Како резултат на својата педантност, Ватрослав Облак во својот труд „Македонските студии“ запишал повеќе од сто збора што се карактеристични за македонскиот јазик. Меѓу многубројните типични македонски зборови, во споменатиот труд, може да се сретнат и следните: бев, беше, бевме, печев, печеше, печевме, печевте, криев, криеше, криевме, крие, пеев, пееше, пеевме, пеевте, пее, купував, фалев, фалеше, пливав, знаев итн.

ОД ИСТОРИСКИТЕ АРХИВИ ОД ДЕВЕТНАЕСЕТТИОТ ВЕК, ЗАПИСИ НА СЛОВЕНЕЧКИОТ СЛАВИСТ ВАТРОСЛАВ ОБЛАК

Во втората половина на 19 век, во славистиката кулминирало прашањето за јазичната основа на старословенскиот јазик. Спорот се водел околу две теории: панонската теорија, за која се залагал Јернеј Копитар, и македонската теорија, поддржувана од Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак. Кон крајот на 1891 година, словенечкиот филолог Ватрослав Облак заминал во Македонија, каде што ги истражувал македонските дијалекти во околината на Солун, особено македонскиот дијалект во селото Сухо, дијалект што се покажал дека тесно поврзан со старословенскиот јазик. Од истражувањето на Облак произлегол научниот труд „Македонските студии“ (Macedonische Studien), објавен во 1896 година, во кој се констатирани особеностите на македонските дијалекти, но и потврдувањето на македонската теорија за старословенскиот јазик.
Словенечкиот филолог пристигнал во околината на Солун кога на територијата на Македонија биле активни неколку црковни и просветни пропаганди. Тие имале цел да ги асимилираат Македонците преку изучување на туѓите јазици и историја. Во овој период особено била активна бугарската пропаганда, која со поддршка на бугарската влада, особено од премиерот Стефан Стамболов, создала простран образовен систем, кој се состоел од голем број училишта во кои наставата се одвивала на бугарски јазик, а честопати учители биле Бугари пристигнати од бугарската држава.
Поради оваа состојба, Ватрослав Облак во текот на своите истражувања во Македонија настојувал да говори со македонски жители што не ги посетувале пропагандните училишта. Затоа, во овој контекст, самиот Облак вели дека во Солун запознал момче на околу девет-десетгодишна возраст од дебарскиот крај, кое неколку месеци претходно го напуштило својот роден крај и посетувало бугарско основно училиште во Солун. Според Облак, доколку се земе предвид краткиот престој на момчето во Солун, училиштето не можело да влијае врз неговиот дијалект.

Ватрослав Облак слично постапувал и во понатамошниот дел од истражувањето. Самиот тој вели дека кога ги проучувал дијалектите во околината на Солун, настојувал да разговара со жените, бидејќи тие ретко или никогаш не го напуштале родното село на подолг временски период, па на тој начин дијалектот останувал што е можно почист. Облак исто така нагласува дека секогаш пред да разговара со некоја жена настојувал да дознае дали таа потекнува од истото село или град, дали посетувала некое училиште, дали знае да чита или пишува, дали поминала долго време надвор од местото каде што живеела, дали нејзиниот сопруг емигрирал од друго место. Словенечкиот филолог дополнително нагласува: „Дури откако се уверив во нивната автохтоност и неизвалканата чистота на нивниот јазик, ги засновав моите белешки за нивниот јазик“.
Како резултат на оваа педантност, Ватрослав Облак во својот труд „Македонските студии“ запишал повеќе од сто збора што се карактеристични за македонскиот јазик. Меѓу многубројните типични македонски зборови, во споменатиот труд може да се сретнат и следните: бев, беше, бевме, печев, печеше, печевме, печевте, криев, криеше, криевме, крие, пеев, пееше, пеевме, пеевте, пее, купував, фалев, фалеше, пливав, знаев итн.
Истражувачкиот труд „Македонските студии“ е објавен по смртта на Ватрослав Облак, од страна на неговиот ментор Ватрослав Јагиќ. Неговиот ментор како прилог кон истражувачкиот труд приложил и неколку писма испратени од Облак додека престојувал во Македонија. Во едно од писмата можеме да прочитаме: „Словенските дијалекти на Македонија се од особен интерес за словенската филологија од многу причини. Пред сè, тие се строго определувачки по прашањето за татковината на старословенскиот. Дефинитивното решение на старословенското прашање е невозможно без точно познавање на јужномакедонските дијалекти, особено на дијалектот што се зборува во солунската област. Во поново време, интересот за македонските дијалекти е првенствено поврзан со нивниот однос со бугарската и српско-хрватската дијалектна група.

Тоа се однесува на неодамна контроверзното прашање дали словенските жители на Македонија им припаѓаат на Бугарите или на Србите. Од филолошка гледна точка, мора да се постави прашањето дали мнозинството од карактеристичните специфичности на различните македонски дијалекти ја потврдуваат нивната поблиска поврзаност со бугарската или српско-хрватската дијалектна група. Дали жителите се чувствуваат како Бугари или Срби – можат сами да одлучат, тоа не е тема на словенска филологија“.
Ватрослав Облак во едно друго писмо од 21 ноември 1891 година, испратено до својот ментор, информирал дека ја посетил гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ во Солун, која била во надлежност на Бугарската егзархија. Меѓу другото, Облак запишал: „Имам дозвола од директорот на бугарската гимназија да присуствувам на бугарските часови како гостин. Веќе учествував на предавање и открив дека македонските ученици не се особено добри во писмениот бугарски јазик… Добро бев примен од бугарските професори и се надевам дека тие, од кои некои се Македонци, ќе ми дадат информации за локалните услови“. Д.Ст.


Ватрослав Облак – истакнат словенечки славист

Своето образование го започнал во основното училиште во Цеље, каде што го продолжил и гимназиското образование. Но при крајот го напуштил образованието поради заболување од туберкулоза. Потоа го продолжил образованието, меѓутоа поради несогласување со училишните власти се преселил во Загреб, каде што во 1886 година матурирал. Заминал за Виена, каде што студирал словенечка филологија, а на 11 март 1891 се стекнал со титулата доктор на науки. Во Виена добил стипендија со чија помош заминал во Македонија. Бил затворен од османлиските власти, но благодарение на интервенцијата на австрискиот конзул бил ослободен и ја напуштил Македонија. По краток престој во Виена, повторно отпатувал, но овој пат во Далмација, каде што го проучувал чакавското наречје. По запишувањето на факултет започнал со издавање на списанието „Архива за словенска филологија“ и во текот на десет години напишал околу 150 научни статии. Ги проучувал словенечкиот јазик и неговите дијалекти, дијалектите на хрватскиот јазик, како и македонските дијалекти.