Амбасадорката на САД во НАТО, Џулиен Смит, изрази загриженост за стабилноста на Западен Балкан при средбата со новинарите во Брисел, јави дописничката на МИА од главниот град на Белгија.
На брифингот со новинарите амбасадорката Смит за МИА објасни дека САД од блиску ги набљудуваат случувањата во регионот, каде овој викенд ќе се одржат избори во Босна и Херцеговина, а ситуацијата во Косово покажува знаци на тензија.
Во однос на Босна и Херцеговина, амбасадорката изјави дека се чека тие да поминат и да се види што ќе се случи. Таа потсети и дека мандатот на воената мисија на ЕУ, Алтеа, во БиХ треба да биде обновена во ноември и изрази надеж дека тоа нема да налета на пречки. Мандатот го одобрува Советот за безбедност на Обединетите Нации каде членува Русија. Амбасадорката Смит изрази надеж дека Москва ќе даде зелено светло. Дипломатите во НАТО велат дека не гледаат причина Русија да ја блокира мисијата со оглед на тоа дека таа им е од корист на сите страни.
САД исто така изразуваат „целосна поддршка“ за дијалогот меѓу Србија и Косово под медијаторство на Европската Унија, рече Смит за МИА, повторувајќи дека процесот треба да се заокружи со меѓусебно признавање на двете страни.
Запрашана за безбедносната процена за регионот, американската амбасадорка во НАТО изјави „загрижени сме од потенцијална нестабилност во регионот“, но не изнесе повеќе детали на оваа тема.
И покрај војната во Украина, Вашингтон останува внимателен и за ситуацијата на Западен Балкан, објасни амбасадорката.
Во однос на последните случувања со Северен поток 1 и 2, таа се повика на ставот на Северноатлантската алијанса објавен денеска на оваа тема, и посебно на реченицата дека сојузниците ќе одговорат на обединет и одлучен начин во случај на намерен напад врз инфраструктурата на земјите членки на НАТО. За сега се чека исходот од истрагите за да се утврди кој стои зад експлозиите и истекувањата на плин од гасоводите во Балтичкото море.
На прашање дали овој инцидент може да го активира членот пет на НАТО за колективна одбрана, Смит одговори „речникот што го користиме во изјавата е кристално јасен“.
Во однос на заканите за употреба на нуклеарно оружје на претседателот Путин, амбасадорката го повтори ставот на Белата Куќа дека „доколку тој искористи било кој дел од нуклеарниот арсенал ќе има катастрофални последици“.
Амбасадорката не беше во можност да даде прецизен одговор на прашањето дали после 2024 ќе се бара од земјите членки на НАТО да го зголемат одбранбениот буџет над два отсто од бруто домашниот производ.
За сега на сила е заложбата од 2014-та сите 30 членки да постигнат два отсто. Амбасадорката изрази задоволство што во последните години е забележан постојан тренд на зголемување на воениот буџет иако не сите земји ќе ја постигнат целта од два отсто до 2024, на некои ќе им биде потребно повеќе време. Други пак веќе најавија или веќе ја надминаа стапката од два отсто, пред сѐ земјите од источна Европа.
Во моментов во НАТО се работи на утврдување на идните буџетски цели што ќе се бараат од земјите членки по 2024, дали ќе се оди над два отсто или ќе се користи друга метрика, рече амбасадорката.