Второто прашање е дали е потребно сезонско усогласување на стрелките на часовникот, односно зимско и летно? Одговорот е НЕ. Ние треба да останеме на летно сметање на времето по источно европско време. Во времето на СФРЈ, кога бевме како и сега во групата на држави со централно европско време, но без сезонско поместување, односно само на летно сметање, работниот ден отпочнуваше во седум часот наутро и завршуваше во петнаесет часот попладне. Тоа значи дека одевме на работа и се враќавме од работа со денска светлост и во зимски услови
Часовникот како показател на времето треба да биде усогласен според природниот феномен на изгревање и заоѓање на сонцето во текот на едно деноноќие, кое зависи од положбата на одредена држава на Земјината топка. Добро поставеното означување на времето директно се одразува на биоритамот на луѓето и нивните активности, а со тоа особено на расположението, продуктивноста и најпосле на заштедата на енергија.
Земјината топка во текот на едно деноноќие прави едно завртување околу својата оска, со што одредена област, држава или населено место на Земјата одредено време ќе биде свртено спрема Сонцето – ден, а одредено време свртено на спротивната страна од Сонцето – ноќ.
За да се лоцира одредена точка, држава или населено место, потребни се два параметри, географска ширина и географска должина. Географска ширина е позицијата северно или јужно од екваторот, како имагинарна линија што ја дели Земјината топка на два дела во однос на нејзините географски полови, Северен и Јужен. Географска должина е позиција источно или западно од имагинарната линија Гринвич (GMT – Greenwich Mean Time), која ја дели Земјината топка со вертикална линија од Северниот до Јужниот Пол, односно по оската на која Земјината топка се врти во круг. Географската должина претставува круг од триста и шеесет степени, кој Земјината топка го формира со една еволуција, односно една точка во времетраење од дваесет и четири часа повторно ќе се најде на иста поставеност спрема Сонцето.
Кога ќе се поделат триста и шеесет степени со дваесет и четири часа, доаѓаме до заклучок дека одредена точка на Земјината топка за време од еден час поминува петнаесет степени од географската должина. (Во практика се пресметува како два полукруга, сто и осумдесет источно и сто и осумдесет степени западно од Гринвич.) Битна е и географската ширина со земање предвид на деклинацијата на Земјината топка во однос на рамнината на Сончевиот Систем, но таквoто образложување е во рамките на посериозно научно експозе.
Каде временски припаѓа нашата држава? Таму каде што сонцето изгрева и заоѓа усогласено со стрелките на часовникот во однос на дневните активности и сообразно со други држави што се во рамките на петнаесет степени од географската должина. Во рамките на „нашите“ петнаесет степени се Романија, Бугарија, Грција и други, каде што времето се пресметува како источноевропско, а не како што сега ние го сметаме по централноевропско време, во кое спаѓаат Белгија, Франција, Германија и други држави. Да го извлечеме првиот заклучок, ние треба да ги поместиме стрелките на часовникот за еден час напред и времето да го сметаме по источноевропско време. Овде не мислам на сезонско поместување, туку сега, со летното сметање на времето, да се изедначиме со земјите од источноевропската група, Романија, Грција, Бугарија и Турција. Тоа исто така би требало да го направат и Србија и Косово.
Второто прашање е дали е потребно сезонско усогласување на стрелките на часовникот, односно зимско и летно. Одговорот е НЕ. Ние треба да останеме на летно сметање на времето по источноевропско време. Во времето на СФРЈ, кога бевме, како и сега, во групата на држави со централноевропско време, но без сезонско поместување, односно само на летно сметање, работниот ден почнуваше во седум часот наутро и завршуваше во петнаесет часот попладне.
Тоа значи дека одевме на работа и се враќавме од работа со дневна светлина и во зимски услови. Денес работниот ден, со ретки исклучоци, започнува по осум часот наутро. Да погледнеме кога имаме дневна светлина со сегашното летно сметање на времето во средината на октомври – наутро е зора нешто по шест часот, а навечер е мрак околу осумнаесет часот. Ако се поместиме на источноевропско време, ќе имаме зазорување по седум часот и мрак околу деветнаесет часот. Бенефициите се сериозни од аспект на заштеда на енергија, но, според мене, многу поважно од аспект на оптимизам и позитивно расположение на луѓето, што носи и поголема продуктивност. Наутро кога ќе станете, дури и да е замрачено, знаете дека наскоро ќе огрее сонце и ќе започне денот, но попладне ќе си одите дома и сѐ уште ќе имате ден пред вас. Обратно, ако за време на утринската зора вие спиете и се будите со дневна светлина, тоа повеќе личи на промашено утро и, многу пострашно од тоа, попладне си одите дома во целосен мрак и со неизбежна депресија.
Битно е да напоменеме дека државите од Централна Европа се усогласени со „раѓањето“ и со заоѓањето на сонцето, па така во Париз или во Франкфурт налето се стемнува по десет часот, а наутро се разденува околу седум часот, сообразно на работниот ден. Нивен проблем е само сезонското усогласување, кое најверојатно во скора иднина ќе биде отфрлено.
Сметам дека и училиштата со вака намален број на ученици немаат проблем со простории, па треба да воведат едносменско работење, кое ќе започнува од девет часот наутро и ќе завршува со дневна светлина. Наставниците, барем кај тие во основно училиште до четврто одделение, да бидат во осум часот на работа за да можат да ги примат децата чии родители треба да ги донесат и да одат на работа. Работниот ден, и со доаѓање на еден час пред децата, нема да им биде подолг од шест часа. Кога сме кај должината на работниот ден, мислам дека никој не е продуктивен со подолг работен ден од шест часа. Неопходна е добра организација и тие шест часа да бидат ефективни. Но тоа е друга тема.
Да заклучиме, во согласност со старата африканска поговорка, „подготви се за сон кога сонцето заспива, буди се кога зората ќе зазори“, која е практикувана речиси од сите познати успешни луѓе во светот, бизнисмени, спортисти, политичари, научници, па дури и естрадни уметници, ние му припаѓаме на источноевропското време и откако ќе го усогласиме така времето, да останеме на летно сметање на времето. Тоа значи, наместо поместување на стрелките на часовникот наназад за еден час ноќта помеѓу триесетти и тресет и први октомври, да ги поместиме за еден час нанапред.
Кире Илиевски
Авторот е теоретски физичар и автор на романот „Мемоарите на Алберт Ајнштајн“