Го нарекоа маратонецот што трча во одело како да доцни на бизнис-состанок. Дамјан Гроздановски се појави на вчерашниот Скопски маратон во елегантен костум и ја истрча полумаратонската трка со одлично време од 1 час и 44 минути. Дамјан има 28 години и живее и работи како правник во Европската комисија во Брисел, Белгија. Тој специјално за маратонот долета од Брисел и по неговото завршување веднаш се врати дома.
– И покрај тоа што моментално живеам во Брисел, а не можев да земам слободни денови од работа, бев решен конечно да го реализирам планот, па така слетав во Скопје во сабота вечер, а се вратив во Брисел во недела попладне, само неколку часа по полумаратонот. Што и не е баш за пофалба од аспект на загадување на животната средина – вели Гроздановски во изјава за „Нова Македонија“.
Неговата појава во костум на скопските улици предизвика насмевски кај сите присутни, а беше забележана и на социјалните мрежи и медиуми.
– Околу идејата за трчање во одело, одамна видов статија околу ова (всушност трчање во одело е посебна катерија во Гинисовата книга на рекорди), а пред две години почувствував дека го постигнав физичкиот максимум како рекреативец во трчањето, па одлучив дека е вистинско време за нешто необично и забавно. Искрено, овој полумаратон беше еден од ретките каде немав некоја посебна цел. Се пријавив за забава, бидејќи ми изледаше како интересен подвиг. На претходните трки сум поддржувал различни цели, како што се поддршка за одредени болести или промовирање вредности, или, пак, сум имал лична цел за постигнување одреден резултат, но овојпат беше чисто за забава. За волја на вистината, овој пат привлеков најголемо внимание. Во секој случај, и забавата е важен елемент во животот и очигледно дека луѓето сакаат забавни работи – вели Дамјан.
Според него, спортувањето има клучна улога во физичкото и психичкото здравје, поради што рекреативно се занимава со повеќе спортови, меѓу кои е и трчањето. Тој првпат учествувал на Скопскиот маратон во 2010 година, а желбата повторно да се појави на трката во главниот град, тлее одамна, меѓутоа минативе години не ја реализирал поради ковид-пандемијата.
– Првата трка на пет километри ја истрчав во 2010 година на Скопскиот маратон. Првиот полумаратон го истрчав во 2014 година на Скопскиот маратон. Првиот (и најверојатно последниот) маратон го истрчав во 2017 година, повторно на Скопскиот маратон. Скопскиот маратон го сметам за еден од најубавите настани во Македонија, и поради ова сите посебни трки ги трчам токму на овој маратон. За жал, поради пандемијата со ковид, оваа година за првпат после две години Скопскиот маратон беше одржан под нормални услови – вели Гроздановски.
Тој е редовен учесник на повеќе маратони низ Европа, меѓутоа вели дека Скопскиот, иако со помал буџет, може да се носи рамо до рамо со светските.
– Масовните трки од овој тип се исклучително убави настани, бидејќи на едно место се собрани голем број луѓе, кои посветиле време и енергија во претходните месеци/години за да се надминат себеси на овој настан. Скопскиот маратон, секако, има посебно значење за мене, бидејќи е организиран од наши луѓе, во нашата земја и град. Сум учествувал на голем број маратони низ Европа и навистина организацијата на нашиот маратон е рамо до рамо со најпознатите маратони, кои имаат далеку поголем буџет – констатира маратонецот.
За него. на ваквите настани многу е важна пораката што учесниците ја се испраќаат до јавноста.
– Се надевам дека мотивирав некого да се пријави на некоја од трките на Скопскиот маратон за 2023 година, или барем да излезе на улица за да ги поддржи учесниците.
Сепак, сметам дека вниманието главно треба да биде насочено кон лицата што трчаат за да испратат суштинска порака до јавноста. На пример, оваа година како и претходните, повторно имаше лице во инвалидска количка на полумаратонот, други години имало учесници со војничка опрема, луѓе што собираат средства за донации итн. И секако, секој што ја помина финиш-линијата во неделата, без разлика на дистанцата и времето, е своевиден херој што испраќа важна порака за лично надминување и подобрување, која заслужува внимание – вели маратонецот.
На вчерашното издание на „Виз Ер Скопски маратон“ учествуваа 8.500 професионални и аматерски натпреварувачи од 47 држави.