Дали преземените мерки на регионалните партнери ќе бидат доволни да ја сопрат балканската мигрантска рута / Фото: Игор Бансколиев

СОСТАНОК НА МИНИСТРИТЕ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ НА ЗЕМЈИТЕ ОД БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС

Официјални лица од Западен Балкан и Европската Унија во Берлин договорија мерки за спречување на илегалната миграција на „балканската маршрута“, од кои најважни се усогласувањето на визната политика на западнобалканската шесторка со стандардите на ЕУ и сузбивањето на шверцот со луѓе, соопшти германското МВР. На состанокот на министрите за внатрешни работи како дел од Берлинскиот процес е постигнат договор за ефикасна заштита на границите со поддршка на европската агенција Фронтекс и за процедури за враќање во нивните матични земји на бегалците што немаат правна основа за престој во ЕУ. Министрите и официјалните лица се собраа во Берлин по покана од германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, за да разговараат за сузбивањето на илегалната миграција преку балканската маршрута и борбата против организираниот криминал.
– Европа има заедничка одговорност да го запре нелегалниот влез за да можеме да продолжиме да им помагаме на луѓето на кои итно им е потребна нашата поддршка. Сакаме да ги заштитиме луѓето што доаѓаат кај нас поради војни и политички прогон. Остануваме доследни на нашата хуманитарна одговорност – рече Фесер.
На средбата во Берлин беа поканети министри за внатрешни работи или други релевантни претставници на Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија.
Учествуваа претставници на Европската Унија, меѓу кои и комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, како и претставници на меѓународни организации.
Таканаречениот Берлински процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницира во 2014 година, кога во Берлин се одржа конференцијата за Западен Балкан.
– Сакаме да ги заштитиме луѓето што доаѓаат кај нас поради војни и политички прогон. Остануваме доследни на нашата хуманитарна одговорност – рече Фезер.
Истовремено, како што рече, европските партнери се решени да ја спречат илегалната миграција.
– Ниту еден човек не треба да тргне на лет низ опасни маршрути и да го загрози својот живот, а потоа да нема изгледи да остане во Европа – додаде министерката.
Таа рече дека на средбата, заедно со договорот за миграцијата, е постигнат договор сите европски партнери да сакаат дополнително да ја интензивираат соработката со сите земји од Западен Балкан во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
– Тоа ќе ја подобри безбедносната ситуација не само таму туку и во ЕУ и пошироко – рече Фесер.
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот. Како дел од Берлинскиот процес, секоја година се одржуваат самит и серија последователни состаноци.
Годинава, покрај средбата на министрите за внатрешни работи на 20 октомври, за вчера беше предвидена средба на шефовите на дипломатиите на земјите учеснички, а на 24 октомври е закажана средбата на министрите за енергетика. Самитот на шефови на држави или влади на Берлинскиот процес ќе се одржи на 3 ноември во Берлин.