Растегнатата „гума“ на меѓународното право
Геополитичките анализи констатираат дека „растегливата гума на меѓународното право доаѓа до точка на кинење токму сега“. Многу елементи и досега придонесуваа за тоа, но експертите предупредуваат дека со претстојното спроведување и имплементацијата на резултатите од референдумите во украинските територии Донецк и Луганск, каде што се гласаше за нивно присоединување со Русија, растегливоста на меѓународното право ќе доживее „климакс-кулминација“. Предизвиците за меѓународното право секогаш произлегувале од мигот на соочување со интересите и амбициите на големите сили, па неговите принципи, за голема жал, според експертите, најчесто се „неприменливи и необврзувачки“ за меѓународната заедница кога станува збор за заштита на правата и правдата за малите народи. Во главните премрежиња на независната државност на Македонија голема улога игра токму игнорирањето на принципите од страна на меѓународната заедница, дури и на пресудите засновани на меѓународното право, кои беа апсолутно во интерес на земјава
Премолчениот меѓународен „договор“ дека меѓународното право е најмоќната алатка на малите држави и нации, но за големите сили е „факултативен“ избор дали и кога ќе го почитуваат, според геополитичките аналитичари е доведен до момент на нов пресврт. Процените се дека одредбите на меѓународното право станале растегливи како „гума за џвакање“, а глобалниот миг кога почнало да се случува тоа го лоцираат веднаш по завршувањето на Студената војна. Исто така, во анализите се вели оти било јасно дека порано или подоцна таа „соџвакана гума ќе стане крта и кога-тогаш ќе се скине?!“ Всушност, констатираат дека „растегливата гума“ на меѓународното право доживува кулминација токму сега, со претстојното спроведување и имплементација на резултатите од референдумите во украинските територии Донецк и Луганск, каде што се гласаше за нивно присоединување со Русија. Овие референдуми се пресвртната точка во руско-украинскиот конфликт, кој започна на 24 февруари, годинава, но и прекршувачки миг за праведноста на меѓународното право… Но кое е тоа?
– Референдумите во украинските области Донецк и Луганск, чии резултати официјално ќе бидат објавени денеска (среда 28 септември), иако беа познати уште од првиот ден, како и тоа дека Русија ќе ги прифати, станаа вистински момент на прекршување во украинската војна. Референдумите ќе доведат до проширување на службената територија на Русија, од позиција на руското законодавство, без оглед што Западот и Киев никогаш нема да го признаат тоа, зашто се прекршува меѓународното право. Со оглед на тоа, сосема е јасно дека Москва ќе има уставни и законски обврски да ги ослободува, како што ќе ги смета, „своите“ нови територии и во таа смисла на располагање ќе ѝ бидат сите можни воени средства.
Но сопствено толкување на меѓународното право веќе беше видено и по прашањето на Косово. Значи, одамна сме влезени во време на целосна деградација на меѓународното право и механизмите, кои на ваков или онаков начин, го обезбедуваа. Пред сѐ, станува збор за Обединетите нации, каде што Западот ќе се обиде да поведе „крстоносна војна“ против Русија, но и реформа на Советот за безбедност и префрлање на носењето одлуки во Генералното собрание, со цел за избегнување на ветото. Исто така, уште порано се „закопани“ и важни безбедносни договори меѓу Русија и САД, а во сила е уште само оној за стратегиско оружување, познат како СТАРТ 3, иако и нему за две години му истекува рокот, а услови за организирање разговори за негово продолжување има сѐ помалку – се наведува во анализата на медиумот „Геополитика“.
Предизвиците за меѓународното право секогаш произлегувале од мигот на соочување со интересите и амбициите на големите сили, па неговите принципи најчесто се „неприменливи и необврзувачки“ за меѓународната заедница кога станува збор за заштита на правата и правдата за малите народи. Во главните премрежиња на независната државност на Македонија голема улога игра токму игнорирањето на принципите од страна на меѓународната заедница, дури и на пресудите засновани на меѓународното право, во интерес на земјава.
– Тргнувајќи од сопственото искуство, акумулирано во краток историски период од 10 до 15 години, Македонија, за жал, веќе тешко може да смета на меѓународното право како принципиелна заштита на своите национални интереси, па и гаранција за територијалниот интегритет. Во неколку наврати не е почитувано, односно е игнорирано меѓународното право, токму од страна на меѓународната заедница, кога била во прашање правдата за Македонија. Пред сѐ, не е почитувана пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг (орган на Обединетите нации), со која беше утврдено дека Грција го прекршила меѓународното право (Привремената спогодба) со блокирањето на Македонија за членството во НАТО. НАТО ја прогласи оваа пресуда за необврзувачка и Македонија беше принудена со Преспанскиот договор да го смени името на државата. Потоа, Бугарија и понатаму не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур и им ги ускратува правата на Македонците во таа земја да се изјаснуваат како посебно етничко малцинство.
Меѓународната заедница, особено ЕУ, и на таквиот негаторски однос на своја земја-членка спрема основните принципи на меѓународното право се прави слепа. Напротив, ЕУ ѝ овозможи на Бугарија, преку Франција да ги вметне своите национални аспирации во преговарачката рамка за Македонија. Ова се само најмаркантните случаи од најновата македонска историја, каде што апсолутно е предадено и прекршено меѓународното право кога станува збор за Македонија и Македонците.
Секако, за таквиот однос спрема Македонија, големо влијание има и слабиот политички капацитет на македонските политичари во власта, кои и самите замижуваат на правата што ни припаѓаат според меѓународното право и прават штетни отстапки за националните интереси, во интерес на туѓите, а без ефект за меѓународната позиција на државата – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.
Во контекст на одредувањето на позициите во актуелниот пресвртен момент на меѓународното право, македонските власти (претседателот и Владата) се изјаснија дека нема да ги признаат референдумите во Донецк и во Луганск.