Премиерот Димитар Ковачевски вечерва соопшти дека одлучил да се забрани набавката и користењето на морска храна, бадеми и лешници во рестораните и бифеата на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР). Тие финансиски средства ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории граѓани со ниски примања.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со објавите во медиуми дека Владата набавува морски плодови за 20.000 евра, а ќе плати и 270.000 евра за одржување на зеленилото, премиерот рече дека имало соопштение од СОЗР според кое, се работи за рамковен договор кој не се однесува само на Владата, туку се однесува на сите ресторани на СОЗР, дополнително и на претседателот на Собранието и на претседателот на државата.
-Сите се снабдуваат преку СОЗР и тоа е рамковен тендер, односно рамковен договор каде што доколку некој нарача од сите овие што се корисници, тогаш нормално ќе треба тоа и да го плати. Меѓутоа, со оглед на тоа што и тоа што ќе се нарача треба да биде платено од средствата на граѓаните, доколку се работи за службени ручеци или од сметка на оној што сам плаќа доколку отиде во некои од бифеата без разлика при подготовката на мерките за ранливите категории на граѓани, јас веќе одлучив дека ќе има забрана за користење во бифеата на морска храна, исто така и на бадеми, лешници… Ќе има забрана за таква набавка и сите тие финансиски средства ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории на граѓани со ниски примања – истакна Ковачевски на вонредната прес-конференција во Владата каде ги соопшти најновите одлуки на Економско-енергетскиот совет.
Премиерот во одговор на новинарско прашање рече дека сметките за учеството на самот „Винска визија на Oтворен Балкан“ ќе може секој да ги види.
Според него, точните суми, штом ќе бидат обработени фактурите, ќе бидат дел од јавните финансии, а кога тоа ќе се случи, како што рече, ќе праша во трезорот.
-Сите фактури, откако ќе бидат процесирани, се дел од системот за отворени финансии во државата и нормално, секој ќе може да ги види. Мене ме зачудува фактот што велите во однос на транспарентноста, бидејќи само пред еден месец Владата, институцијата што јас ја водам, институцијата каде што сме, беше оценета со транспарентност од 100 проценти. Се што требало да биде објавено, било објавено и нормално дека и ова ќе биде објавено. Прво, целата сума што ја кажувате вклучува и поддршка на нашите винарии кои беа на Саемот, бидејќи се работеше за најголем саем во Европа, 42 винарии и три дестилерии учествуваа од Северна Македонија, таму бевте, можевте да видите. Второ, имавме цела рекламна кампања и на македонски и на албански и на српски јазик и која одеше во етерот на социјалните медиуми со оглед на забраната што ја имаме тука за рекламирање и која ги рекламираше македонската храна, македонското вино и македонскиот туризам – рече вечерва премиерот Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања.
Во однос на Македонската вечер на Саемот во Белград, премиерот истакна дека е задоволен што земјава била претставена не само пред земјите од Отворен Балкан, туку и пред многу други.
-Вие бевте сведоци дека таму имаше сигурно над 400 гости од сите држави кои практично се дел од „Отворен Балкан“, меѓутоа и од држави што се надвор од регионот. Имавме навистина успешно претставување на нашата држава, бидејќи во центарот на една соседна земја да направите промоција на се што е македонско за мене е навистина голема работа. Таму беа голем број наши компании од винскиот сектор, меѓутоа дојдоа компании и од други сектори. Постоеше можност за разговор и на политичко и на економско ниво. И сами бевте сведоци дека беа претставници и од ЕУ и од САД и сметам дека тоа беше исто така една успешна промоција – рече Ковачевски.