Фото: МВР

Полициски службеници во раните утрински часови спроведоа координирана акција по насоки на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на четири локации на подрачјето на Тетово, Гостивар и Куманово, при што приведени се три лица.

Оваа акција е реализирана по повеќемесечна паралелна криминалистичка истрага на припадниците на Одделот за криминалистичка полиција со полициските службеници од хрватската полиција – Оддел за борба против криминалитет – дрога од полициската управа Истра и Националниот уред за сузбивање на корупција и организиран криминалитет на Хрватска.

– Истрагата беше во координација и соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и хрватскиот Уред за сузбивање на корупција и организиран криминалитет (УСКОК) – Риека, а со логистичка поддршка на Канцеларијата на ГИЗ, за меѓународно злосторничко здружение составено од наши и хрватски државјани кои криумчареле хероин, при што секој припадник имал различна улога во набавка, продажба, чување, транспортирање и посредување во купопродажби на хероин на  подрачјето на Истра, Далмација и Загреб, и на тој начин на подрачјето на Хрватска извршиле продажба на 4,2 килограми хероин, при што биле лишени од слобода повеќе лица – соопштија денеска од МВР.

На септември во заедничка акција на хрватската и македонската полиција во која учествувале и Јавни обвинители од ОЈО за ГОКК и полициски припадници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи на подрачјето на Хрватска биле запленети 3,9 килограми хероин, при претрес на дом во Загреб. Биле лишени од слобода пет лица, и тоа еден македонски државјанин Б.Џ.(43) тетовското село Синичане и четворица хрватски државјани на возраст од 42, 47, 49 и 66 години. Групата, се наведува во соопштението, неовластено пуштала во промет хероин на илегалниот пазар за дрога во областа на Далмација од септември минатата година, а дрогата преку разни канали била пренесувана од нашата држава до територијата на Хрватска.

– Во денешната акција, по претходно добиена наредба за претрес од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на Б.Џ. од Синичане, кој е веќе уапсен на територијата на Хрватска, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај А.М.(50) од село Опае, Кумановско, пронајден е еден пиштол, 50 куршуми, поголема количина на кокаин, пакувања со марихуана, електронски уред за мешање на дрога, парични средства во денари и евра, повеќе потврди за извршени финансиски трансакции и други предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај С.И.(74) од Гостивар пронајден е еден пиштол „ТТ“ кал. 7,62 милиметри со 168 куршуми кал. 7,62 милиметри и други предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај Е.Н.(63) од село Синичане пронајдена е документација за извршени финансиски трансакции и други предмети поврзани со кривичното дело – појаснуваат од МВР.

Како што соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска, трите лица се лишени од слобода, а од страна на МВР ќе биде поднесена  кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 и кривично дело „злосторничко здружување“ по чл.394 од Кривичниот законик.