Граѓаните им дадоа доверба на ГЕРБ и на Бојко Борисов на четвртите општи избори во Бугарија за 18 месеци

Коалицијата предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов победи на изборите во Бугарија

Подготвил: Mарјан Велевски

Клучното прашање е дали и како Борисов ќе успее да состави нова влада, иако по затворањето на гласачките места тој најави „отвореност за разговори со сите партии“. Според првите реакции, политичките партии Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија не сакаат да соработуваат со Борисов

Поранешниот премиер Бојко Борисов победи на изборите во Бугарија во неделата, но сè уште е многу нејасно дали тој може да состави влада. Според обработените податоци од бугарската централна изборна комисија, коалицијата „ГЕРБ – СДС“ добила 25,33 отсто од гласовите (634.525 гласа), а коалицијата „Продолжуваме со промената“ добила 20,20 отсто (505.790 гласа). Според тоа, коалицијата што ја предводи Борисов победи на четвртите општи избори во Бугарија во 18 месеци, што значи дека тој сега ќе мора да се обиде да состави коалиција во многу распаднат политички амбиент.

Во 48-то Народно собрание на Бугарија влегуваат осум партии и коалиции

Освен гореспоменатите две прворангирани партии/коалиции, на трето место е Преродба со 13,9 отсто, зад неа е Движењето за права и слободи со 11,9 отсто, понатаму следуваат Бугарската социјалистичка партија со 8,7 отсто и „Демократска Бугарија“ со 7,6 отсто, Има таков народ на Слави Трифонов со 4,4 отсто и Бугарски подем на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев со 4,2 отсто.
Во таквата разврска повторно клучното прашање е дали и како Борисов ќе успее да состави нова влада, иако по затворањето на гласачките места тој најави „отвореност за разговори со сите партии“. Според првите реакции, Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија не сакаат да соработуваат со Борисов. Движењето за права и слободи со својата репутација за корупција ја прави непосакуван партнер, бидејќи потсетува на врските на Борисов со таа партија. Со приклучувањето кон Движењето за права и слободи, Борисов би бил свесен дека може повторно да го разгори гневот на јавноста од пред две години.

Проруската партија Преродба имаше силна изборна ноќ и според анкетите има околу 13,9 отсто од гласовите. Партнерството со таквите екстремно десничарски екстремисти, сепак, би било тешко за Борисов, доколку сака да задржи каков било кредибилитет во Брисел и во Вашингтон, кои ќе сака да ги увери дека ја води Софија на прозападна траекторија.

Составувањето влада само ќе биде комплицирано

Свежи се сеќавањата дека луѓето излегоа на улиците на Софија и другите градови во 2020 година за да протестираат поради, како што се изјавуваше во тамошната јавност, основани индикатори за „врските на владата на Бојко Борисов со мафијата и заробената држава на Бугарија“.

Партијата ГЕРБ на Борисов доминираше во нацијата повеќе од една деценија пред да ја загуби власта минатата година од партијата на Петков, позната како Продолжуваме со промената. Поддржан од масовните антикорупциски протести насочени кон Борисов, Петков ги победи конзервативците со ветување дека ќе се справи со корупцијата. Но ни тој не успеа да се справи со предизвиците.

И покрај историјата на Борисов на често пријатни односи со Кремљ и руските енергетски компании, тој и на овие избори се обидува да се истакне како „атлантист што го поддржува ЕУ“.

Според „Политико“, Борисов сега инсистира дека е (конечно) подготвен да разговара цврсто со рускиот претседател Владимир Путин, човек кому некогаш му подари кученце и постојано се трудеше да му угоди со поволните шеми за монополот за извоз на гас „Газпром“.

И Румен Радев, како претседател, не е исклучен од комбинаториките

Ако Борисов не може да го надмине ќор-сокакот, најверојатен исход е дека претседателот Румен Радев ќе именува друга преодна влада за неколку месеци пред новите избори. Радев, поранешен пилот на „миг-29“ и шеф на воздухопловните сили, самиот нашироко се смета за двосмислен во справувањето со Русија. Неговото име очигледно недостигаше во писмото на лидерите на НАТО од Централна Европа во кое се осудува илегалната анексија на источна Украина од Москва.

Во обраќањето минатата недела, тој ја осуди агресијата на претседателот Владимир Путин, но исто така предупреди дека ЕУ треба да ги ублажи ризиците од сопствените санкции против Кремљ.
– Станува сѐ потешко и потешко да се формира влада – им рече Радев на новинарите во Софија претходно во неделата, откако го даде својот глас. „На нашата земја ѝ требаат силни и легитимни институции за да ги надмине кризите, да преземе решителни реформи и да донесе стратегиски одлуки со долгорочен хоризонт“.

Во текот на изборната борба во најсиромашната членка на ЕУ доминираа војната во Украина и неизвесните испораки на гас. Бугарија ја врзуваат тесни историски и културни врски со Москва, а инвазијата на Русија врз Украина предизвика длабоки поделби во земјата со 6,5 милиони жители. Додека Борисов се обидува да не ги загрози односите ни со ЕУ ни со Русија и Турција, Петков во изборната кампања демонстрираше јасен проевропски став.


Бугарите излегоа на гласање и во Македонија

Партиите Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и ВМРО-бугарско национално движење (ВМРО-БНД) на Красимир Каракачанов добија најголем број гласови од бугарските граѓани што вчера гласаа во земјава на предвремените парламентарни избори во Бугарија.

На седумте отворени избирачки места во земјава гласале вкупно 461 лице, а најголем број, или 172 лица своето избирачко право го искористиле во Амбасадата на Бугарија во Скопје.

За ГЕРБ гласале 127 бугарски избирачи, за ВМРО-БНД 91, Продолжуваме со промените на Кирил Петков добила 69 гласа, Демократска Бугарија 38, Преродба 30, а 22 бугарски граѓани својот глас го дале за Има таков народ на Слави Трифонов.