Алберто Хорасио Супичи, селекторот на првиот светски првак Уругвај, веќе на првото СП постави рекорд, откако со 31 година стана најмлад селектор што некогаш победил на светското првенство во фудбал. Потоа на разни рекордерски листи како селектори на светските прваци се запишаа и Поцо, Мореира, Загало, Шен, Бекенбауер, Пареира, Сколари, Дел Боске, Дешам…
ВО ПРЕСРЕТ НА 22-ТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ ВО КАТАР (3)
Од 13 до 30 јули 1930 година, првото Светско првенство (СП) за фудбалери се одржа во Уругвај и тоа засекогаш го промени фудбалот, откако она што почна како турнир, со покана со само 13 репрезентации, се разви во гигантот што го знаеме денес. Маркантниот фудбалски турнир е еден од најследените спортски настани во светот, на кој свој печат оставија голем број фудбалери, но и селектори, а некои од нив се рекордери во разни категории.
СП 1930 е единствено за кое не се одржаа квалификации, сите што настапија беа поканети (Аргентина, Бразил, Боливија, Чиле, Мексико, Парагвај, Перу, САД, Франција, Белгија, Романија и Југославија и домаќинот Уругвај). Тој мундијал се одржа во уругвајскиот главен град Монтевидео на три стадиони. Стадионот „Сентенарио“, со капацитет од 90.000 места, изграден како прослава за стогодишнината од независноста на Уругвај, беше централното место на инаугуративното СП. Наведен како „храм на фудбалот“ од претседателот на ФИФА, Жил Риме, „Сентенарио“ беше домаќин на 10 од 18 натпревари на СП 1930, а над 93.000 гледачи го наполнија стадионот за финалето помеѓу Уругвај и Аргентина. Натпреварот беше драматичен. По 12 минути, Пабло Дорадо ги доведе домашните во предност, но Карлос Пеучеле израмни само осум минути подоцна. Во 37. минута, Гиљермо Стабиле ја доведе Аргентина во предност со 2-1. Домашната селекција се врати во второто полувреме, кога Педро Цеа израмни. Сантос Ириарте постигна гол во 68. минута за прво водство на Уругвај, а Хектор Кастро ја запечати победата во 89. минута. Тој 31 јули беше прогласен за национален празник во Уругвај во чест на историската победа.
ПРВО СП И ПРВ СЕЛЕКТОРСКИ РЕКОРД
Веќе на првото СП беше поставен рекорд во категоријата селектори, кој е актуелен и денес. Алберто Хорасио Супичи, селекторот на првиот светски првак Уругвај, имаше 31 година кога ја предводеше својата репрезентација до титулата на тоа СП, во 1930 година. До денес тој го држи рекордот за најмлад селектор што некогаш победил на светското првенство во фудбал.
На следните две светски првенства се испиша нова селекторска приказна, откако Виторио Поцо во 1934 година на домашен терен ја водеше Италија до светската титула, а четири години подоцна во Франција и до втората, со што стана единствениот селектор што двапати бил светски шампион. Згора, Поцо има и златен олимписки медал од Летните олимписки игри во 1936 година.
На СП 1950 во Бразил селектор на светскиот првак Уругвај беше Хуан Лопез, кој првите тренерски чекори ги направил под палката токму на Супичи и кој го предводеше Уругвај во познатиот меч наречен „Мараканазо“, во кој Уругвај го победи Бразил на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, за својата втора планетарна титула. Сеп Хербергер беше селектор на Германија на СП 1954 во Швајцарија, кога Германија ја освои својата прва светска титула, по победата во финалето познато како „Чудото во Берн“. На Хербергер му се припишуваат неколку познати изјави денес, како „Топката е тркалезна“ и „Мечот се игра 90 минути“, како и „Времето по меч, е време пред меч“.
Висенте Феола му ја донесе првата титула на Бразил, на СП 1958, во Шведска, шампионат на кој Феола на светот му го претстави сега легендарниот Пеле, тогаш 17-годишен фудбалер. Тоа е и единственото светско првенство играно во Европа на кое победила репрезентација од Јужна Америка.
МОРЕИРА ЈА ОСВОИ ТИТУЛАТА САМО СО 12 ФУДБАЛЕРИ
Следната титула на Бразил како селектор му ја донесе Ајморе Мореира, во 1962 година, на СП играно во Чиле, на кое во историјата на мундијалите еден селектор на шампионот употреби убедливо најмалку фудбалери на мечевите на патот до титулата, само 12 (веројатно би играл со истите единаесетмина на сите мечеви, но Пеле се повреди во групната фаза и не го доигра тоа СП).
Алф Ремзи на СП 1966 ја предводеше домашната репрезентација на Англија до досега единствената светска титула, а неговата фудбалска филозофија беше „тимот што победува не се менува“, што го потврди со оставањето во тимот на Џеф Харст за финалето, во кое тој постигна хет-трик (единствен фудбалер што постигнал три гола во финале на СП).
На СП 1970 во Мексико нова историска страница испиша еден селектор, Марио Загало, предводејќи го Бразил до третата титула и станувајќи првиот што светска фудбалска круна освоил како фудбалер (во 1958 и во 1962 година) и како селектор.
Хелмут Шен беше селектор на Германија на СП 1974 во Германија, за втората титула на таа репрезентација. Шен е рекордер на светските првенства со најмногу мечеви (25) и најмногу победи (16) и прв што ги освои европската и светската титула едноподруго (европски првак во 1972 година). Тој како селектор од мундијалите има и сребро (1966) и бронза (1970), како и второ место на континенталните првенства (1976).
Цезар Луис Меноти беше кормилар на Аргентина за првата титула на таа репрезентација, на СП 1978 во Аргентина, а четири години подоцна во Шпанија третата титула на Италија како селектор ѝ ја донесе Енцо Беарцот, рекордер меѓу селекторите на таа репрезентација, со 104 меча на клупата. Аргентина својата втора светска титула ја освои со Карлос Билардо како селектор, во 1986 година, во Мексико, спречувајќи го во финалето Франц Бекенбауер, селектор на Германија, да влезе во историјата на СП како втор, по Загало, со светска титула како фудбалер и како селектор. Четири години подоцна, во Италија се одигра финалето во кое тој можеше да го достигне Поцо со две последователни титули, но тогаш Бекенбауер влезе во историјата на СП, на листата на која дотогаш беше Загало (Бекенбауер беше светски првак како фудбалер во 1974 година).
Четвртиот светски трофеј на Бразил, на СП 1994 во САД, го донесе Карлос Алберто Пареира, кој е единствен со шест настапи на мундијалите како селектор. Франција првата титула ја освои на домашен терен во 1998 година, со Еме Жаке како селектор, во финале во кое на спротивната страна беше Бразил со Загало во неговиот обид да стигне до уште една титула како селектор.
Бразил ја освои рекордната петта титула во 2002 година на Мундијалот во Јужна Кореја и во Јапонија, а селектор беше Луис Фелипе Сколари, кој е рекордер со најмногу победи во низа на светските првенства, 11. Во 2006 година, Италија во Германија стигна до четвртата титула со еден од најуспешните тренери во светот, Марчело Липи.
ДЕШАМ ИМ СЕ ПРИКЛУЧИ НА ЗАГАЛО И НА БЕКЕНБАУЕР
Висенте дел Боске беше кормилар на Шпанија за нејзината прва титула, на СП 2010 во Јужна Африка и прва за една европска селекција на СП играно надвор од Европа (четири години подоцна тоа го направи и Германија). Дел Боске со 59 години стана највозрасниот селектор со светска титула. Четвртиот триумф на Германија на мундијалите дојде во 2014 година во Бразил, со Јоаким Лев, селектор со најдолг стаж во Европа, кој претходно со Германија ја освои светската бронза во 2010 година, а беше помошник (на Јирген Клинсман) за уште едно трето место, во 2006 година.
Дидие Дешам со триумфот како селектор на Франција на СП 2018 во Русија се приклучи на елитната листа, на која се Загало и Бекенбауер, како трет што светската титула ја освоил како фудбалер (1998) и како селектор. И тој и Бекенбауер светската титула како фудбалери ја освоија како капитени на репрезентациите.
Четворица селектори имаат светско злато и сребро, и тоа Шен (победник во 1974 година, вицешампион во 1966-та), Бекенбауер (титула во 1990-та, сребро во 1986-та), Билардо (трофеј во 1986-та, вицешампион во 1990-та) и Загало (победник во 1970-та, второпласиран во 1998-ма).
Ниту една репрезентација досега не освоила светска фудбалска титула со селектор странец, а најблиску до тоа, со настап во финале, беа Шведска на СП 1958 со Англичанецот Џорџ Рејнор и Холандија на СП 1978 со Австриецот Ернст Хапел. Г.М.