Последиците од економската и енергетската криза веќе сите ги чувствуваат, што се одразува и во бранот протести и други форми на незадоволство поради неисплатени плати во последно време. Во демократските системи, секој има право да протестира, секој има право да го искаже својот револт поради тоа што не е задоволен од нешто. Меѓутоа и правото на протест е уредено со закон и се знае како и на кој начин се изразува тоа. Никако со лажни дојави или, пак, со блокирани сообраќајници. Не се протестира ниту со прекин на сообраќајот, прекин на работата или други форми на опструкција од кои ќе трпат целото општество и сите граѓани
Вработен во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, вчераутро, анонимно пријавил дека поставил рачна бомба во еден од автобусите. Градските автобуси беа повлечени од сообраќај, а екипите за антитероризам веднаш се мобилизираа и вршеа проверка на возилата. Вработениот одлучил дека, штом не зел плата, ќе предизвика хаос, па така, поради него, целата метропола беше закочена.
Луѓе доцнеа за работа, деца на училиште, вчераутро секој се снаоѓаше како знаеше и умееше. Се ѕвонеше по роднини, пријатели, броевите на такси-компаниите се вжештија, сѐ поради тоа што некој одлучил дека на тој начин ќе ја истера својата правда. Истовремено нанесувајќи огромна неправда кон сите други, од морална гледна страна, настрана што за вакви случаи следува и соодветна кривична одговорност.
Лицето потоа заврши во притвор, а надлежните ја смирија топката. Нагласија дека ги провериле возилата и дека сѐ е во ред. Автобускиот превоз полека се врати во нормала.
Дојавите за бомби не се новитет ниту кај нас, ниту во соседните земји, ниту пак во светот.
Иако горенаведениот случај не е дел од криминална мрежа за дестабилизација на државата, односно станува збор за поединец кому едноставно му дошло прекуглава, дојавите за бомби се моќно оружје на криминалните организации. Со нив се дестабилизира цел еден безбедносен систем на една земја.
Овие закани предизвикуваат огромна штета на економијата и на самиот безбедносен систем, бидејќи полицијата мора да реагира на секоја дојава, а тоа значи дека онаму каде што има зголемено полициско присуство, на друго место полицијата недостига. Најпрво се создава паника на местата со голема фреквенција, а при таквите панични ситуации може да се случат мноштво несакани појави. Ваквите дојави го исцрпуваат безбедносниот систем, кој секоја ваква закана мора да ја третира како сериозна, додека не се констатира дека истата таа е лажна.
Сведоци сме само колку се чести дојавите за бомби во соседна Србија, каде што властите речиси секојдневно се борат со лажни пријави.
Факт е дека проблематиката со лажни дојави за поставени бомби и експлозиви на Балканот од изминатиот период доаѓа до израз во актуелниот период поради неколку причини: на меѓународен план извор за оваа појава се настаните во Украина и други воени жаришта низ светот, додека на внатрешен план како извор за настани од оваа област може да се наведат: политичко-економските состојби, последиците од пандемијата на ковид-19, одредени психопатолошки состојби кај поединци, рефлексија на одредени случувања, кризи итн. Иако не често, и нашата држава не е имуна од овие негативни појави.
Впрочем, последиците од економската и енергетската криза веќе сите ги чувствуваат, што се одразува и во бранот протести поради неисплатени плати во последно време. Во демократските системи секој има право да протестира, секој има право да го искаже својот револт поради тоа што не е задоволен од нешто.
Меѓутоа и правото на протест е уредено со закон и се знае како и на кој начин се
изразува тоа. Никако со лажни дојави, или пак со блокирани сообраќајници. Не се протестира ниту со прекин на сообраќајот, прекин на работата или други форми на опструкција од кои ќе трпат целото општество и сите граѓани.
Денес превозниците нема да возат, утре енергетичарите ќе штрајкуваат и ќе исклучат струја, потоа Водостопанство ќе ја исклучи водата, па на пекарите ако нешто не им е по ќеф, нема да прават леб… Иако засега хипотетички, каде ќе нѐ одведе ова?
Вчераутро многу луѓе останаа извисени, без превоз, деца доцнеа на училиште, луѓе на прегледи, на работни места… Замислете, ако за време на пандемијата, која траеше две години, докторите одлучеа да штрајкуваат, па да не нѐ примаа во болници? Дали е ова решение? Не. Но од сегашните протести и штрајкови треба да се извлече и поука.
Веројатно тоа е само почеток на најавената криза и тешката зима што нѐ очекува на секој план, и на економски и на енергетски и на социјален. Немаштијата, беспарицата, високите сметки, високите цени на храната се нашата нова реалност со која мора да се соочиме. Но да се соочиме трезвено и со ладни глави. За да можат надлежните институции и органи да бараат решенија за надминување на прблемите.
Да се насочиме сите заедно кон барање ефикасни и брзи решенија од кризата, а не кон гасење социјални бунтови или губење време и енергија на лажни дојави и слично.
Мора сите заедно кохезивно да успееме да ја пребродиме и победиме и оваа криза, која удира по сите нас на еден или на друг начин.
Зашто деструкцијата ќе доведе до хаос, од кој ќе страдаме сите. Насилството раѓа насилство, а таквите примери треба да ги елиминираме во вакви ситуации, кога целиот свет се соочува со огромни економски и енергетски предизвици.
Долг е патот до излез од кризата.
Ако на почетокот на кризата ни се случува ова, што ли ќе биде во јануари, февруари, кога се очекува и врвот на кризата.
Обединете се, помагајте си и однесувајте се конструктивно и одговорно, без опструкции, насилство и деструктивно однесување. Тоа никому никогаш не му донело ништо добро.