Ивица Боцевски
Ќе падне ли актуелниот изборен модел пред Уставниот суд? Деновиве бев учесник на цела серија неформални средби во Скопје каде што еден круг на адвокати, политолози и новинари дискутираше за целисходноста од поведувањето иницијатива пред Уставниот суд за оцена на уставноста на актуелниот македонски изборен модел. На следните неколку средби, овој кружок дополнително ќе се прошири и со математичари и филозофи, кои ќе се произнесат за проблемите врзани со внатрешната логика на изборниот модел. Интригантен е спојот на практичари и на луѓе од академската фела, со разнородни политички и филозофски светогледи, а кој сврзувачкото ткиво го пронаоѓа во дебатите за суштинските проблеми со кои се соочува современа Македонија, во актуелниот момент на нејзиното постоење. Се разбира, прашањето за културниот геноцид низ кој брутално поминува македонската нација е на врвот на сите грижи, но постои и цела низа прашања од практичното живеење и од практичната политика што придонесоа кон севкупната ерозија на организираниот живот во земјата.
Едно од круцијалните точки е токму заштитата на демократскиот карактер на државата, но и осигурувањето дека Македонија ќе продолжи да се развива како унитарна држава, со полна заштита на правата на сите заедница, исклучувајќи дискриминација на кое било малцинство, но и спречувајќи апартхејд кон мнозинството, процес што, за жал, го живееме од 2017 година, а посебно по насилната, наметната и неправедна промена на името.
Зошто токму изборниот модел и зошто токму сега? Демократскиот принцип на избирање во македонскиот устав е изразен преку алинеја два на членот 22, која гласи: „Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање“. Со рамковниот договор, пак, е предвидено дека „суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат“, како и дека „не постојат територијални решенија за етничките прашања“. Токму на тие две точки се размислува да биде нападнат актуелниот избирачки систем, поточно на дефиницијата што значи „еднакво“ кај избирачкото право, како и кај оцената дали изборниот модел го загрозува „унитарниот карактер на државата“, односно дали нуди „територијални решенија за етничките прашања“.
Еднакво избирачко право во земјите од Европската Унија веќе не значи само активно и пасивно избирачко право (во превод од „правнички македонски јазик“ тоа е правото да се гласа и правото да се кандидира), туку и еднаква вредност на гласот. Поаѓајќи од таа дефиниција за еднаква вредност на гласот, во земјите-членки на Европската Унија веќе се формира став дека „еднакво“ значи и „сразмерно“, односно „пропорционално“ што ќе значи дека секој изборен модел мора да се труди и да тежнее колку што е можно повеќе да ја отслика изборната волја на граѓаните во мандати за партиите во законодавниот дом, а притоа секој пратеник да претставува горе–долу еднаков број на граѓани. Од оваа причина, на следните средби пред да донесеме одлука да продолжиме со иницијативата за оцена на уставноста на изборниот модел пред Уставниот суд, ќе поканиме и математичари, кои ќе треба да се произнесат околу еднаквоста на гласот на граѓаните во Македонија.
За жал, од воведувањето на актуелниот изборен модел, па сè до последните избори, принципот на еднаквост на гласот е нарушен, па така на последните избори бележиме една ненормална дискрепанца, која не може никако да се оправда, математички, логички или политички. На партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) во 2020 година за избор на еден пратеник ѝ биле доволни 6.980 гласачи, додека, пак, за партијата Левица требало да гласаат 18.713 граѓани за да добие еден пратеник, разлика од неверојатни 168 отсто проценти во вредноста на гласот. Оваа разлика е производ исклучиво на актуелниот изборен систем затоа што воведување една изборна единица на национално ниво ќе го намали бројот на пратеници за ДУИ, а ќе го зголеми за Левица, па ќе се дојде до прифатливи разлики (во тој случај ДУИ ќе добива еден пратеник на 7.479 избирачи, а Левица на 7.485). Нееднаквоста на гласот го нарушува и принципот на претставништво во парламентот, па создава неправедна распределба на мандатите и дава несразмерна моќ на партија што не заслужила таква тежина во Собранието, односно ги онеправдува граѓаните што ѝ го дале гласот на партијата (партиите) што биле оштетени при дистрибуцијата.
Покрај оваа точка, актуелниот изборен модел е „територијално решение“, па создава етнички доминантни изборни единици што не ја отсликуваат разноликоста на Македонија како држава. Не само тоа, туку пред секој изборен циклус се прецртува изборната карта и се создаваат неприродни изборни единици што не се втемелени на никаков логичен принцип. Шестата изборна единица е изворот на оваа аномалија, како некакво територијално решение каде што албанската заедница е во мнозинство.
Политичката наука нема многу закономерности, но за етнички, јазично и религиозно сложени држави, како Македонија, секогаш се препорачуваат центрипетални решенија, кои ја интегрираат целата заедница, наместо центрифугални решенија што дополнително ја цепат и ја фрагментираат. Оттука, спорна е и географската поделба на изборните единици затоа што го нарушува унитарниот принцип, посредно изразен во самиот Устав, а и непосредно опишан со рамковниот договор (овој документ е внесен во преамбулата како еден од изворите на актуелниот устав што е предмет за посебна дебата).
Овие две точки полека ја даваат рамката на иницијативата за оцена на уставноста на изборниот модел. Уставниот суд не би требало да има премногу дилеми околу оваа иницијатива ако се повика на слични одлуки пред други уставни судови на земјите–членки на Европската Унија, како и на препораките на Венецијанската комисија.
Притоа, имајќи ги токму предвид активностите на сличните институции низ демократска Европа, Уставниот суд може јасно и да го ограничи просторот за законодавците при нивното идно договарање на нов изборен модел, повикувајќи се на еднаквоста на гласот и на унитарниот карактер на државата. Тоа ќе значи дека Македонија, секако, ќе се дефинира како една изборна единица, а прашање на креативност е како да се изразат и локалните специфики преку воведување персонализиран пропорционален модел со логични едночленски изборни единици (поранешните 34 општини се едно решение, евентуално проширени за уште десетина јасни микросредини). Второто прашање, пак, би бил изборниот праг, негово прецизно определување за да се спречи влез на екстремисти или на моментални изблици во националниот законодавен дом, а притоа да се овозможи понизок изборен праг за малцинските партии или за нив воопшто да нема бариера.
Покрај тоа, во разговорите се спомна и за враќање на можноста за отповик на градоначалниците и на советите, опцијата што порано постоеше во Законот за локална самоуправа, претставувањето на пратеничките групи и во сите управни и надзорни одбори на владините институции, агенции, јавни претпријатија и акционерски друштва со државен капитал, како и преобмислување на директниот избор на претседателот, но тоа е предмет за посебни дебати.
По цели дваесет години употреба, актуелниот македонски изборен модел стана пречка за натамошниот демократски развој на земјата. Време е за нов демократски исчекор и за натамошна демократизација на Македонија!