Придавката „женска“ пред именката „литература“ има свое оправдување само затоа што, веројатно, сѐ уште се навикнуваме на поголемо учество на жената во сферата на творештвото и на листите на наградените. Но токму фактот што сѐ уште пред книгите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува. И покрај позитивните примери, како овој со Нобелот за литература
Октомври е месецот на прогласување на најпрестижните награди, Нобеловите, кои сѐ уште, и покрај многубројните спорни одлуки и скандали (одамна е апсолвирано дека не секогаш најдобрите победуваат, туку наградата е резултат на разни влијанија и лобирања), се исчекуваат со посебно внимание од светската јавност. Веројатно поради нејзината долга историја и престиж, кој не успеале да го заматат ни многубројните повремени критики. Една од најспомнуваните забелешки е што само околу пет отсто од лауреатите во 120-годишната традиција биле жени. Родовата нееднаква застапеност отсекогаш е поразувачки податок што може да се сфати како доказ за систематско занемарување на жените. Еден од најпознатите примери за (не)доделување на наградата за жена ја вклучува астрофизичарката од Северна Ирска, Џозелин Бел Барнер, која ги открила неутронските ѕвезди во 1967 година. Барнер објавила труд заедно со својот советник Антони Хјуиш. На крајот, само тој и неговиот колега Мартин Рајл во 1974 година добиле Нобелова награда за ова откритие.
Во времиња во кои се зборува многу за родовата еднаквост и диверзитет, очекувањата и од Нобеловата фондација се големи. И не само кога родот е во прашање. Досега најчесто носители на наградата биле стари мажи, белци. Од 1901 година досега, покрај 25 организации, Нобелова награда добиле вкупно 923 различни научници, писатели и миротворци. Портретот на типичниот нобелов лауреат е маж, стар и белец. И така не е само во природните науки. Речиси сите награди се отидени во Европа или во САД, потоа со голема разлика следуваат Јапонија со 28, Австралија со 14, Индија со 12, Јужна Африка со 11 и Кина со осум награди.
Разликата помеѓу половите е најголема кога се во прашање наградите за наука, кои вообичаено ги добиваат стари мажи белци, што се објаснува со тоа дека науката традиционално била доминирана од мажи и дека често се наградувани научни откритија од пред повеќе години. Меѓу наградените има едвај 54 жени, а тоа не се ни шест проценти. Марија Кири има двапати добиено награда – во 1903 г. за физика и осум години подоцна за хемија. Вкупно 12 Нобелови награди за медицина, пет за хемија и три за физика паднале во рацете на жени. Наспроти тоа, имало 17 за мир и 17 за литература.
Жените често биле во сенка на машките конкуренти, особено во научните дисциплини. Многу истражувачи жени што имале значителен придонес на проектите наградени со Нобеловата награда останале без признание. Некои од нив, секако, се Лизе Мајтнер (откритие на ослободувањето енергија при поделба на атомите), споменатата Џоселин Бел Барнел (откривач на брзоротирачките неутронски ѕвезди) или американската астрономка Вера Рубин, која во 1970-тите прва пронајде одржлив доказ за постоењето на темната материја. Наместо тоа, за таа тема наградата ја добија тројца машки астрофизичари, и тоа минатата година.
За среќа, сѐ поретки се скандалите, а се чини и дека работите полека се менуваат, барем кога станува збор за Нобеловата награда за литература. Годинава, во оваа категорија победи жена. Писателките сѐ почесто се појавуваат на оваа листа, особено во последниве две децении, почнувајќи од 2004 г. кога наградата ја понесе Елфриде Јелинек, па потоа, во 2007 – Дорис Лесинг, 2009 – Херта Милер, 2013 – Алис Мунро, 2015 – Светлана Алексиевич, 2018 – Олга Токарчук, 2020 – Луис Глик и годинава – француската писателка Ани Ерно. Се чини како своевиден континуитет ако се погледне списокот, за разлика од некои минати времиња кога од една до друга жена добитник знаеле да поминат и децении.
Ерно е позната по своите навидум едноставни новели пишувани врз основа на нејзините лични искуства со класните и родовите поделби. Таа е наградена за „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“, како што соопшти жирито. Сепак, оваа професорка и феминистка, авторка што отсекогаш тврдела дека е „надвор од круговите на литературата“, но која со години е меѓу кандидатите за наградата, е само 17-та жена што ја добила престижната награда од вкупно 119 нобелови лауреати од почетокот на доделувањето во 1901 година. Вистински напредок е што францускиот претседател Макрон ѝ честиташе на Ерно, нарекувајќи ја „гласот на женската слобода“ и „заборавената возраст“ и покрај тоа што Ерно не е обожавателка на Макрон – таа годинава во интервју за весникот „Либерасион“ беше јасна дека Макрон е многу „бавен“ во поддршката на правата на жените. За чудо, Нобеловата награда како да почнува да чекори со „побрзо“ темпо.
Ја застапувам тезата дека книжевноста нема род, поточно кажано, добрата книжевност е андрогина, не би сакала да ја делам на „машка“ и „женска“ затоа што сметам дека тоа уште повеќе го продлабочува јазот. Придавката „женска“ пред именката „литература“ има свое оправдување само затоа што, веројатно, сѐ уште се навикнуваме на поголемо учество на жената во сферата на творештвото. Но токму фактот што сѐ уште пред книгите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува. И покрај позитивните примери, како овој со годинашниот Нобел за литература.