Иако билo слабо вооружeнo населението на Битола, дури и монасите жестоко му се спротивставиле на многу помоќниот и повеќеброен непријател за да го спречат турскиот аскер во намерата да ги потурчи. Црковните хроничари ја споредиле судбината на битолските маченици со судбината на четириесетината војници во римската војска што биле гонети во времето на Ликиниј

ПО СЕДУМ ВЕКА ОД ХЕРОЈСКИОТ ОТПОР НА МОНАСИТЕ ОД „СВ. ГЕОРГИ ПОБЕДОНОСЕЦ“

Хроничарите запишале. Во средината на 14 век, пред повеќе од седум века, османлиските војски тргнале да го покорат Балканскиот Полуостров. Откако без борби го освоиле Прилеп, ја опколиле и Битола. Но тука се судриле со силен отпор од страна на населението, кое било многу побожно и религиозно, на што укажуваат и податоците дека во Битола во тоа време имало дури седумдесет цркви и манастири, поради што градот бил нарекуван Манастир.
Иако билo слабо вооруженo населението на Битола, жестоко му се спротивставило на многу помоќниот и повеќеброен непријател за да го спречат турскиот аскер во намерата да го потурчи.
Во таа нерамноправна битка, во отпорот на своите сограѓани им се придружиле и триесет и девет монаси од манастирот „Св. Георги Победоносец“, кои молејќи се за цело време на борбите го храбреле народот да издржи во таа нерамноправна борба.
Во настојувањето да ја задржат својата вера, тие како оружје ги користеле божјата промисла и вербата во бога и верата. Кога виделе дека битката е изгубена, се повлекле во манастирот. И што се случило?
Се верува дека преку некои поткажувачи Османлиите успеале да дознаат каде се криеле монасите, па ги заробиле. Се обиделе со ветување богатство да ги скршат нивната вера и отпор, потоа и ги измачувале, но сe било попусто.
Длабоко погоден од начинот на кој 39-те монаси им се спротивставиле на Османлиите, Турчинот по име Хасан, кој бил преведувач, трогнат од цврстината и смирението на 39-те маченици, одлучил да им се придружи на монасите и наместо тие, тој го сменил своето верување во христијанското православие, па така од 39 станале 40.
Таквиот чин толку многу ги разбеснил Турците, кои неколку дена по поробувањето, во март 1385 година, сите четириесетмина маченици ги изнеле на битолскиот Баир и им ги отсекле главите, а нивните тела ги расфрлиле на планината Пелистер.
Оттогаш местото каде што биле погубени мачениците се вика Кркадаш, турски збор што значи дека таму биле убиени браќа.

На ова место, кое за битолчани станало свето, подоцна со доброволни прилози и донации е изградена црква што го носи името „Четириесет битолски маченици“.
Во оваа црква секоја година на денот на пролетта неколку илјади битолчани масовно се собираат и се потсетуваат на легендата.
Легендата за 40-те маченици зборува дека иако во изминатите децении околината каде што е изградена црквата, на битолскиот Баир, многупати страдаше од пожари, пламените јазици никогаш не успеаја да го дофатат храмот.
Црквичката е изградена точно до големиот бел камен каде што биле убиени 40-те маченици. Каменот и денес е неделив дел од црквата. Прилепен е однадвор на еден од ѕидовите, па тука верниците палат свеќи. Од другата страна на ѕидот, внатре во црквата, направено е посебно место со икони и кандила, а тече и лековита вода.
Пред десет години, во октомври 2012 год., со одржување голема литија низ Битола и со црковна богослужба од страна на највисоките црковни великодостојници на МПЦ, предводени од архиепископот Стефан, во црквата „Св. Димитриј“, пред илјадници верници сите 40 маченици беа прогласи за светители.
Тој октомвриски ден, Битола наликуваше на Ерусалим, бидејќи илјадници граѓани што излегоа на улиците да ја поздрават литијата фрлаа цвеќиња и зелени гранчиња, како што прават верниците во Израел.
Тогаш архиепископот Стефан ги нарече мачениците македонски духовни херои.
– Почитувањето на некој светител не е само во чинот на канонизирањето, туку обратно, секогаш вбројувањето во списокот на светите се случува како последица на сенародното почитување. Овие наши духовни херои ни покажаа како се брани верата, не со оружје туку со мир. Дури и од манастирот „Симоно Петра“ од Света Гора ја напишаа службата за битолските маченици зашто со своите духовни очи видоа во Македонија и црква и верен народ – изјави тогаш г.г. Стефан.

Црковните хроничари ја споредиле судбината на битолските маченици со судбината на четириесетината војници во римската војска што биле гонети во времето на Ликиниј.
Ним, кога ги извеле на суд пред војводата, тој им се заканил дека ќе им ја одземе војничката чест, еден од нив, Свети Кандид, одговорил: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“.
Црквичето „Четириесет битолски маченици“ во Битола е симбол на страдањата на битолчани и на битолските верници.
Но местото каде што таа е изградена, на битолскиот Баир, е симбол на верата на битолчани во Бога и во пораките на 40-те маченици дека во сите битки најсилно оружје се пораките за мир.