Ако навистина сакаме некогаш да ја видиме нашата држава во ЕУ и во НАТО, мораме да разбереме дека таа треба да функционира комплетно како развиените западни демократии во Европа и во светот, каде што државата се темели на правото, а тоа, пак, овозможува доследно да се почитува законодавството, еднакво за сите и без исклучоци
Парламентарната говорница деновиве, разбирливо, е местото каде што се бијат политичките копја на противниците од македонските партии, бидејќи во овие моменти таму се носат големи и битни државни одлуки, кои во иднина со сигурност ќе се одразат врз целото општество и врз сите слоеви на нашата држава. Затоа, сосема очекувано, во целата таа палета на случувања во Собранието секојдневно, по медиумите можеме да слушнеме и прочитаме разни изјави на политичари, аналитичари, што се поврзани со измените на Уставот и со функционирањето на правната држава, а кажаното, пак, понекогаш има содржина што е дијаметрално спротивна од реалноста во која функционираат другите држави што се дел од цивилизираниот западен демократски свет кон кој се стремиме.
Оваа политичка сапуница, која периодично се повторува во Македонија од независноста досега, создава клима што ги тера граѓаните да се сомневаат во фактот дека зад сцената на пленарната дебата за уставните измени всушност има политичка калкулативност што ги замаглува основните принципи на правната држава и владеењето на правото.
Тоа е така бидејќи сѐ што се случува во парламентот тесно е поврзано со промените на Уставот и евроатлантските интеграции, а истовремено линеарно и индиректно е конектирано и поврзано и со тезите за помирувањето и амнестијата, како и со исполнувањето одредени апетити на албанските партии. Или, со други зборови, за остварување одредена теснопартиска или политичка цел се посегнува по инструментите на правната држава или, поточно, истите тие се заобиколуваат. Барем таков првичен впечаток се добива во јавноста, што може да се заклучи и од големиот број реакции и негодувања.
Хронолошки гледано наназад, Македонија памети, како и сега за случувањата од 27 април, неколку амнестии во кои луѓе не одговараа пред судовите за сторени прекршочни и кривични дела. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991-та и со него биле опфатени осудените лица што се наоѓале на издржување затворска казна надвор од границите на земјата по независноста, а биле осудени на затворска казна од судовите на други држави. Повторно, во 2002 година, е донесен закон за амнестија како инструмент за реализација на Охридскиот договор за случувањата поврзани со кризата од 2001 година, кога се амнестираа припадниците на терористичката ОНА. Натаму амнестија е извршена пак и во 2003 година, кога беа амнестирани граѓаните на Република Македонија што не ја извршиле воената обврска. Затоа секое ново споменување на зборот амнестија, без разлика која е заднината, кај граѓаните буди некои непријатни сеќавања, но и сомневање дека законите и правото важат еднакво за сите. Од друга страна, пак, основен критериум за влез во европското семејство е токму почитувањето на Уставот, законите и владеењето на правната држава.
Затоа, на прв поглед збунувачки се најавите за на амнестија, како и најавите за вметнување во Уставот нови и нови барања на одредени партии. Како највисокиот правен акт да е желботека за исполнување нечии желби, а не правен акт што треба да го почитуваат сите.
Од друга страна, дури и сомнежите за какво било влијание врз одлуки на судската власт поради политички мотиви, но и обратно, е невообичаена практика на дејствување на една модерна правна држава и демократија, која впрочем треба да биде во служба на народот еднакво за сите, но не и за некакво ново меѓупартиско помирување со кое можеби ќе се прикрие некое кривично дело, заради некоја виша цел, односно политичка трговија на интереси.
Оттаму единствен излез од понатамошно дерогирање на системот, кој, наместо да се лекува, во континуитет се храни и потхранува со нефункционалност, поделеност, непотизам и корупција, е да профункционира правната држава и целосно да се почитува нејзиниот највисок документ – Уставот, бидејќи, во спротивност, доколку не се почитуваат законите што важат еднакво за сите, Македонија би изгледала на своевидна Казабланка или на Див Запад, каде што се преплетуваат криминали, бизниси и политички интереси, како домашни, така и странски.
Според Уставот и законите, во државата постои јасна поделба на законодавна, судска и извршна власт и секоја од нив има свои надлежности и рамки на дејствување. Притоа, меѓусебно мешање во дејствувањето и работата или какво било друго мешање на други фактори отстрана, секако, е недозволиво за една функционална демократија и правна држава.
Затоа со терминот амнестија треба да се биде крајно внимателен и да не се генерализира. Идеите за помирување, кое некои го толкуваат и како бришење на сите кривични дела, се спротивени од дејствувањето со кое Македонија треба да докаже дека ги прифаќа сите пораки што ги добивме од Европската Унија, за функционирање на правото и законите.
Дополнително на еднакво ниво е и штетното условувањето на некои албански партии, кои сега, во ваква кревка ситуација, ги користат моментите за своја лична бенефиција и преку трговија со нивните македонски партнери, без аргументи, се обидуваат да си ги задоволат своите секогаш гладни апетити за остварување на големоалбанските цели.
Затоа верувам дека мора да се очекува во овие моменти во македонскиот парламент да преовладее една општествена зрелост, а политичарите да разберат дека не смеат да се однесуваат спротивно од законите и да се испраќа погрешна порака дека политичарите пред законот се специфична сорта и за нив не важат законите како што тие важат за „обичниот човек“.
Натаму, ако навистина сакаме некогаш да ја видиме нашата држава во ЕУ и во НАТО, мораме да разбереме дека таа треба да функционира комплетно како развиените западни демократии во Европа и во светот, каде што државата се темели на правото, а тоа, пак, овозможува доследно да се почитува законодавството, еднакво за сите и без исклучоци.