Терминот „топлинска изолација“ се однесува на материјали што обезбедуваат значителен отпор кон преминот на топлина. Тоа значи дека топлинската изолација значително ги намалува топлинските загуби на просториите во зима и топлинските добивки во лето. Но со ставањето топлинска изолација на објектот има и други придобивки
Како до поголема заштеда на енергија во текот на енергетската криза
Во текот на енергетската криза, која трае од минатата година, а ќе трае и понатаму, едно од најчестите прашања овие недели е како да се грееме и ќе имаме ли доволно електрична енергија (и за уредите за греење). Дилемите за тоа каков систем (начин, гориво) за греење да се одбере постојат цело време, и порано и сега. Сакам да укажам дека ова е второстепено прашање, а првото треба да биде како да се намалат потребите од енергија, односно да се намали топлинскиот капацитет за греење на станот или, пошироко гледано, на зградите. Тоа може да се дефинира и како една од главните мерки за зголемување на енергетската ефикасност на зградите.
Главната улога за намалување на потребите за греење (и ладење) на зградите се прави со вградување топлинска (термичка) изолација на ѕидовите, покривот (таванот) и подот. Тука треба да се додаде и вградување квалитетни прозорци од новата генерација.
Терминот „топлинска изолација“ се однесува на материјали што обезбедуваат значителен отпор кон преминот на топлина. Тоа значи дека топлинската изолација значително ги намалува топлинските загуби на просториите во зима и топлинските добивки во лето. Но со ставањето топлинска изолација на објектот има и други придобивки:
- Намалување на трошоците за греење
и климатизација за над 50 отсто;
l Опремата за греење и климатизација ќе биде со помал капацитет, т.е. пониска цена; - Инвестицијата ќе се исплати за неколку години;
- Се подобруваат комфорните услови и во зимскиот и во летниот период;
- Се избегнува кондензација на влага
на внатрешните површини на ѕидовите; - Се подобрува звучната изолација;
- Помала потрошувачка на енергија значи
помала емисија на стакленички гасови.
Како изолациски материјали се користат стиропор, минерална волна, полиуретан и др., но најчесто се користи стиропор, особено кај вертикалните ѕидови. Ако се направи споредба на еден вертикален ѕид направен од 20 см тула, двострано малтерисан, без изолација, и ако во истиот ѕид се вгради плус 10 см стиропор, тогаш седум пати помалку топлина се губи низ тој ѕид кога има изолација. Моја препорака е да се вградува најмалку 10 см стиропор на вертикалните ѕидови, а пожелно е од 15 до 20 см. На пазарот кај нас има стиропор со коефициент на спроводливост (ламбда) од 0,04 W/mK, но има и поквалитетни видови стиропор со помал коефициент на спроводливост.
Во Европската Унија (ЕУ) е донесена директива за енергетски карактеристики на зградите. Врз база на овој документ, во РМ е извршена сообразност и донесен е Правилник за енергетски карактеристики на зградите, кој може да се преземе преку интернет од Агенцијата за енергетика на РМ (https://www.ea.gov.mk). Во него се содржани следниве работи:
- Методологија за пресметка на енергетски
карактеристики на зградите; - Минимални барања што треба да бидат
исполнети; - Максимални дозволени коефициенти на
премин на топлина за сите видови прегради; - Контрола на системите за греење
(со котли) и ладење; - Изработка на сертификат за енергетски
карактеристики на зградите (над 250 м2).
Во сертификатот се прикажува вкупна годишна потрошувачка на примарна енергија за 1 м2 корисна површина во текот на една година, [kWh/m2 год]. Во зависност од ова се одредува енергетска класа на зградата (А+, А, В… F). Сертификатот се издава за нови згради и постојни згради на кои се врши значително реновирање.
Сите нови згради мора да се градат според овој правилник. За да се добие градежна дозвола, меѓу другото, мора да се поднесе и документ за потрошувачката на енергија на зградата (или куќата). Во земјите на ЕУ се воведени доста строги критериуми при градба на нови згради. Се бара тие да бидат со приближно нула потрошувачка на енергија, т.е. мало количество на енергија што се обезбедува од обновливи извори на енергија во самиот објект или во близината. Ова се препорачува и во најновиот закон за енергетска ефикасност на РМ од 2020 година.
Најголемиот број објекти изградени во минатото немаат топлинска изолација на ѕидовите или таа е недоволна. Во Стратегијата за енергетски развој на РМ, како и во Националниот план за енергетска ефикасност, е посветено големо внимание на значајно реновирање на постојните згради, односно ставање топлинска изолација и прозорци од нова генерација.
Во Агенцијата за енергетика на РМ (https://www.ea.gov.mk) граѓаните можат да се информираат за пристап до финансирање, грантови или субвенции што ги нудат разни финансиски институции, некои банки, општини и др.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор Машински факултет – Скопје