Џорџа Малони: Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка, јас сум христијанка

На изборите во Италија победа на крајната десница

Италија првпат во историјата ќе добие жена премиер – Џорџа Мелони. Мелони и нејзината партија Браќа на Италија ѝ обезбедија победа на десничарската коалиција на парламентарните избори во Италија. Мелони е со цврст став дека Рим мора повеќе да се залага за своите национални интереси! Таа го поддржува унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговите битки со Брисел. Меѓу првите лидери што ѝ честитаа на Мелони беше токму Орбан, кој е близок до Салвини и лидерите на десничарската коалиција. Сепак, нејзиниот став за Европа со годините стана поумерен и повеќе не сака Италија да ја напушти еврозоната. Таа ги поддржува европските санкции против Русија поради војната во Украина

Подготвил: Mарјан Велевски

Италија првпат во историјата ќе добие жена премиер. Џорџа Мелони и нејзината партија Браќа на Италија ѝ обезбедија јасна победа на десничарската коалиција на парламентарните избори во Италија. Според резултатите, Браќа на Италија добила речиси една четвртина од гласовите на парламентарните избори во Италија, што ѝ обезбедува апсолутно мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот на италијанскиот парламент. Доколку бидат потврдени изборните резултати, Мелони ќе ја формира најдесничарската влада во Италија од Втората светска војна.

Според италијанската телевизија РАИ, коалицијата на Браќа на Италија со партијата Лега на поранешниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини и Форца Италија на бившиот премиер Силвио Берлускони, би располагала со јасно мнозинство од околу 43 проценти во двата дома на италијанскиот парламент. Тоа значи дека десничарскиот сојуз би имал меѓу 227 и 257 од вкупно 400 места во Пратеничкиот дом, а како лидер на најсилната политичка партија, Мелони би станала прва премиерка во Италија.

Привремените резултати покажаа дека десничарскиот блок треба да има убедливо мнозинство во двата дома на парламентот, што е потенцијално ретка шанса за политичка стабилност во Италија по години пресврти и кревки коалиции, оценува Ројтерс. Но Мелони и нејзините сојузници се соочуваат со растечки список на предизвици, вклучувајќи ги и зголемените цени на енергијата, војната во Украина и обновеното забавување на третата по големина економија во еврозоната.
Во првата изјава вчера рано изутрина, 45-годишната Џорџа Мелони изјави дека ова е ден на гордост за нејзината партија, на која гласачите ѝ дале јасен мандат за формирање влада. Мелони порача дека за совладување на многубројните проблеми во земјата, сега е потребно единство.
– Со дадениот мандат да ја водиме нацијата, тоа ќе го правиме во интерес на сите Италијанци, за да го обединиме народот, да го форсираме заедништвото, а не поделбите, довербата на избирачите нема да биде злоупотребена – изјави Мелони пред новинарите.

Левоцентристичката Демократска партија на поранешниот премиер Енрико Лета, која сега ќе биде најголема опозициска сила во парламентот, стигна до околу 20 проценти поради слабиот одзив на гласачите. Одзивот на изборите беше мал, со 64,07 отсто од граѓаните со право на глас, наспроти 73,86 проценти одзив на претходните избори, во 2018 година.
– Ова е тажна вечер за нашата земја. Десницата има мнозинство во парламентот, но не и во земјата – изјави потпретседателката на Демократската партија, Дебора Серакани, пред новинарите.

Изборниот исход со напнатост се следи на финансиските пазари. Италија, по Грција, е најзадолжената земја во еврозоната: државниот долг изнесува близу 150 проценти од БДП. Италија веќе се соочува со зголемени кредитни трошоци, поттикнати од галопирачката инфлација, промената на каматната политика на Европската централна банка и политичката несигурност.

КОЈА Е ЏОРЏА МЕЛОНИ?

Одлучна и борбена додека ги критикува Европската Унија, масовната имиграција и ЛГБТ-лобито, 45-годишната жена ги освои разочараните гласачи и формира силен личен бренд.
– Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка, јас сум христијанка – рече таа на собир во Рим во 2019 година, нешто што стана вирално откако беше миксирано во песна за танцување.

Браќа на Италија произлезе од италијанското постфашистичко движење, но Мелони настојува да се дистанцира од таквото минато, иако не сака целосно да се откаже од него. Таа заговара традиционални католички семејни вредности и тврди дека ќе го зачува италијанскиот закон за абортус што дозволува прекин на бременоста, но им овозможува на докторите да одбијат да го спроведат. Меѓутоа, вели дека на жените што мислат оти абортусот им е единствена опција, сака да им даде право на избор.
Родена во Рим, на 15 јануари 1977 година, Мелони пораснала во работничката област Гарбатела со својата мајка, бидејќи татко ѝ ги оставил. Долго време се занимава со политика. На 31 година, таа беше најмладата министерка во повоената италијанска историја и беше меѓу основачите на Браќа на Италија во 2012 година.

Мелони како тинејџерка беше активистка на младите на Италијанското социјално движење, основано од поддржувачите на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини по Втората светска војна. На 19 години, водејќи кампања за екстремно десничарската Национална алијанса, за француска телевизија изјави дека „Мусолини беше добар политичар, бидејќи сè што правеше, правеше за Италија“.

Откако беше избрана за претставничка на Националната алијанса во 2006 година, ја промени реториката, изјавувајќи дека диктаторот правел „грешки“, како што биле расните закони, неговиот авторитаризам и влегувањето во Втората светска војна на страна на нацистичка Германија на Адолф Хитлер.

Нејзината партија го презеде името од првиот стих на италијанската химна, а нејзиното лого го вклучува пламенот што го користеше и Италијанското социјално движење, во боите на италијанското знаме. Во 2021 година морала да ги избрка од својата партија сите членови што имале неофашистички сфаќања, но продолжи да го користи стариот фашистички слоган: „Господ, татковината и семејството“. Ги одби повиците за промена на логото, инсистирајќи оти пламенот „нема ништо со фашизмот”.
Новата италијанска премиерка е во врска со новинарот Андреа Џамбруно, со кого во 2016 година ја доби ќерката Џинерва. Интересно, но Андреа во повеќе наврати тврдел дека има сосема спротивставени политички ставови од својата партнерка и дека секогаш гласал за нејзините конкуренти.

Во август 2022, Џорџа беше вклучена во скандал, кога на својот твитер-профил објави видео што сега е избришано, на кое се гледаше како една млада Украинка е силувана во италијанскиот град Пјаченца. Новата премиерка тогаш беше обвинета затоа што јавно го проширила видеото со силување, без да добие согласност од жртвите.

ШТО СЀ СЕ ПРЕДВИДУВА ЗА ИТАЛИЈА?

Иако се предвидува дека десничарската коалиција ќе има удобно мнозинство и во горниот и во долниот дом на италијанскиот парламент, коалициските партнери имаат различни ставови за неколку прашања, кои можеби е тешко да се усогласат.
Мелони ја нагласува фискалната претпазливост со оглед на големиот италијански долг, покрај тоа што нејзината коалиција повикува на намалување на даноците и повисоки социјални давачки. Нејзиниот став за Европа со годините стана поумерен, повеќе не сака Италија да ја напушти еврозоната и силно ги поддржува европските санкции против Русија поради војната во Украина. Но таа вели дека Рим мора повеќе да се залага за своите национални интереси и го поддржува унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговите битки со Брисел. Меѓу првите лидери што ѝ честитаа на Мелони беше токму Орбан, кој е близок до Салвини и лидерите на десничарската коалиција.

За разлика од Мелони, Салвини ги доведува во прашање санкциите на Западот против Русија, а тој и Берлускони често го изразуваа своето восхитување од рускиот лидер Владимир Путин. Тие, исто така, имаат различни ставови за тоа како да се справат со зголемените сметки за енергија и дадоа низа ветувања, вклучувајќи и намалување на даноците и пензиските реформи, кои Италија ќе се бори да си ги дозволи.
Мелони ќе ја преземе функцијата од Марио Драги, поранешниот шеф на Европската централна банка, кој го сврте Рим кон центарот на одлучувањето во ЕУ, потпирајќи се на блиските врски со Париз и Берлин. Владата на технократскиот премиер Марио Драги пропадна по 18 месеци откако ја напушти популистичкото движење Пет ѕвезди. Партијата Браќа на Италија беше единствената од поголемите партии што не учествуваа во таа влада на национално единство.


Честитки до десничарската коалиција од колегите десничари во Европа

Италија веројатно ќе ја добие најдесничарската влада по Бенито Мусолини и поствоена Европа и првпат ќе има жена на премиерската функција. По објавата на првичните резултати, пристигнаа и првичните реакции од меѓународната сцена, засега главно од десничарските политичари, кои ѝ честитаа на Мелони.

Лидерката на француската крајно десничарска партија Национален фронт, Марин ле Пен, во честитката рече дека Мелони и Салвини се спротивставиле на заканите на антидемократската и арогантна ЕУ.
– Италијанскиот народ одлучи да ја земе судбината во свои раце, со избирање патриотска и суверена влада. Им честитам на Џорџа Мелони и Матео Салвини што се спротивставија на антидемократската и арогантна ЕУ, извојувајќи ја оваа голема победа – вели Ле Пен, која е меѓу првите што честита.

Во Франција, реакција стигна и од спротивниот табор на Ле Пен, премиерката Елизабет Борн, која во мај беше избрана за функцијата од претседателот Емануел Макрон.
– Не сакам да го коментирам демократскиот избор на италијанскиот народ. Сега претседателот треба да назначи премиер… – рече Борн.

Од Унгарија, каде што на власт е десничарот Виктор Орбан, се огласи неговиот политички директор Балаш Орбан.
– Честитки до Џорџа Мелони, Матео Салвини и Силвио Берлускони за победата. Во овие тешки моменти, повеќе од кога било ни се потребни пријатели што споделуваат заедничка визија и пристап за предизвиците со кои се соочува Европа – напиша тој на Твитер.

Со честитка се јави и лидерот на националконзервативната партија Вокс во Шпанија, Сантијаго Абаскал.
– Џорџа Мелони го покажа патот кон горда и слободна Европа на суверени нации, кои може да соработуваат за безбедност и просперитет на сите – напиша лидерот на шпанските конзервативци.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој доаѓа од конзервативната партија Право и правда, пак, упати само кратка честитка на Фејсбук: „Голема победа! Честитки“.