Со света божествена архијерејска литургија во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“, вчера продолжи процесот на прогласување на преподобниот Кирил Пејчиновиќ за светител. Процесот на канонизација на Кирил Пејчиновиќ за македонски светител почна во саботата, со воскресна вечерна богослужба во Лешочкиот манастир
Македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ влезе во редот на македонски светители, добивајќи го името Свети Кирил Лешочки, по неговата канонизација од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, викендов, на 15 и 16 октомври. Денот за празнување на преподобниот Св. Кирил Лешочки ќе биде 25 март. Со света божествена архијерејска литургија во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“, вчера продолжи процесот на прогласување на преподобниот Кирил Пејчиновиќ за светител. Процесот на канонизација на Кирил Пејчиновиќ за македонски светител почна во саботата, со воскресна вечерна богослужба во Лешочкиот манастир. Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, во сослужение со архијереите на Светиот архијерејски синод (САС) ја изврши канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ во преподобен Св. Кирил Лешочки. Епископот хераклејски Климент ја прочита одлуката на САС на МПЦ-ОА за вбројување на Кирил Лешочки во редовите на светите.
– Разгледувајќи го предлогот за канонизација во светител на преподобниот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки врз основа на Уставот на МПЦ и внимателно проучувајќи ги неговиот животен пат и пастирски подвиг, како и чудата што се случуваат по неговите молитви и непрестаното почитување од православниот народ, Светиот архијерејски синод на МПЦ на вонредна седница на 10 мај 2022 ја донесе оваа одлука: Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го вбројува преподобниот во редот на светите. Чесните останки на светиот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки се свети мошти, а за датум на негова прослава се определува 25 март по нов стил. За новоканонизиранот светител е живописана икона и е напишано житие, акатист, утрена и вечерна богослужба – прочита епископот Климент.
Архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, го истакна значењето на Св. Кирил Лешочки не само како свештено лице туку и како просветител и подучувач на народот.
– Со своите проповеди и писанија, па и со својата вкупна дејност се истакнал во преродбенскиот период во времето кога на нашиот народ му требала поука како да го љуби Бога, како да ги сака луѓето и зошто треба да ги чува своето писмо и својот јазик, следејќи го примерот на светите браќа Кирил и Методиј и Светиот Климент Охридски – порача г. г. Стефан.
Пред олтарот во соборниот храм во Тетово беше поставен кивот со моштите на новиот светител, а до него беше поставена икона со изобразен лик на Кирил Лешочки, изработена од зографот Кирил Златанов.
Кој е Кирил Пејчиновиќ?
Кирил Пејчиновиќ е роден околу 1771 година, во тетовското село Теарце. Своето образование го стекнал во манастирските школи, во „Св. Пречиста Кичевска“ и во манастирот „Хиландар“ на Света Гора. Манастирските школи што ги завршил Пејчиновиќ можеа да му дадат елементарни познавања на писменоста и релативно добри познавања на теолошката литература и црковната организација. Најголем дел од своето образование Кирил го стекнува во Света Гора, во прочуениот манастир „Хиландар“. Откако го зел на себе името на големиот словенски просветител Кирил Солуњанин, во почетокот на 19 век се вратил од Света Гора во родниот крај. Дејствувал во Лешочкиот и Кичевскиот манастир. Како игумен на Марков манастир, Пејчиновиќ се споменува веќе во 1801 година. По доаѓањето во запуштениот и ограбен Марков манастир, задужбина на Марко од Прилеп, Кирил Пејчиновиќ работи на неговата обнова. По обновувањето на манастирските конаци и манастирската економија, Пејчиновиќ за да ја задоволи потребата од прирачни богослужбени книги почнал да ја обновува и манастирската библиотека. Собирал стари книги и ракописи од запустените околни манастири, кои постојано ги посетувал.
Недостигот од прирачни богослужбени книги за потребите на парохиското свештенство, напишани на мајчин јазик, достапни до народот, а со кои истовремено ќе ги задоволи своите духовни потреби, ќе го натера Пејчиновиќ да ја напише и испечати прочуената книга „Огледало“. Ова дело на Кирил Пејчиновиќ претставува една релативно мала прирачна книга, требник, која содржи неколку молитви и потребни текстови за разни обреди, неопходно потребна на секој парохиски свештеник за вршење на неговите религиозни обреди. Набргу по пристигнувањето во Марков манастир, делото на Пејчиновиќ печатено во универзитетската печатница во Будим, во 1816 година, подврзано во кожа и испечатено со разбирлив јазик и писмо, станува многу популарно и него го има речиси секој свештеник во Македонија. Поради недостиг од печатени примероци од делото на Пејчиновиќ, кое било во употреба во сите делови во Македонија, веднаш се појавуваат и преписи на одделни делови од „Огледало“.
Во „Огледало“, најголем дел Пејчиновиќ ќе посвети на една долга беседа, проповед, што зафаќа повеќе од половината книга. Додека молитвите се дадени на црковно-словенски јазик, проповедта Пејчиновиќ ќе ја напише на разбирлив, живописен народен македонски говорен јазик, на тетовскиот говор. Оваа беседа на Пејчиновиќ е еден редок документ што ни ја дава сликата на македонското селанство во почетокот на 19 век, јазикот од оваа беседа е главен елемент што делото на Пејчиновиќ го постава во историјата на македонската книжевност.
Според записите од тоа време, може да се види дека Пејчиновиќ, пред да го напушти Марков манастир, оди во „Хиландар“, каде што се советува со татка си и стрика си. Откако добива согласност од хиландарските братија, како и од татка си и стрика си, Пејчиновиќ по враќањето во Марков манастир, кон крајот на 1817 или во почетокот на 1818 година, ќе замине во родното место Теарце. По доаѓањето во Теарце, го возобновил Лешочкиот манастир. Бил негов игумен од 1818 до 1830 година и во него како монах останал до крајот на својот живот.
Како добар организатор, Кирил набргу го издигнал манастирот. Ја обновил црквата, подигнал конаци, отворил школа и собрал околу себе луѓе што ги сакаат просветата и книгата. Пејчиновиќ во манастирот за кратко време организирал интензивен живот. Манастирската школа на Пејчиновиќ почнала живо да работи, подучувајќи и стари и млади. На своите ученици тој им давал да препишуваат разни работи и така ги подготвувал за самостојна книжевна и просветна работа. На своите патувања Пејчиновиќ собирал од запустените манастири стари ракописи и книги и создал една убава манастирска библиотека. За Пејчиновиќ, книгата треба високо да се цени, зашто, како што вели, „да не е писмо све би се заборавило, и Бог дали има или нема не би се знаело“.
Пејчиновиќ, како и неговите современици, поимот вера го идентификува со поимот националност. Патувајќи по околните и подалечните населени места, Пејчиновиќ држел проповеди и го подучувал христијанскиот народ.