Светско првенство – трка за највредниот трофеј во светот на спортот

ВО ПРЕСРЕТ НА 22-ТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ ВО КАТАР (1)

Историјата на СП почна во 20-тите години на минатиот век, откако за престижните олимписки фудбалски титули се натпреваруваа само фудбалери аматери, па се јави потреба за ново, отворено натпреварување за приматот „најдобар меѓу светските репрезентации“. Од првото СП во 1930 година до шампионатот во 2018-та, мундијалите се играа во 17 земји, одиграни се 900 меча пред повеќе од 40 милиони гледачи на стадионите и милијарди пред ТВ-екраните, осум репрезентации станаа светски прваци, со вкупно 445 фудбалери шампиони… Наскоро почнува нова трка по вредниот трофеј, со бурна историја низ своите две изданија, по рекордите на Пеле, Фонтен, Клосе, Поцо, Бразил…

За помалку од седум недели, во Катар ќе почне 22-та трка за највредниот трофеј во светот на спортот, прво наречен „Викторија“, потоа „Трофеј Жил Риме“, а сега ФИФА Светско првенство. Светските првенства (СП) во фудбал создадоа многу историски моменти, и тоа од неговите почетоци во 1930 година, до Мараканазо, чудото во Берн, неверојатните потези, голови, победи на Пеле, Диего Марадона…, а златниот пехар за најдобрата фудбалска репрезентација има бурна историја низ своите две изданија (првото од 1930 до 1970 година, а второто од 1974 година досега), во која влегуваат и воени години во кутија за чевли, две кражби…

Историјата на светските првенства почна да се пишува во 20-тите години на минатиот век. Тогаш за престижните олимписки фудбалски титули се натпреваруваа само фудбалери аматери, па се јави потреба за ново, отворено натпреварување, за приматот „најдобар меѓу светските фудбалски репрезентации“.

Одлуката за ново планетарно фудбалско првенство е донесена на конгрес на Светската фудбалска федерација (ФИФА), на 28 мај 1928 година, а веќе во 1930 година се одржа првиот шампионат, во Уругвај, тогаш двоен олимписки првак (сите мечеви се играа во главниот град Монтевидео). Тоа беше единственото СП за кое не се играа квалификации, учествуваа 13 поканети репрезентации од три континента (од Јужна Америка, Северна Америка и од Европа). Титулата ја освои Уругвај.

Оттогаш до СП 2018, фудбалот се трансформираа во глобален спорт, мундијалите се играа во 17 земји на пет континенти, постигнатите 2.548 гола на 900 меча ги видоа над 40 милиони гледачи на стадионите и милијарди пред ТВ-екраните, играа 79 репрезентации, 20 освоија барем еден од трите медали, 13 селекции играа во финалињата, осум репрезентации станаа светски прваци со вкупно 445 фудбалери шампиони во своите редови…
– Светското првенство е многу важен начин да се измерат добрите играчи и големите. Тоа е тест за големиот играч – рекол Бразилецот Пеле, „кралот на фудбалот“.
Со првиот натпревар на СП 2022 во Катар, предвиден за 20 ноември, помеѓу Катар и Еквадор, ќе почне и новата трка и по рекордите на многу фудбалски легенди, како Пеле (единствен со три светски титули, најмлад стрелец на меч на светските првенства и во финале, најмлад стрелец на хет-трик…), Жист Фонтен (13 гола на едно СП), Мирослав Клосе (најмногу голови на мундијалите, вкупно 16, и најмногу освоени медали, по едно злато и сребро и две бронзи), Антонио Карбахал, Лотар Матеус, Рафаел Маркез (сите со по пет учества на планетарните фудбалски собири), Олег Саленко (пет гола на еден натпревар), Џеф Харст (три гола во финале), Виторио Поцо (две титули како селектор), Марио Загало, Франц Бекенбауер, Дидие Дешам (титули и како фудбалери и како селектори) итн. Секако, почнува и трката по рекордите на некои репрезентации, на пример на Бразил (пет титули), Германија (осум финалиња), Италија и Бразил (единствени со две титули во низа)…

Дали некој од овие или некои други рекорди ќе бидат соборени, ќе се знае по финалето на СП 2022, кое на програмата е на 18 декември. Г.М.
(продолжува)