Соочени со постојаниот раст на цените на храната и горивата, кај македонските потрошувачи преовладува перцепцијата дека плаќаат највисоки цени во споредба со некои поразвиени европски земји. Зошто е тоа така и зошто цените на храната и на горивата во Македонија се многу повисоки отколку во европските држави, иако, од друга страна, животниот стандард и платежната моќ кај нас се многу пониски отколку во развиените европски држави
СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА И ГОРИВАТА КАЈ НАС И ВО СВЕТОТ
Македонските граѓани влегуваат „неподготвено“ во соочувањето со сѐ повисоките цени на основните производи и горивата, кои во последната недела го достигнаа максималното ниво. Минатиот месец во Македонија беше забележана нова рекордна стапка на инфлација. Државниот завод за статистика пресмета дека трошоците на животот се зголемиле за 18,7 отсто во однос на истиот месец лани. Во однос на август, пак, инфлацијата изнесува 1,6 отсто и покажува тренд на забрзување во однос на периодот јули – август, кога изнесуваше 1,3 отсто. Двигател на растот повторно е храната, па следува ставката домување. Кај храната, растот на годишно ниво изнесува 28,7 отсто, кај домувањето 19,4 отсто. Скапата храна повлекува поскапување во угостителскиот сектор, па, така, според пресметките на статистичарите, рестораните во септември биле за 26,1 отсто поскапи во однос на истиот месец лани. Кај храната, најбрз месечен раст има цената на млекото. За еден месец ставката млеко, сирење, јајца поскапела за 7,3 отсто. На годишно ниво растот изнесува 36 отсто. Лебот на годишно ниво има највисок раст на цената, од 47,7 отсто.
Соочени со повисоките цени во маркетите и со намалената платежна моќ, кај македонските потрошувачи, кои не се во можност да ги задоволат секојдневните потреби за храна, преовладува перцепцијата дека плаќаат највисоки цени во однос на некои поразвиени европски земји, каде што висината на платите е далеку над македонската минимална плата од 18.000 денари, која ја зема најголем број од населението. Деновиве во јавноста повторно се пренесуваа информации за пониските цени за одредени производи во земјите од регионот, во споредба со цените во Германија и други европски земји. На списокот на производи што се поевтини во Германија отколку во Македонија влегуваат различни прехранбени производи, како и средства за хигиена, облека и обувки. Зошто е тоа така и зошто цените на храната и на горивата во Македонија се многу повисоки отколку во европските држави, иако, од друга страна, животниот стандард и платежната моќ кај нас се многу пониски отколку во развиените европски држави?
Германските потрошувачи плаќаат пониска цена за путерот, кој просечните потрошувачи во Србија, на пример, одамна го замениле со поевтиниот и не толку квалитетен производ – маргарин. Пакување од 250 грама путер во мегамаркет во Германија можете да купите за 2,29 центи (270 динари/142 денари), додека во продавниците во Македонија тоа е доста поскапо.
Млекото на германските пазари пред почетокот на кризата чинеше едно евро, сега чини едно евро и 10 центи, но кај нас цената на млекото е повторно повисока отколку во Германија. Особено се големи разликите во цените на хемиските производи за домаќинство.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) излегоа со барање да се замрзнат цените на производите, а не на маржите. Исто така, од март годинава постојано добиваат претставки од граѓаните кога влегуваат во супермаркетите, кои реагираат на цените, но и на квалитетот на производите што се во фрижидерите, кои се вклучени да ладат на помало ниво за да се заштеди електрична енергија!
– Како организација за заштита на правата на потрошувачите, не сме во можност да ги следиме цените на производите на основните производи на дневно ниво. Ние ги користиме податоците што ги изработува синдикатот за висината на месечната потрошувачка кошничка за основните прехранбени производи. Во овие споредби треба да се внимава не само на цената туку и на квалитетот за одреден производ. Се покажа дека ограничувањата на маржата не може да го спречат порастот на цените на производите. Трговците при иста маржа ќе одредат повисока цена, под образложение дека набавната цена им е повисока. Но останува актуелно прашањето зошто некои производи се поевтини во странство отколку во домашните маркети и пазари. Дали само повисоката цена на енергијата може да биде причина и за повисоките цени, ако знаеме дека и странските трговски производители и трговци плаќаат исто високи цени за енергија? Зошто исти производи што се увезуваат се со пониска цена од домашните производи? И уште една појава што бара дополнително истражување е како некои домашни производители ги пласираат своите производи во странство по пониска цена од таа што им се наплатува на македонските потрошувачи. Како тогаш им се исплати да продаваат за пониска цена во странство, ако велат дека имаат зголемени трошоци на производство – забележува Маријана Лончар од Организацијата за заштита на потрошувачите во Македонија.
Кај македонските потрошувачи подолго време има реакции за движењето на малопродажните цени на прехранбените производи, кои не соодветствуваат со движењата на цените на храната на светско ниво. Глобалниот индекс на цени за прехранбените производи во септември 2022 година се намали и неговиот тренд е во надолна линија последните неколку месеци по ред. Организацијата за храна и земјоделство во Обединетите нации (ФАО), која ги следи месечните промени на меѓународните цени во основната потрошувачка кошничка на прехранбени производи, објави дека во септември глобалниот индекс е на ниво од 136,6 поени и е понизок за 1,1 отсто во однос на август, но е за 5,5 проценти повисок во споредба со претходната година, пренесе Танјуг. М.Ј.