99 отсто руска нафта, целиот производ повеќе не бил од руско потекло. „Шел“ подоцна вети дека ќе престане да прифаќа рафинирана нафта со која било руска нафта и рече дека ќе продолжи со планираното исфрлање на сите деривати од руската сурова нафта.