Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дел од обраќањето на академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, по повод Денот на Македонската академија на науките и уметностите

Од обраќањето на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев, „Нова Македонија“ издвои шест дела од неговиот говор, кои можат и посебно да се читаат. Сите тие извадоци од неговиот говор, на различни општествени полиња, се длабока анализа за актуелните случувања во Македонија, при што академик Коцарев ја вклучува и генезата на појавите и проблемите, но прави и проекција на македонското општество за во иднина. Деловите, пак, поврзани во интегрална целина, односно целиот говор претставува синтеза на една визија во која се препознава силно изразена високоинтелектуална, духовна и емпириска волја конечно сите заедно да зачекориме по патот на сеопшт просперитет и благосостојба


Симулакрум – копија којашто нема оригинал во стварноста

Годинашната прослава на Денот на независноста на Македонија, Владата ја организира под мотото „Обединети во слободата“. Бодријар, во книгата „Симулакруми и симулација“, објавена во 1981 година, зборува за свет во којшто повеќе не е можно да се направи разлика меѓу имагинарното и реалното, меѓу вистината и лагата, „веќе не станува збор за имитација, ниту за дуплирање, па дури ни за пародија“, туку станува збор за создавање симулакрум – копија којашто нема оригинал во стварноста, т.е. семиотички знак што не означува ништо што навистина постои, „стварност без потекло во стварноста“.

Македонските политичари создадоа токму таков симулакрум од македонското општество или, според постмодернизмот, копија која, иако нема оригинал во стварноста, стана вистина самата по себе: хиперреалност. Таква хиперреалност, за жал, опстојува само во мислите на грст недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци, кои погрешно себеси се нарекуваат политичари, а кои не сфаќаат што значи, всушност, умешност да се води политика, и на нивните апологети. Тоа, од една страна, создаде конфузија, посебно меѓу младите, што може да значи почеток на крајното разнебитување на Македонија, а од друга страна, креирањето бесперспективна политика за сите граѓани направи Македонија да стане земја без надеж и без соништа, а животот на нејзините жители неподнослив. Всушност, според моето мислење, Денот на независноста на Македонија требаше да се одбележи под мотото „Разединети во потчинетоста“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инаку, да се потсетиме дека антоним за потчинетост е сувереност. И по триесет и една година независност, за жал, македонските таканаречени политичари и нивните апологети не научија што значи поимот суверенитет. Дел од суверенитетот на секоја држава, па така и на Македонија, го вклучува ексклузивното право на државата да ги регулира своите внатрешни работи, меѓу кои јазикот, националноста, идентитетот, образовниот систем, и да ја негува и развива историската наука. За Македонија е погубно тоа што, за жал, одредени лица, како носители на разни општествено одговорни функции, поради лични, партиски и клиентелистички интереси, регулирањето на македонските прашања поврзани со идентитетот и историјата им го отстапија на надворешните фактори, а пред сѐ на Грција и на Бугарија.


За договорите со Грција и со Бугарија

За неуставните, нелегални, бесмислени и понижувачки договори со Грција и со Бугарија сум пишувал и сум говорел повеќепати, не само јас туку и многу други личности со темелни познавања и со интегритет, така што тука нема потреба да се повторувам, освен да ве потсетам на мислењето на МАНУ пред 20 години: „МАНУ ги смета за сосема основани и ги поддржува предлозите… за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Бугарија и Албанија.., но и во Република Грција, каде што живее бројно македонско национално малцинство“.

Денес, би сакал да проговорам за договорите од една друга перспектива. Стремежот за помирување на различните гледишта за историјата на Балканот е клучен фактор на актуелниот преговарачки пристап, но процесот постојано наидува на нови тешко премостливи пречки кога отсуствува искреното покајување како чин на хуманост. „Врз македонскиот народ во историјата, а тоа, повеќе или помалку, трае и до денес, вршени се невидена репресија, национална асимилација, дискриминација, етничко чистење и преселби на населението“. Во коренот на германскиот збор „помирување“ (Versöhnung) се наоѓа зборот „покајание“ (Sühne). Токму затоа, пред воопшто да се пристапи кон пишување, па потоа и потпишување какви било договори, Македонија мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорни страни кои многу години, па и децении, вршеа геноцид на Македонците и не го признаваа постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Тоа се однесува не само за државата Македонија туку и за највисоката научна и уметничка институција во Македонија, Македонската академија на науките и уметностите. Пред да пристапи кон потпишување или обновување какви било договори за соработка со други институции и академии, Академијата треба да очекува јавно покајание од сите оние институции што со години промовираат радикални и неправедни ставови што го загрозуваат и ги негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, што претставува основен услов за натамошна плодна и конструктивна меѓуакадемска соработка.

Во контекст на изнесеното, да се потсетиме како со години тоа го прават Германците, па затоа ќе цитирам:. „Германците ги депортираа… Германците се обидоа да ги дехуманизираат, да ги сведат на бројки, да го избришат целото сеќавање за нив во логорите за истребување. Не успеаја“, рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, при посетата на Споменикот на холокаустот во Ерусалим, на 23 јануари 2020 година, додавајќи: „Одговорноста на Германија не истекува. Сакаме да ја исполниме нашата одговорност. Со тоа треба да нè оценувате нас“.

Меѓутоа, прашањето дали воопшто можеше и дали воопшто, барем во скоро време, ќе беше можно да се случи помирување на различните толкувања на историјата на Балканот, за жал, според моето мислење, нема афирмативен одговор, особено затоа што некои од државите, т.е. оние што претрпеа незамислива неправда и штета во минатото, во однос на оние што учествуваат во процесот на помирување, се наоѓаат во подредена положба. Само македонските недостоинственици, понизници, среброљупци и властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари, и нивните апологети се слепи и глуви дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава, Македонија, како и врз Македонците во соседните држави Грција, Бугарија и Албанија, и насекаде кадe што Македонците живеат и опстојуваат како народ.


За македонските „политичари“

Мене ми се познати два државни документа со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II, со која се забранува употребата на називот „Македонија“. По повод цензурирањето на Библијата, на пример, во весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страница 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на Светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот ‘Македонија’ во Посланијата на апостолот Павле и инсистира тој збор да биде заменет со ‘Вилаетите Солун и Монастир’ за да дозволи да се печати Библијата“. Вториот документ е Решението на министерот за правда (или неправда) Бојан Маричиќ со кое се забранува употребата на името „Македонија“ при регистрација на правниот субјект Невладино здружение „Млади за Македонија“ од Гевгелија. Каков апсурд, бесмислица и нелогичност – што друго може да се очекува од недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци што погрешно себеси се перципираат и се нарекуваат политичари. Управниот суд со пресуда го поништи Решението на Министерството за правда за забрана на употребата на терминот Македонија при регистрација на правни субјекти и го врати на одлучување во Министерството за правда. Но, без разлика на крајниот исход во однос на регистрацијата, за навек останува дека највисоката правна институција во независна Македонија издала документ со кој се забранува користењето на зборот Македонија!
Во врска со синтагмата „разединети во потчинетоста“, остана уште да го објаснам зборот „разединети“. Македонија е разединета по многу основи, па затоа државата не функционира веќе подолго време во континуитет. Причината за тоа е повторно иста: македонските недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци што погрешно себеси се нарекуваат политичари, поточно нивниот подреден однос кон политичарите од други етнички немнозински заедници или, поконкретно, кон албанските политичари. Во Македонија веќе повеќе години прашањата поврзани со владеењето на правото се подложни на политичко толкување и на политички договор, а таков пример беше и неодамна извршениот попис на населението, како еден пример за практикување на погрешно решавање на проблемите или на нивно создавање (со вклучувањето на нерезидентното население при креирањето развојни политики на земјата), практика пресудна за иднината на државата, а тоа еднаш засекогаш треба да престане. Тоа создаде држава со партизирани институции, преобемна администрација, нефункционално здравство, образование и правосудство, вработување и напредување не по заслуги, туку со користење бесмислени алатки и незаконски процедури, владеење на беззаконието, погазување на Уставот, законите и процедурите, при што Уставот, законите и процедурите се толкуваат произволно и во сопствена корист, без разлика што во Македонија постојат институции надлежни да судат дали е нешто уставно, законско и дали се испочитувани процедурите.

Залудни се сите обиди на мултикултурализмот за надминување на национализмот, залудни се сите политики засновани врз поставување конструктивност во меѓусебните релации и насочени кон зајакнување на комуникациите и меѓуетничката интеграција на граѓаните, залудни се сите промени во учебниците, залудни се сите обиди за соживот, јазот меѓу Албанците и Македонците сѐ повеќе се продлабочува. Додека македонската кауза и борбата за постоење на македонскиот идентитет, народ и јазик веднаш се прогласуваат за национализам, албанските партии вешто ја користат албанската кауза. Македонија не може да опстане ако за албанските партии де факто постојат само два исхода од преговорите за формирање или за опстојување на владата: или ќе биде тоа што тие го бараат или влада нема да се формира или да опстојува. Тоа не е демократски пристап, но, за жал, повторно за тоа исклучиво се виновни македонските недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари.


За македонските интеграции во ЕУ

Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно, годишно, реалниот раст на домашниот бруто-производ изнесува само 1,7 отсто, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на просекот на овој параметар во Европската Унија. Јавниот долг на Македонија, пак, и покрај тоа што бележи значително и загрижувачко зголемување, од 23 отсто во 2008 година на речиси 60 отсто во октомври 2022 година, достигнувајќи го плафонот на својата одржливост, сепак не обезбеди побрз економски раст и развој. Наместо мала и ефикасна, администрацијата во Македонија постојано се зголемува, се партизира и, најчесто, поради несоодветните критериуми при изборот, се одликува со неспособност и неукост (според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, на крајот од минатата година, во јавниот сектор биле вработени 132.088 лица). Македонија, исто така, наместо да го реформира, го уназади образовниот систем и не успеа квалитетно да го заокружи инфраструктурното поврзување, ниту во земјата ниту со соседните земји. Поради отсуство на конзистентен пристап, земјата остана високозависна од увозот на енергенти, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.

Што се однесува на прашањето за интеграцијата во ЕУ, треба да се соочиме со реалноста дека веројатноста Македонија да стане, во следните 30 години, рамноправна членка на Унијата е многу мала. Постојат повеќе причини за тоа: од бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот што сѐ уште не се дел од Унијата, па до противењето на некои нејзини членки да се вклучат нови полноправни членки на ЕУ со право на вето. Зошто во ексклузивното друштво на држави со право на вето, да се примаат нови држави, што во иднина може да ја проблематизираат работата на ЕУ, користејќи го правото на вето? Зошто, на пример, еден граѓанин на кој било град во Европа поголем од Македонија би сакал Македонија да биде членка на ЕУ со право на вето?

Време е, прикривајќи се зад сонот за ЕУ, да престанеме да постапуваме ирационално и неодговорно – на Македонија не ѝ е потребна ЕУ без Македонци, туку демократско општество со стабилен економски раст и развој за сите нејзини граѓани. Наместо да се бориме со ветерници, предлагам да почнеме со градење просперитетна Македонија. Светската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување, енергетска криза, дигитализација и работа од дома. Некои од овие процеси, кои ќе ја одбележат следната декада, имаат структурен и долгорочен карактер. Оттука, потребна е стратегија за национален развој и договор за економски реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат во следните најмалку дваесетина години, а тоа да биде остварено во соработка со МАНУ, универзитетите, коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, надминувајќи ја клиентелистичката и партиска агенда на дејствување на општествените фактори.


Предлог за донесување закон за развој на Македонија

МАНУ во 2023 година, во соработка со сите други општествени фактори, ќе пристапи кон изработка на Националната стратегија за развој на Македонија во следните дваесет години. Но тоа нема да биде доволно и се плашам дека Стратегијата ќе заврши во фиока непрочитана и неимплементирана, како, впрочем, и други документи изработени под водство на МАНУ. Затоа, ако сакаме Македонија да опстои како држава и да се развива во посакуваната насока, за што сум говорел и пишувал многупати во изминатите години, предлагам да се донесе закон за развој на Македонија со кој: (1) Ќе им се одземат ингеренциите на министерствата да подготвуваат стратегии, па, така, ќе се обезбеди континуитет во развојот на државата, од една страна, и стручен и научен пристап во изработката на стратегиите, од друга страна; (2) Стратегиите ќе ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите, стопанските комори и другите општествени фактори, но не политичките и владејачките елити, затоа што тоа претставува конфликт на интереси; и (3) Министерствата ќе бидат обврзани да ги имплементираат подготвените стратегии. Меѓутоа, ова не е доволно: потребно е слабеење на позициите на извршната власт и на администрацијата, намалување на администрацијата, намалување на бројот на ешалоните на извршната власт и изземање на извршната власт во раководењето со јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата – со нив треба да раководат стручни лица, а не неуки партиски послушници. Во спротивно, Македонија не само што нема да има блескава перспектива туку ќе биде доведено во прашање и нејзиното опстојување како држава. А Македонската академија на науките и уметностите ќе стори сѐ што е во нејзина моќ Македонија да се изгради како современа држава со европски вредности, и притоа да ги зачува своите идентитетски белези и својата државност.


МАНУ е денес слика на она што се случува во образованието, науката и уметноста

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Би сакал сосема накусо да се осврнам и на состојбите во куќата со којашто раководам. Академијата денес е само слика на она што се случува во образованието, науката и уметноста, па затоа таа е целосно маргинализирана институција, доведена до работ на опстојувањето, со недоволно вработени на клучни места во Академијата неопходни за непречено институционално дејствување во делот на административната дејност и со вработени што имаат најниски плати во однос на сите други вработени во јавните институции во државата (за илустрација, вработените во МАНУ во однос на вработените во институциите од областа на културата на истите работни места имаат речиси двојно пониска плата, секретарот на Секретаријатот на Академијата има речиси 20 проценти помала плата од државниот секретар на кое било министерство, иако станува збор за највисоката институција во државата во областа на научната и уметничката дејност и за институција од рангот буџетски корисник како и министерствата). Меѓутоа, без разлика на таквата негрижа за храмот на науката и уметноста, според индикаторот: бројот на научноистражувачки и уметнички проекти, финансиски поддржани од меѓународни институции, поделен со вкупниот број академици и вработени во МАНУ, Академијата е меѓу водечките научни и образовни институции во светот. Академијата, исто така, е меѓу водечките институции и според друг индикатор: бројот на цитати што ги оствариле трудовите на академиците и вработените во МАНУ поделен со вкупниот број академици и вработени во МАНУ.

Едноставно кажано, МАНУ, иако мала и целосно маргинализирана од владејачките елити во државата, и по квалитет и по квантитет е светски препознатлива институција.
Во 1940 година, Кочо Рацин мечтаеше, велејќи: „Слободата, вистинската слобода на Македонија нема да дојде од таму, ами само од самите Македонци и со примерот што го покажа Илинден! Секој друг пат е лага! Од Илинден до сега се поминати цели 37 години. Цели 37 години крвава борба и крваво искуство. И Македонија уште не е слободна. Борбата е тешка, душманот јак, но и мнозина водачи нѐ водеа по крив пат. Уште кај нас има што чекаат и посакуваат (‘чекајушти’ и ‘желајушти’)! Уште такви чекаат некој да ги ‘ослободи’ и да им даде живот“.

Делот со личниот став за состојбите во Македонија го почнав со мислењето дека годинашниот Ден на независноста на Македонија требаше да се одбележи под мотото „Разединети во потчинетоста“. За да не се случи тоа и идната година, за навистина да се „обединиме во слободата“, за конечно да се оствари сонот на Рацин, не треба многу да се стори – само едно: охрабрете се, вие, чии настапи и постапки се лишени од достоинство, интегритет и знаење, а наместо доблест и одговорност, пласирате профил на лукративни, самобендисани, примитивни, сервилни и манипулативни властољупци, да почнете да работите во интерес на татковината. Заради иднината на нашите и вашите, а не само на вашите поколенија, еднаш засекогаш, или заминете од политиката, или вразумете се и постапувајте со она малку гордост и достоинство што ви остана, или препуштете им го водството на чесните, храбри и со интегритет посветени граѓани на Македонија!

Само да потсетам, пред дваесет години МАНУ се залагаше за „Прифаќање во ОН и во сите меѓудржавни односи на единственото име Република Македонија (како нејзино формално име) и Македонија (како нејзино кратко име), според правилата и практиката што важат за сите држави членки на ОН“. Зошто, како и кога, од научна институција што ги поддржува предлозите „за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Грција, Бугарија и Албанија“, МАНУ се трансформира во институција што ги поддржува договорите со Грција и Бугарија, со кои се негира постоењето на македонскиот народ и јазик, не само во Грција и Бугарија туку и во Македонија, занемарувајќи го изградениот институционален став во врска со ова прашање, претставува тема за која, се надевам, наскоро ќе проговориме – не денес, туку на посебна, според моето мислење, отворена седница на Собранието на Академијата. Оти да не заборавиме дека „не треба да се суди ниту за една личност, ниту за едно општество, ниту, пак, за една институција, по тоа што тие самите го кажуваат за себе (не значи documentum privatum), туку по нивното дело (значи како argumentum publicum). Ваквиот став македонските партизани го преобразија во песна што, потем, ја пееше сиот наш народ, а во која се вели: Не збориме за нас, / друг утре ќе каже, / за нашето дело / и нашата чест“.

Да ни е честит Денот на Македонската академија на науките и уметностите!